Орбан блокираше 50 милијарди евра помош за Украина

2 mins read

Украина е критично зависна од финансирањето на ЕУ и САД, бидејќи продолжува да се бори против окупаторските руски сили. Орбан најави замрзнување на помошта веднаш откако лидерите на ЕУ одлучија да отворат преговори за членство со Украина и Молдавија и да ѝ дадат кандидатски статус на Грузија

Унгарија блокираше 50 милијарди евра помош од ЕУ за Украина, само неколку часа по постигнатиот договор за почеток на преговорите за членство.

„Резиме на ноќната смена: вето за дополнителни пари за Украина“,

изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан по разговорите доцна синоќа во Брисел.

Водачите на ЕУ рекоа дека преговорите за помош ќе продолжат на почетокот на следната година.

Украина е критично зависна од финансирањето на ЕУ и САД, бидејќи продолжува да се бори против окупаторските руски сили. Орбан најави замрзнување на помошта веднаш откако лидерите на ЕУ одлучија да отворат преговори за членство со Украина и Молдавија и да ѝ дадат кандидатски статус на Грузија.

Унгарија – која одржува блиски врски со Русија – долго време се противеше на членството на Украина, но не стави вето на овој потег. Орбан за момент ја напушти преговарачката соба, во она што официјалните лица го опишаа како „однапред договорено“ и „конструктивно“, додека останатите 26 лидери продолжија да гласаат.

Портпаролот на Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет, рече дека договорот е постигнат едногласно. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави одлуката на ЕУ за преговорите за членство како „победа“.

Коментирајќи го противењето на Орбан за финансиската помош за Украина, холандскиот премиер Марк Руте рече:

„Имаме уште малку време, Украина нема да остане без пари во следните неколку недели. Се договоривме со 26 земји. Виктор Орбан сè уште не може да го направи тоа. Сосема сум уверен дека можеме да постигнеме договор на почетокот на следната година. Размислуваме за крајот на јануари“.

На раниот утрински брифинг со новинарите во петокот, Мишел потврди дека сите, освен еден лидер на ЕУ, се согласиле за пакетот помош и за пошироките буџетски предлози за блокот – иако Шведска сè уште треба да го консултира својот парламент.

„Ќе се вратиме на ова прашање на почетокот на следната година и ќе се обидеме да постигнеме едногласност“,

рече тој.

Одлуката за нов пакет помош за Украина беше отежната поради фактот што продолжувањето на финансиската поддршка за Киев е дел од законскиот предлог за сеопфатна ревизија на долгорочниот буџет на ЕУ. Европската Унија работи со седумгодишни буџетски системи, а сегашниот заеднички буџетски период е до 2027 година.

На почетокот на оваа година, Европската комисија предложи финансиска поддршка на Украина од 50 милијарди евра до 2027 година, од кои 33 милијарди евра ќе бидат издадени како заеми, а 17 милиони евра како грантови.

Украина очајно бара и американска помош

Украина, исто така, очајно бара одобрување на пакетот американска одбранбена помош од 61 милијарда долари, но таа одлука исто така се одложува поради големите несогласувања меѓу демократските и републиканските пратеници.

Украинската контраофанзива против руските окупаторски сили беше прекината на почетокот на зимата, а се стравува дека Русите би можеле да ја надминат Украина на линијата на фронтот.

САД: Ова е историски потег

Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан го поздрави „историскиот“ потег на ЕУ за отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија, нарекувајќи го „клучен чекор кон исполнувањето на нивните евроатлантски аспирации“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги пофали своите колеги лидери што покажале „силен знак на поддршка“, додавајќи дека е јасно дека и Украина и Молдавија припаѓаат на „европското семејство“. Дипломат на самитот рече дека идејата на Шолц била Орбан да ја напушти просторијата за да дозволи гласањето да помине.

Унгарскиот лидер подоцна се огради од своите колеги преку видео порака на Фејсбук:

„Членството на Украина во ЕУ е лоша одлука. Унгарија не сака да учествува во оваа лоша одлука“.

Путин: Бесплатната помош за Украина може да исчезне

Орбан, исто така, тврдеше дека Украина не треба да добива големи финансиски средства од ЕУ бидејќи не е дел од блокот.

Претходно вчера, претседателот Владимир Путин ја исмеваше Украина и тврдеше дека помошта од Западот е при крај:

„Извинете за мојата вулгарност, но сето тоа им доаѓа бесплатно. Но, таа бесплатна помош може да исчезне во одреден момент“,

рече Путин на прес-конфренецијата за медиумите.

Земјите кандидати за членство во ЕУ мора да спроведат низа реформи за да ги почитуваат стандардите кои се движат од владеењето на правото до економијата, иако извршната власт на ЕУ веќе ја пофали Украина за комплетирањето на повеќе од 90 отсто од досегашните чекори во областа на правдата и борбата против корупцијата.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Облачно со врнежи од дожд, ќе има и снег и ветер

Следно

ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски и Спасовски, се обидоа да го сокријат генералниот секретар на Град Скопје, за пријавата за семејно насилство

Latest from Blog