Таткото на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка. Како што доцна во вторник навечер соопшти Основното јавно обвинителство Скопје донесена е Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица. Четворица како соизвршители сториле две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик и две убиства на свиреп начин, едно на малолетно лице и едно од користољубие. Петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело – Грабнување на малолетно лице.

Како што велат од Обвинителството, на 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил од лице кое го убиле 5 дена претходно. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот „цитроен“.

За четворица осомничени, кои веќе се наоѓаа во 48-часовен притвор, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка вечерва достави предлог за определување мерка притвор.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.