На владина седница презентиран првиот извештај за реализација на активностите од Стратешкиот дијалог со САД

1 min read

Во извештајот на МНР за Стратешкиот дијалог, меѓу другото, се посочува дека во тек е реализација на проектите од областа „Билатерална соработка“, „Добро владеење и владеење на правото“, со посебен акцент на борбата против корупцијата, за што, како што се посочува, се реализирани многубројни посети од високи претставници на САД

На вчерашната владина седница бил презентиран првиот извештај за статусот на имплементација и реализација на активностите во рамки на Стратешкиот дијалог помеѓу земјава и САД, информираа денеска од Министерството за надворешни работи (МНР). Извештајот е изработен од МНР како координатор на целокупниот процес, а на вчерашната владина седница бил презентиран од ресорниот министер Бујар Османи.

Од МНР потсетуваат оти клучните области за соработка меѓу С Македонија и САД, кои се дефинирани со Стратешкиот дијалог, се „Регионални иницијативи“, „Одбрана и безбедност“, „Врски меѓу луѓето“, „Билатерална соработка“, „Добро владеење и владеење на правото“, „Трговија и инвестиции“.

Во областа „Регионални иницијативи“, како што посочуваат од МНР, остварена е потесна соработка и обезбедена е поддршка од САД за претседавањето на С Македонија со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) како и САД – Јадранската Повелба. Во оваа насока од Министерството посочуваат оти двете земји имаат интерес за подлабоко присуство на САД на Балканот важен двигател на развојот и стабилноста на регионот.

„Во делот ‘Одбрана и безбедност’ беа одржани заеднички обуки и вежби со САД, вклучително и со регионалните сојузници, обезбедена беше американска поддршка за континуиран развој на способностите на С Македонија за постигнување на НАТО-целите, како и соработка за јакнење на способностите за киберодбрана“,

посочуваат од МНР.

Јакнењето на образовната соработка, како и подигнување на свеста за медиумската писменост, посочуваат од МНР, се дел од проектите од областа „Врски меѓу луѓето”.

Во извештајот на МНР за Стратешкиот дијалог дополнително се посочува дека во тек е реализација на проектите од областа „Билатерална соработка“, „Добро владеење и владеење на правото“, со посебен акцент на борбата против корупцијата, за што, како што се посочува, се реализирани многубројни посети од високи претставници на САД.

„Во рамките на извештајот беше нотирана и зајакнатата соработка во рамките на Стратешкиот дијалог во делот на ‘Трговија и инвестиции’, бизнис-соработката, здравството итн“,

се додава во соопштението на Министерството.

Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан која одржа Стратешки дијалог со САД на 2 јуни минатата година. Целта на Стратешкиот дијалог е преку потесна соработка да се зајакне придонесот на САД во рамките на спроведувањето на домашната реформска агенда, зајакнување на демократскиот напредок и развој на земјава, зголемувањето на нивото на безбедноста, подигнување на животниот стандард на граѓаните, како и остварување на заемните интереси на двете земји од регионален и глобален аспект.

Од МНР информираат дека ќе продолжат да ја следат реализацијата на активностите во рамки на Стратешкиот дијалог и дека редовно ќе ја информираат Владата за статусот на реализација на проектите.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Белата куќа: Горивото треба да се достави во Појасот Газа

Следно

Израел бомбардираше уште една џамија во Газа, 33-та по ред

Latest from Blog