Мицкоски за пораките од О’Брајан: Новинарот на 360° постави наведувачко и манипулативно прашање

6 mins read

„Ценам дека прашањето беше наведувачко од страна на новинарот што го правеше тоа интервју, тој манипулираше со ВМРО-ДПМНЕ во прашањето коешто не кореспондира со позициите и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, а од друга страна, господинот О’Брајан никаде не го спомна ВМРО-ДПМНЕ. Интервјуто беше дадено пред средбата со мене. Потоа имавме ние едночасовна средба, јас имам свои позиции и свои ставови и тие сум подготвен да ги бранам“ – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Американскиот помошник-државен секретар за Европа, Џејмс О’Брајан, во Скопје рече дека тој лично би размислил дали би гласал за некој што, во контекст на пристапните преговори на земјава со ЕУ и прашањето за уставните измени, вели – можам да дојдам до подобри услови и понуда, а притоа не кажува каква и дополнително – не кажува зошто тоа би било прифатливо и за другите?

Мицкоски: Да, тоа беше кажано на медиумот за којшто сега даваме интервју и ценам дека прашањето беше наведувачко од страна на новинарот што го правеше тоа интервју, тој манипулираше со ВМРО-ДПМНЕ во прашањето коешто не кореспондира со позициите и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, а од друга страна, господинот О’Брајан никаде не го спомна ВМРО-ДПМНЕ. Интервјуто беше дадено пред средбата со мене. Потоа имавме ние едночасовна средба, јас имам свои позиции и свои ставови и тие сум подготвен да ги бранам.

360°: Во што беше манипулацијата?

Мицкоски: Ќе се вратам и на тоа ќе ви одговорам.

360°: Еве, јас ќе ви кажам – беше очигледно дека таа теза на кое било прашање сака да ја каже затоа што два пати ја повтори во интервјуто. Господинот О’Брајан два пати ја повтори на различни прашања.

Мицкоски: Да, но не го сфаќајте ова лично сега дека е поврзано со медиумот, ќе ви дадам одговор и на тоа прашање, само да ја довршам тезата. Јас сум подготвен својот став да го бранам врз основа на своите аргументи и своите позиции што ги имам и тоа го направив и со гопсодинот О’Брајан на таа средба од еден час. Јас не сум политички подлизурко, од една страна, да се подлизнувам и да виткам кичма пред влијателни меѓународни дипломатски претставници, а од друга страна – да крадам и да правам зло за сопствената држава во името на Европа. Еден висок македонски политичар спомна, мислам дека и тој беше гостин во вашата емисија, дека ВМРО-ДПМНЕ слуша меѓународните преставници што зборуват, ВМРО-ДПМНЕ тоа не го интересира, ВМРО-ДПМНЕ прави опструкција на уставните измени само за да спечали политички поени… Не, тоа е пограшна теза, тоа е многу погрешна теза.

360°: Добро, како ќе се извадите од таа ситуација?

Мицкоски: Не-не, видете, ние имаме свои принципи и тој став на тоа прашање ќе го кажаме на граѓаните во рамките на кампањата. Доколку ја добиеме довербата од граѓаните, а се темели на тој став, ние така и ќе функционираме. Ако мислите дека ќе правиме политика на осцилации – едно во опозиција, друго на власт – не. Јас верувам во ова што го правам, јас ова не го правам за политички опортунизам.

360°: Тоа може да бидат нови десет години „ништо“ во пристапниот процес со ЕУ?

Мицкоски: Не, тоа може и сто години да биде и никогаш да не биде, а може да биде и за четири години. Видовме сега на последниот Европскиот совет дека ако се има политичка волја, многу работи можат да бидат поразлични, но претпоставувам за тоа ќе ни треба уште една емисија.

360°: Да, но мислам дека компарациите што ги слушаме се несодветни – претставници на вашата партија велат – зошто Шолц не го замолил Борисов да излезе од салата на кафе… Одговорот на тоа можеби би бил – зошто Мицкоски не го замоли Орбан да го замоли Путин да ја нападне Македонија, бидејќи тоа е разликата меѓу Украина и Македонија?

Мицкоски: Не, Шолц не можел да го замоли Борисов, можела Меркел да го замоли, бидејќи со Меркел беа во исто време, а не со Шолц, премиери зборувам, потоа ниту Ангела Меркел ниту Бојко Борисов повеќе не беа премиери. Претпоставувам, Шолц требало да го замоли Петков, којшто беше претходно премиер.

360°: Но, Украина е нападната од Русија и тоа е драстично поразлична ситуација.

Мицкоски: Видете, ние зборуваме за принципи, Васко, ние не зборуваме за кој кого нападнал и како нападнал. Јас апсолутно го поздравувам потегот сега што се случи со Украина, со Молдавија и со Грузија, затоа што на тој начин ЕУ покажува и дава знак дека стои позади своите сојузници, пријатели и дека апсолутно е решена до крај да се бори против руската агресија во Украина, и не само во Украина. Јас ќе ве потсетам во Приднестровје и Транснистрија, имате 5 000 руски војници, имате две покраини во Грузија – Јужна Осетија и Абхазија, каде што имате повторно руски војници коишто не го гарантираат територијалниот интегритет ниту на едната, ниту на другата, ниту на трета држава. Јас ценам дека ова е исклучителен храбар чекор од страна на ЕУ и го поздравувам, но истовремено, овие 23 години, со многу внатрешни проблеми, поделби коишто ние како држава ги имавме, факт е дека што се однесува до посветеноста што ја имавме кон европските вредности, тоа што се бараше од нас како народ и држава, ние направивме многу повеќе отколку сите заедно нови членки на Европска Унија.

360°: Без притоа ВМРО-ДПМНЕ да поддржи ни една тешка одлука.

Мицкоски: Видете, не е тоа важно дали ВМРО-ДПМНЕ поддржало, оставете ги тие…

360°: Претендирате да дојдете на власт и веројатно е важно да знаеме што нè очекува во пристапниот процес кон ЕУ?

Мицкоски: Па, ќе видиме ВМРО-ДПМНЕ што ќе поддржува, како ќе поддржува, за што ќе се избори, која политика ќе ја води. Од позиција на опозиција се консoлидиравме, победивме два пати на локални избори, најверојатно, еве, и вие самите констатирате според анкетите дека и на следните ќе победиме… Јас можам да зборувам за ВМРО-ДПМНЕ ако правиме анализа на претходните ВМРО кога Груевски бил претседател или Георгиевски, можеме и за тоа да зборуваме, но ајде, дајте му шанса на ова ВМРО-ДПМНЕ да покаже нешто различно и да покаже нешто што досега не е видено од аспект на квалитет на политичката сцена во Македонија.

360°: Како го коментирате ставањето на Кочо Анѓушев на „црната листа“ на САД, станува збор за ваш близок човек?

Мицкоски: Не, не, не е мој близок човек, ние сме колеги на факултетот, тој е професор, јас сум професор, 30 години се познаваме, но истовремено ќе ве потсетам дека јас сум бил жесток критичар кога тој бил дел од владата на Зоран Заев.

360°: Добро, во меѓувреме, многу работи се сменија и вие од соперници, со Заев станавте политички пријатели.

Мицкоски: Па, не знам сега… Ова го ставам во делот на политичките шпекулации.

360°: А, Кочо Анѓушев е медијатор во тие контакти.

Мицкоски: Јас не можам да кажам дека сум непријател ниту со Димитар Ковачевски, јас можам да кажам дека со Димитар Ковачевски сум политички противник, јас немам непријатели во животот, да – имам политички противници, тоа е легитимно.

360°: Како го разбирате ставањето на Анѓушев на „црната листа“?

Мицкоски: Па, мислам дека тоа што го кажа американскиот амбасадор дека имаат релевантни докаази, ги повикува македонски институции да побараат и дека тие се подготвени тоа да го приложат е добар начин да се докаже тоа што е политика од страна на Стејт депаратаментот на САД, и јас очекувам дека нашите правосудни органи, наместо да се занимават со политички терор врз опозицијата, еднаш ќе се фатат за работа и ќе го побараат тоа и да го добијат и да излезат во јавност и да кажат – ова се доказите приложени против тој, тој, тој и ние ќе покренеме судски процес.

360°: Има ли пораки до вас во овие именување на „црната листа“ – со Кочо Анѓушев и претходно со Јордан Камчев?

Мицкоски: Ако мислите дека на тој начин некој мене ми испраќа порака дека би можело мене да ме стават на таа црна листа…

360°: Не, не, не мислам на тоа, тука како за луѓе што орбитрират околу вас.

Мицкоски: Ама немојте да бидете, не прифаќам така, јас со господинот Кочо Анѓушев се знам 30 години и сум бил негов жесток критичар кога бил од владата на господинот Зоран Заев.

360°: Но, знаете дека се движиме во политички кругови во коишто слушаме повеќе работи отколку што јавноста слуша?

Мицкоски: Да, ама сега да не зборауваме за тоа што се зборува, сега зборуваме за факти, а фактите се дека ние политички не сме соработувале. Да, научно на факултетот сме сорабутавале, колеги сме, јас сум бил студент…

360°: На сцена – не, но со Заев сте се среќавале во неговите простории?

Мицкоски: Не, не, такво нешто нема, такво нешто не постои.

360°: Ве прашав дали има порака до вас со ставањето на Анѓушев и на Камчев на „црната листа“?

Мицкоски: Па, не го гледам јас тоа како порака, ако така гледате дека таму има лица коишто биле порано високи преставници во ВМРО-ДПМНЕ, лица од ДУИ, тука не треба да гледаме, Васко, порака, тука треба да гледаме еден процес што треба сите нас да нè загрижи како општество и тоа што досега, за жал, нашите правосудни органи не го гледаа, конечно да прогледат. Во ред, овие лица се дел од вашите, условно кажано, црни листи – дали на некој му е забранет влез во САД, дали за некој е замрзнат имот што таму го поседува, но ве молам, дајте ни докази за да можеме тие докази пред домашното законодавство да ги процесуираме и овие лица да одговарат таму каде што ги направиле овие здодела, затоа што претпоставувам доказите се поврзани за криминалот или одреден начин на нивно делување во Македонија, не во САД. Логично е јас за мојата држава да сум позагрижен отколку што е загрижен американскиот амбасадор или некој таму што одлучува кој да биде дел од тие листи или не. Ако е така, и ако јас и вие од нашите плаќања данок им даваме плата на овие луѓе, очекуваме тие да си ја завршат работата, односно веднаш да ги побараат доказите и врз основа на тие докази да отворат истрага, и доколку постојат докази, да се отпочне процес во којшто овие лица ќе имаат можност да докажуват дали се виновни или се невини. Сè останато е естрада и фолкор. Затоа очекувам тоа час поскоро да се случи, имајќи го предвид тоа што и од страна на американскиот амбасадор има голема волја да помогне во овој процес.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Социјалните мрежи вријат, цело Скопје се чуди и тера сеир за новогодишната елка на Арсовска

Следно

Блокадите пред Републичката изборна комисија во Белград не спречија да се објават прелиминарните резултати од изборите

Latest from Blog