Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити имаше обраќање на настанот за затворање на програмата „Подобрување на отпорноста по поплави во полошкиот регион“, што денес се одржа во Тетово.
Подобрување на инфраструктурата за заштита од поплави со уредување на речното корито во Боговиње, изградбата и чистењето на канализацијата во Тетово и Гостивар, чистењето и стабилизацијата на речното корито на Вардар во Гостивар и Јегуновце, се само дел од значајните инвестиции на проектот за подобрување на отпорноста кон поплавите во Полог.
Во рамките на проектот беа стабилизирани и 7 критични свлечишта, а беа пошумени и 42 хектари во националниот парк Шар Планина.
Овој исклучително значаен повеќекомпонентен проект ја поттикна трансформациска промена во управувањето со ризикот од поплави во регионот, забрзувајќи ја промената од чисто реактивни одговори на поплави кон интегрирани системи за управување со опасностите, ранливостите и изложеноста на заедниците и добрата за да се спречат или ублажат загубите и да се олесни влијанието на идни поплави.
Напоредно со инраструктурни зафати се спроведуваше едукација за зголемување на отпорноста и подготвеноста на локалните заедници за справување со елементарните непогоди и природни катастрофи.
„Подобрувањето на отпорноста на поплави во полошкиот регион е многу важно прашање за зачувување на безбедноста, животната средина и одржливиот развој на овој регион“ изјави Меџити нагласувајќи дека проектот помогна да се изгради посилен и поодржлив систем за управување со ризик од поплави и создаде можности за понатамошен развој на заштитната инфраструктура во регионот.
„Министерството за животна средина и просторно планирање беше во тесна координација со локалните власти и другите агенции вклучени во управувањето со поплавите, а ова партнерство обезбеди координиран пристап за решавање на проблемите поврзани со поплавите и опасноста од водите“ додаде тој.
Покрај инфраструктурните интервенции, со проектот се зајакнаа и капацитетите на регионалните и националните тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, противпожарните служби и спасувачите од Министерството за внатрешни работи. Се формираа и мрежата за заштитен и отпорен Полог како и заедничкото административно тело од сите градоначалници, чија главна задача е да се грижат за одржливоста на проектните интервенции.
Одржливоста на инвестициите финансирани од Владата на Швајцарија, беа во фокусот на обраќањето на амбасадорката Вероник Улман.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации, Армен Григорјан во своето обраќање нагласи дека постигнатите резултати мора да се одржуваат и натаму и дека УНДП останува силен партнер на државата во зајакнувањето на отпорноста кон катастрофите.
Проектот „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот регион“ го финансираше владата на Швајцарија со 12 700 000 американски долари додека дополнителни 400 000 долари вложи Министерството за животна средина и просторно планирање и 130 000 долари општините во регионот.
Го имплементираше Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините во Полог.
ИЗВОР: kurir.mk