Креаторите на лажни Трамп картички почнаа да ги бришат дигиталните траги

1 min read

Како што утврди Радио Слободна Европа (РСЕ), целата содржина набрзо e избришана од групата.

И таа не е единствената.

Два дена откако РСЕ ги објави деталите за интернет-механизмот воспоставен со цел десетици Македонци, главно од градот Велес, да извлечат пари од американските граѓани, содржината на повеќето канали на Телеграм беше избришана.

Имено, како што утврди РСЕ, во мрежата беа вклучени 69 луѓе и вкупно 88 веб-страници.

Веб-страницата Trump Family Coin пред и по објавувањето на истражувањето на РСЕ за онлајн измама.

Веб-страницата Trump Family Coin пред и по објавувањето на истражувањето на РСЕ за онлајн измама.

Третина од сајтовите од 28 февруари повеќе не се активни . Поточно, од вкупно 88 веб-локации пронајдени од новинарите на РСЕ, 23 се затворени, додека на 10 опциите за плаќање се оневозможени .

Надлежните органи во Северна Македонија и САД не се произнесоа по ова прашање.

Што претходеше?

Истражувањето на РСЕ за продавачите на лажни производи од Северна Македонија ги следи дигиталните траги на мрежа на поединци кои создадоа лажни понуди за продажба на картички со ликот на Трамп.

На американските граѓани преку огласи им се креира приказна дека производите купени денеска со ликот на Трамп ќе вредат милиони по неговото враќање на власт.

Веб-страницата на Trump Loyalty Card е затворена по објавувањето на истрагата на РСЕ за шеми за дигитална измама.

Веб-страницата на Trump Loyalty Card е затворена по објавувањето на истрагата на РСЕ за шеми за дигитална измама.

Всушност, се нудат целосно безвредни картички, монети, налепници, стикери и многу слични производи.

Претставници на платежна платформа без одговар на прашањата од РСЕ

Дигиталниот пат од сајтовите дополнително ги води купувачите до платформата за плаќање CopeCart регистрирана во САД.

Претставниците на оваа платформа не одговорија на низа прашања од РСЕ до моментот на објавување на текстот.

Осумдесет и шестгодишната Ен Братон од Тенеси преку огласи и оваа платежна платформа купила неколку лажни картички, и своето искуство го сподели со РСЕ.

Таа во последните години потрошила повеќе од 30.000 долари на различни картички и финансиски производи.

Од платформата CopeCart не одговорија дали се запознаени со случајот на Бартон, како и како постапуваат во такви ситуации.

РСЕ откри и дека 33 македонски граѓани кои продаваа картици или монети со ликот на Доналд Трамп ги повлекоа своите производи од платформата CopeCart.

До објавувањето на овој текст, CopeCart не понуди објаснување зошто овие „продавачи“ ја напуштиле дигиталната платформа.

Што треба да знаете за Велес?

Градот Велес, во кој живеат нешто повеќе од 45.000 жители, стана познат пред изборите во САД во 2016 година, кога светските медиуми открија дека таму беа создадени повеќе од 100 политички веб-страници на кои се споделуваа лажни вести, обично поволни за политиката на Трамп.

Сајтовите користеа содржини од екстремно конзервативни блогови и ги рекламираа преку Facebook, генерирајќи милиони прегледи месечно.

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

Прехранбените производи уште денеска со гарантирана цена

Следно

Украина тврди дека соборила руски борбен авион над источните делови на земјата

Latest from Blog