Ковачевски: Раскинување на договорот со изведувачот и барање нов е една од опциите за автопатот Кичево – Охрид

2 mins read

За претходно дадениот рок и ветувањата дека делницата ќе биде готова до крајот на декември оваа година, премиерот кажа дека тој рок го имале изведувачите согласно со договорот и оти смета дека е недозволиво пратениците повторно да одлучуваат за негово продолжување

Договорот за изградба на делницата е потпишан пред точно 10 години со кинески „Синохидро“, а за тоа досега се потрошени 421 милион од предвидените 598 милиони евра, иако првичната сума за проектот беше 374 милиони

Недозволиво е еден автопат од 40 километри да се гради повеќе од 10 години и сè уште да не е направен и притоа пак да се бара одложување (на рокот) кое треба да оди пред пратениците, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во врска со изградбата на автопатот Кичево – Охрид, чиј изведувач е кинеската компанија „Синохидро“.

Градежни работи на автопатската делница Кичево – Охрид / Фото: „360 степени“

Од таа причина, како што посочи Ковачевски, веќе ги информирал дел од колегите во Владата дека ќе бара ревизија од Државниот завод за ревизија (ДЗР) на проектот врз основа на кој ќе се носи одлука што понатаму.

Една од опциите на која според премиерот треба да се размислува е и раскинување на договорот со изведувачот.

„Овој проект 10 години не е завршен од низа причини кои се однесуваат од проектирање до изведба на самиот проект, а исто така и на самиот почеток знаете дека тој беше предмет на голем број на контроверзии во кои не би сакал да навлегувам. Сметам дека треба да се размислува и во насока на раскинување на овој договор и барање на изведувач кој ќе го направи на квалитетен начин, а не да гледаме пат којшто се прави, во кој се инвестираат пари, а досега нема еден метар автопат пуштено на делницата Кичево – Охрид“,

рече Ковачевски на прес-конференцијата во рамките на Првата конференција за патна инфраструктура – Искуства, предизвици и перспективи, која денеска и утре се одржува во Охрид.

Прашан за претходно дадениот рок и ветувањата дека делницата ќе биде готова до крајот на декември оваа година, премиерот кажа дека тој рок го имале изведувачите согласно со договорот и оти смета дека е недозволиво пратениците повторно да одлучуваат за негово продолжување.  

„Самиот договор претставува закон и секоја негова промена и секој негов анекс практично се одобрува од пратениците. Меѓутоа, после десет години сметам дека е недозволиво пратениците повторно да разгледуваат продолжување на нешто што требало да се заврши пред многу години и затоа е потребна ревизија врз основа на која ќе се предложат решенија кои конечно ќе значат завршување на овој проект“,

рече премиерот.

Премиерот Димитар Ковачевски одговара на новинарски прашања за време на денешниот настан во Охрид Фото: Принтскрин

Говорејќи во таа насока, тој рече дека не може да прејудицира какви одлуки би донеле Владата и Собранието бидејќи станува збор за закон изгласан во Собранието, но повторно посочи дека една од опциите е „секако, раскинување на договорот“.

Во однос на ревизијата што најави дека ќе ја бара, премиерот рече дека таа ќе покаже кои се елементите што предизвикале толку многу да се доцни со изградба на автопатската делница.

„Апсолутно дека таа ревизија ќе покаже кои се елементите коишто предизвикале да има толкаво доцнење на патот. Едно е ревизија којашто би ја направила државната ревизија, исто така, ќе треба да се направи во иднина и ревизија на проектирањето, што практично е нешто што го прават специјализирани компании за да се види точно зашто се случувало доцнењето, како тоа се појавувале свлечишта коишто не биле проектирани и постојано се одолговлекува работата со постојано гласање на нови анекси во Собранието“,

изјави премиерот.

Мостот кај Добреноец на автопатот во изградба Кичево – Охрид / Фото: „360 степени“

„360 степени“ пред точно еден месец објави сторија за состојбата со изградбата на оваа автопатска делница. Сликата на терен остава впечаток дека нема реални изгледи изградбата на автопатот од Кичево до Охрид да заврши во 2023 година, како што беше предвидено со закон. Договорот за изградба на делницата е потпишан пред точно 10 години со кинески „Синохидро“, а за тоа досега се потрошени 421 милион од предвидените 598 милиони евра, иако првичната сума за проектот беше 374 милиони.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на прашањето тогаш дали и понатаму очекува автопатот да биде завршен до крајот на оваа година, рече:

„Ние ќе направиме сè, ги правиме сите координации и притисоци за изведувачите на терен да ја завршат својата задача бидејќи институциите својата задача си ја завршија“

Бочварски тогаш изјави и дека автопатот ќе биде пуштан во употреба делница по делница.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

ЈОРСМ: Изнесените информации за предистрагата за Онкологија се погрешни и може да ја вознемират јавноста

Следно

Чупеска и Спасеновски едногласни: Ја немаме веќе комоцијата за долги преговори како со Грција

Latest from Blog