Како мајка и ќерка од С Македонија ја видоа војната во Израел во живо: Додека бомбите паѓаа, бегавме кон Тел Авив со последните шекели в рака

October 12, 2023
5 mins read

Страшно. Немам други зборови со кои можам да го опишам тоа што го поминавме. Беше сосема нормална вечер, а веќе утрото нè разбудија силните сирени кои значеа дека нешто не е во ред. Во еден момент почнаа да се слушаат силни експлозии. Иако беше сè уште неразденето надвор, сè блештеше од експлозиите. Сè се тресеше. Не знаевме каде да одиме и што треба да правиме, вели нашата соговорничка

Она што ја разочарало нашата соговорничка е, како што вели, тоа што МНР и амбасадата во Тел Авив во првите денови од нападот не се потрудиле да им обезбедат безбеден транспорт од Ашдод до Тел Авив

ФОТО: EPA-EFE/MOHAMMED SABER

Со солзи во очите и со стиснати тупаници, 53-годишната Р. С. и нејзината ќерка, 21-годишната Р. А., за „360 степени“ раскажуваат за патот кој го имаат поминато од израелскиот град Ашдод до Скопје.

Додека го водевме разговорот, тие сè уште беа во шок од тоа што од саботата до вторникот го доживеале во Израел, во времето додека траеше нападот на групата Хамас од Појасот Газа врз Израел.

На нашето прашање дали може да ги објавиме со целосно име и презиме, тие нè замолија да останат само со иницијали, а образложението им беше за да се заштитат себеси од понатамошни испрашувања од јавноста.

„Страшно. Немам други зборови со кои можам да го опишам тоа што го поминаваме. Беше сосема нормална вечер, а веќе утрото нè разбудија силните сирени кои значеа дека нешто не е во ред. Во еден момент почнаа да се слушаат силни експлозии. Иако беше сè уште неразденето надвор, сè блештеше од експлозиите. Сè се тресеше. Не знаевме каде да одиме и што треба да правиме. Останавме во станот и чекавме некој од локалните жители да ни каже што се случува“,

вели Р. С.

Денот, додава таа, помина под стрес, седевме дома и само чекавме кога ќе ни кажат да одиме во скривница.

Среќа беше што во зградата каде што живеевме, вели таа, имаше локални жители кои се ни објаснија и се обидоа да ни дадат каква-таква утеха дека не е ништо страшно и оти се навикнати на тоа.

„Ќе заврши за два-три дена, ни рекоа“,

додава нашата соговорничка.

Но, тоа, како што рече, не било доволно за да ги одврати од намерата да се вратат дома.

„Преку роднини од Македонија ги добивме телефонските броеви од македонската амбасада во Тел Авив и веднаш почнав да ги барам. Требаше време за да ги добијам, но по неколку обиди повикот беше успешен. Тоа беше првата трошка надеж“,

вели Р. С.

Откако им објаснив дека со ќерката сме сместени во градот Ашдод, што е на околу 20 километри од Појасот Газа, нè евидентираа и рекоа дека ќе нè контактираат за тоа што треба понатаму да правиме.

„Тоа беше сè за тој ден, сабота, 7 октомври. Останавме во домот кој продолжуваше да се тресе од бомбите, а сирените за тревога само го дополнуваа стравот од тоа што нè чека во текот на ноќта“,

вели Р. С.

ФОТО: EPA-EFE/ATEF SAFADI

Нов ден, нова надеж за заминување

Наредниот ден, раскажува Р. С., почна помирно, но не беше така до вечерта.

„Повторно ги барав во амбасадата и за среќа успеав повторно да стапам во контакт. Лицето со кое контактирав, кој беше навистина премногу љубезен, ми рече дека ако успееме за пет минути да се спакуваме и да тргнеме кон аеродромот во Тел Авив, можеби и ќе се качиме на авион за Тирана. Тоа не беше возможно, а и веднаш ни беше кажано дека празните места во авионот веќе биле пополнети и дека за нареден лет ќе нè контактираат“,

објаснува Р. С.

Тоа беше знак дека веќе треба да сме подготвени. Додека се слушаа сирените и сè се тресеше, ги подготвивме основните работи што ни се потребни. Во меѓувреме од соседите стигна предупредување дека вечерта по 19 часот можно е да има напади и дека треба да сме подготвени да заминеме во скривница. Среќа што немаше потреба од тоа.

Утрото, на 9 октомври, со првите знаци на разденување, Р. С. вели дека со ќерката веќе се решиле дека ќе заминат на аеродром.

„Се јавив повторно во амбасадата за да ги известам дека ние ќе бидеме на аеродромот во Тел Авив и дека во секој момент ќе може да се качиме на авион, кога ќе ни обезбедат. Оттаму добив предупредување дека на своја одговорност одиме и оти не се знае дали и кога ќе има лет. Но, ние бевме решени и со уште двајца пријатели, кои исто така беа од Македонија, заминавме со такси кон аеродромот“,

додава Р. С.

Со стигнувањето на аеродромот, како што вели Р.С., растела и надежта дека наскоро ќе бидат дома.

„Но, тогаш почнаа уште поголемите стравови. Додека одевме по шалтерите на авиокомпаниите за да бараме лет за до било каде во Европа, одеднаш се направи голема паника и само видовме дека сите бегаат во еден правец. Не знаевме што се случува. Единствено во тој момент го земавме ранецот каде што ни беа пасошите и парите и со плачење почнавме и ние да бегаме. За неколку минути ситуацијата се потсмири и тогаш ни објаснија дека биле уклучени сирените за можен напад“,

додава Р. С.

Испаничена, вели таа, се јавив повторно во амбасадата и им кажав што се случува, а оттаму ми рекоа дека сепак сме таму на најбезбедно.

„Стравот и стресот што го видов во очите на ќерка ми и на пријателите кои беа со нас, солзите кои не престануваа да течат, ми беа доволни за да продолжам да барам излез од Израел. Расплакани, трчавме по шалтерите и баравме лет. Среќа што во една компанија, кога нè видоа преплашени, ни рекоа дека има четири празни места за летот за Атина. Веднаш извадивме пари за да платиме и тоа веќе беше едниот светол зрак. Но, на патот до облаците имаше уште неколку панични трчања и криење кога се уклучуваа сирените“,

додава Р. С.

И конечно, додава таа, ја преминавме линијата на царинската проверка. Со сместувањето во авионот неизвесноста не исчезна, вели таа, додавајќи дека најсигурно им било кога ќе знаеле дека се веќе над облаците. Во тој момент на Вибер добиле фотографија од пријатели Израелци кои живееле во нивната зграда, а на која се гледало дека во непосредна близина на местото каде живееле, во градот Ашдод, била падната бомба. Знаев, додава таа, дека заминувањето го направивме во вистинскиот момент.

„По неколку часа чекање, со звукот на моторите и полетувањето, срцето ни дојде на место. Тогаш почнаа солзите радосници сами да течат, емоциите не се контролираа. Кога слетавме во Атина, тогаш веќе знаевме дека сме успеале. Грчките авиокомпании, каде се обративме, веднаш ни излегоа во пресрет и ни најдоа лет до Солун. По неколку часа чекање на аеродром и краткиот лет, бевме најблиску до дома“,

раскажува Р. С.

Од Солун до Скопје, Р. С. ни кажа дека се вратиле со автомобил на сопругот кој отишол таму за да ги земе.

„Тие километри беа можеби најдолгите што сме ги поминале и беа последните што нè донесоа до мирот дома“,

додава таа. 

Ја известивме амбасадата во Тел Авив дека сами успеавме да се снајдеме

Кога успеале да се качат на авионот за Тел Авив, Р. С. вели дека повторно се јавила во амбасадата за да ги извести дека сами успеале да се снaјдат и да си ги платат картите со свои пари, а оттаму им посакале да имаат среќен пат.

„Кога утрото стигнавме во Македонија, видов дека медиумите пренесуваат информација од Министерството за надворешни работи оти уште десет македонски граѓани, преку различни канали го напуштиле Израел, и тоа четворица со лет до Атина, петмина до главниот град на Црна Гора, Подгорица, а едно лице со лет до Истанбул. Јас, ќерката и двајцата наши пријатели од градот Ашдод бевме тие четворица кои нè евидентирале на летот до Атина“,

додава таа.

Она што ја разочарало нашата соговорничка е, како што вели, тоа што МНР и амбасадата во Тел Авив во првите денови од нападот не се потрудиле да им обезбедат безбеден транспорт од Ашдод до Тел Авив.

„Се надевам дека државата, барем сега откако сами се снајдовме да се вратиме, ќе ни ги рефундира средствата кои ги дадовме за авионските карти. Тоа беа единствените пари кои ги имавме. А, траумите кои ги доживеавме дополнително ќе ни излезат на виделина“,

додава Р. С., која додека го водевме разговорот, се испаничи од пукотниците на огномет кои се слушаа во позадина.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Изложба на дела од американскиoт филмски режисер Џон Џост во Центар Јадро

Следно

Османи: Од Израел вратени 60 наши граѓани, останатите 90 се очекуваат во текот на утрешниот ден

Latest from Blog

Мик Шумахер го напушта Мерцедес

По две години, Мик Шумахер ќе го напушти Мерцедес, каде што беше резервен возач, а работеше на симулаторот и даваше повратни информации во текот на тестовите и на трките. Покрај обврските во

Холандските обвинители работат на блокирање на извозот на делови за авионите Ф-35 во Израел

ХАГ (АА) – Главниот обвинител на холандскиот Врховен суд побара одобрување на одлуката на Апелациониот суд за стопирање на извозот на делови за борбените авиони Ф-35 во Израел, се вели во официјалното

Во тешка сообраќајка загина Живко Пејковски, поранешен пратеник

Во сообраќајна незгода денеска загина Живко Пејковски, поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на затворот „Идризово“. Веста за неговата смрт ја потврди и неговиот син преку објава на социјалните
Go toTop