ИСТАНБУЛ (АА)
– Мехмет КАРА
Јапонецот Мотоки Сато, кој од Јапонија ја започна својата илјадници километри долга пешачка авантура со „рикша“ и стигна до Истанбул, изјави дека никогаш нема да ги заборави гостопримството и добронамерноста на кои наишол во Туркије.
Тој тргна од Јапонија кон Париз пред околу 11 месеци, со „рикша“ натоварена со неговите лични работи, а во Туркије влезе преку областа Хакари, претходно патувајќи низ Виетнам, Камбоџа, Тајланд, Индија, Пакистан и Иран.
Во текот на патувањето некогаш кампува со шатор на планинските предели каде што температурите достигнуваат и до минус 30 степени, а понекогаш е гостин во домовите на луѓето што ги среќава. По едномесечно пешачење стигнал во Кајсери, од каде што тргнал со автобус и пристигнал во Истанбул, плашејќи се да не му истече европската виза.
Сато, кој една недела му е гостин на Ведат Балкиз кој е восхитен од Јапонија и подолго време го следи на социјалните мрежи, својот прв чекор во Европа го направи со патувањето до Еминону со траект.
Планира да стигне до Париз пешачејќи уште околу 2.500 километри.
Јапонскиот патник Сато ја продолжува предизвикувачката авантура со „рикша“ од Истанбул. На новинарот на АА му зборуваше за своите искуства во Туркије.
– „Видов дека луѓето се многу пољубезни и поискрени отколку што замислував“
Сато вели дека негов сон е да стигне во Париз со „рикша“ и додаде дека целта на пешачењето е само забава.
Зборувајќи дека стигнал во Туркије по тешко 10-месечно пешачење, Сато истакна:
„Турците беа многу пријателски расположени и љубезни. Откако влегов во Туркије, тие постојано ме повикуваа да останам во нивните домови и да јадам. Но особено Ведат, тој многу ми помогна. Тој е најдобриот човек што некогаш сум го запознал. Во ниеден момент не ме остави сам на ова патување.“
Раскажувајќи дека е многу задоволен од интересот што го покажале луѓето, Сато рече:
„Го носам јапонското знаме. Турците се многу изненадени кога ќе слушнат дека доаѓам од Јапонија. Сите луѓе што ги среќавам зборуваат за односите и историјата на Туркије и Јапонија. Многу сум среќен што знаат за односите помеѓу Туркије и Јапонија.“
Поради зимската сезона во Туркије Сато рече дека ова е физички најпредизвикувачкиот дел од пат досега и додаде:
„Кога влегов во Туркије, можеби тоа беше најстудениот период. Пешачев низ планините. Висината беше околу 2.500 метри и навистина беше многу студено. Понекогаш температурите беше околу -15 степени. Ми замрзнаа и водата и маслото. Сѐ замрзна.“
Објаснувајќи дека Туркије била еден од најважните и незаборавните патишта на неговото патување, Сато објаснува:
„Првпат сум во Туркије. Најмногу што знаев за Туркије беше донер ќебап. Откако дојдов, сфатив дека луѓето се многу пољубезни и поискрени отколку што замислував. Бев многу импресиониран од нивното гостопримство. Сите знаат многу повеќе за Туркије и Јапонија од мене. Навистина бев многу изненаден. Јапонија и Туркије имаат многу добри односи, засекогаш треба да го чуваме ова пријателство. Многу сум среќен што сум тука. Нема да го заборавам ова место.“
– „Не го издвојував Мотоки од моите деца“
Ведат Балкиз, кој една недела во својот дом му беше домаќин на Јапонецот кој патува низ светот, рече дека одлично се дружеле со Мотоки. Балкиз рече дека многу ја сака Јапонија.
„Неколкупати патував во Јапонија. Штом видов дека Мотоки влезе во Туркије, веднаш контактирав со него. Помина тешко и студено патување. Кога пристигна во Истанбул, веднаш го поканив во мојот дом. Со автомобил отидовме во околината на џамијата Аја Софија. Со мојот мотоцикл го прошетав по историските места на Истанбул и ридот Чамлиџа.
Остана во мојот дом заедно со моето семејство. Не го издвојував од моите деца. Ги задоволив сите негови потреби. Додека дење работев, тој подготвуваше содржини за социјалните мрежи. Многу го засакавме Мотоки.“
Одбојкарот Ерсин Дургут, кој помина една недела со Мотоки, рече:
„Заедно поминавме одлично време. Отидовме на историскиот полуостров, џамијата Аја Софија, областа Султанахмет и многу други историски места. Не можевме многу да прошетаме бидејќи времето беше лошо.
Како карактер, тој е навистина многу добра личност. Му раскажавме за турските традиции и обичаи. И тој одлично ни возврати со својот однос. По една недела Мотоки рече дека ќе тргне на пат. Сега ќе се збогуваме со него. Мислиме да го посетиме кога ќе се врати во Јапонија.“
Извор: Anadolu Agency (AA)