Инаетот на политичарите го остава Охрид без јавна катна гаража

1 min read

Додека Охрид се соочува со сериозен недостиг на паркинг места, проблем кој доаѓа до израз за време на туристичката сезона, градот никако да ја добие долгонајавуваната катна гаража. Граѓаните велат дека на Охрид му е повеќе од потребен ваков објект поради неподносливиот сообраќаен хаос што се создава на лето.

„Потребно му е особено во пазариот дел, сите се паркираат на улиците. Тоа е проблем за сообраќајот, за пешаците. Пазарот кога го градеа требаше да направат гаража на три ката“, рече еден граѓанин.

„Многу му е потребно, затоа што 1.000 автомобили ќе се паркираат, плус пари многу ќе се соберат. Јас вчера бев во Прилеп, 100 денари е паркирање цел ден во катната гаража“, рече еден граѓанин.

Гаражата партиите ја ветуваат при секоја предизборна кампања. Но, според министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, изградбата на катна гаража во Охрид не било проект од јавен интерес.

„Од јавен интерес градби се училишта, градинки, спортски терени, меѓутоа катна гаража баш не е“, додаде Бисера Костадиновска Стојчевска-министерка за култура.
Но, граѓаните го мислат спротивното.

„Како не е од јавен интерес?! Ќе се растоварат улиците, ќе си паркираат луѓето таму. Ќе си платиш и ќе си паркираат. Корисно е“, рече еден граѓанин.

Градоначалникот, Кирил Пецаков, ја обвинува токму министерката Стојчевска дека ја кочи изградбата на гаражата. Тој тврди дека Националната комисија на УНЕСКО, каде што секој објект во Охрид требало да добие дозвола, одобрила да се гради гаража.

„Што значи дека ние веќе ќе имавме конзераваторско одобрение и одобрение за градба и многу скоро би можеле да ја отпочнеме постапката, каде општина Охрид би ја финансирала таа катна гаража, а не некој друг…“, рече Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.

Но, од Министерството за култура тврдат дека министерката не дава никакво одобрение за градба, а дополнително на тоа, за гаражата велат дека надлежно било сосема друго тело, а не Комисијата за УНЕСКО, што ја споменува Пецаков.

„Таа надлежност ја има Комисијата за управување со природното и културното наследство со Охридскиот регион… Комисијата брои 23 члена, што значи за правосилна одлука се потребни 12 гласа“, велат од  Министерство за култура.

Толку гласови, според министерството, никогаш не биле собрани. На овој начин, најголемиот туристички центар и ова лето се чини дека ќе се соочи со сообраќан хаос. Со сличен проблем на лето се соочува и Струга каде локалната власт вети подземен паркинг, но ниту тој никогаш не беше изграден./Алсат.мк

Мики Трајковски

Извор: alsat.mk

Претходно

Ден на македонскиот јазик

Следно

Коњуфца: ЕУ со нетрпение очекува да работи со српската влада, а не е подготвена да ги укине мерките кон Косово

Latest from Blog