Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска се обрати на 23. Виенски економски форум, каде што ја истакна важноста на регионалната економска соработка, заедничкиот настап на европскиот пазар и реализацијата на крупните инфраструктурни проекти во Македонија.
Николоски нагласи дека економската соработка меѓу земјите од регионот е повеќе од потребна заради зголемување на конкурентноста и постигнување повисок степен на економски развој.
„Предизвикот за земјите од нашиот регион е како заеднички да настапуваме на европскиот пазар, како да се натпреваруваме со конкуренцијата и како да постигнеме повисоко ниво на развој“, истакна Николоски.
Во своето обраќање тој посебно внимание посвети на инфраструктурните инвестиции во Македонија, посочувајќи дека развојните проекти на коридорите 8 и 10 се во вредност меѓу 5 и 6 милијарди евра.
Според Николоски, активно се работи на изградбата на железничката инфраструктура на источниот дел од Коридорот 8, додека подготовките за почеток на изградбата на брзата железница на Коридорот 10 се во напредна фаза.
Паралелно со железничките проекти, се реализираат активности за доизградба и модернизација на патната инфраструктура на Коридорот 8, преку изградба на автопати и експресни патишта.
„Наша цел е Македонија да стане вистинска крстосница на Балканот, каде што ќе се спојуваат бизнисот и економијата и ќе придонесеме за зајакнување на безбедноста“, порача Николоски.
Тој оцени дека Виенскиот економски форум претставува значајна можност за промоција на македонските развојни политики, воспоставување нови деловни контакти и привлекување потенцијални странски инвеститори.
Николоски нагласи и дека на Македонија ѝ се потребни меѓународни пријатели и силни партнерства, додавајќи дека преку ваквите форуми се создаваат можности за нови форми на институционална соработка со европските партнери.

