Северна Македонија ја доби првата жена – претседателка на државата по вториот круг претседателските избори на 8 мај, во кој се натпреваруваа двајца кандидати со најмногу гласови во првиот круг две недели претходно.
Универзитетската професорка Гордана Сиљановска – Давкова, поддржана од опозициската десничарска партија ВМРО-Демократска партија за македонско национално единство (ВМРО-ДПМНЕ), освои повеќе од двојно гласови од актуелниот претседател Стево Пендаровски, се првичните резултати од Државната изборна комисија(ДИК).
„Искрено, си се прашувам неколку часови со што ја заслужив оваа чест. Знам дека се подготвував, се посветив на кампањата, го кажував она што го мислам, а не она што сака некој да го чуе. Наградата е непроценлива за мене, но тоа е и огромна одговорност“, беа зборовите на Сиљановска-Давкова по првичните резултати што покажаа дека таа е во убедливо водство пред противкандидатот.
Пендаровски беше кандидат на Социјадемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), левичарска партија која ја предводи Владата на Северна Македонија во последните седум години.
Годинашниве претседателски избори беа втор обид на Сиљановска-Давкова да го победи противкандидатот Пендаровски, откако двајцата се соочија во финалниот круг на претседателските избори во 2019 година.
Првиот пат беше неуспешен за неа – Пендаровски ја победи ривалката со разлика од околу 58.000 гласови.
Европеизација да, уставни измени под знак прашање
Првата задача на новата власт ќе бидат евроинтеграциите. За прашањето со уставните амандмани, во програмата на Сиљановска-Давкова пишува дека како претседател ќе гради консензус со владата, но и со опозицијата.
„Поентата на европската интеграција е европеизација според копенхагенските критериуми. Во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка нема ниту еден дел за промена на Уставот на Република Македонија“, пишува во програмата.
Македонската влада го усвои текстот за уставни измени во јули 2023 година. Според текстот, во Преамбулата на Уставот треба да се внесат неколку народи, меѓу кои и бугарскиот народ. Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов Северна Македонија да ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија.
Во јавните настапи, Сиљановска-Давкова одбегнува политички одговори на дел од актуелните политички прашања и се држи главно на одговори што ги дава теоријата на правото.
Во интервјуто за РСЕ Силјановска вели дека претседателот на државата не одлучува дали ќе има измени на уставот. Но на прашањето што ако новиот состав на Собранието ги изгласа уставните измени, а таа е претседателка на Северна Македонија, Сиљановска-Давкова рече: „Се разбира дека ќе го почитувам тоа бидејќи уставотворен орган е Собранието. Немам проблем“.
Без „Северна“ пред Македонија во обраќањата до јавноста
Презентирајќи ја платформата со која настапи на претседателските избори, Сиљановска-Давкова кажа дека „тоа е програма за заштита на државните интереси и враќање на гордоста на Македонија“.
Во таа насока и слоганот на кампањата беше „Македонија повторно горда!“.
Таа во кампањата не ја употреби придавката „Северна“ пред името Македонија, како што е новото име на државата според Преспанскиот договор потпишан со Грција во 2018 година.
„Почитувајќи ја јасно изразената волја на македонските граѓани од септември 1991 година, како и од септември 2018 година, но и како граѓанин, во обраќањата до јавноста нема да ја користам придавката „Северна“, пишува во програмата со која настапи на изборите.
Преспанскиот договор во 2018 година го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никос Коѕијас и Никола Димитров, како решение за македонско-грчкиот спор за името Македонија за кој 27 години се водеа преговори меѓу двете држави.
Прашалник за Преспанскиот договор
Во делот на надворешната политика, Сиљановска-Давкова се обврза и дека ќе биде „активен лобист“ пред се, во земјите членки на Европската унија (ЕУ), за отворање на патот на Македонија кон ЕУ. Но, уште го смета „правно и политички“ отворено прашањето за Преспанскиот договор.
„Преспанскиот договор, заедно со уставните измени, беше донесен со кршење на националното право и е спорен во рамките на меѓународното право, посебно во врска со правото на самоопределување, принципот на еднаквост на државите, мешањето во внатрешните работи на суверена држава, а задирањето во идентитетот е и сериозна повреда на колективните и на индивидуалните човекови права на граѓаните на Македонија“, пишува во нејзината програма.
Во настапи во кампањата, Сиљановска-Давкова рече дека во врска со Преспанскиот договор, „сите нејзини постапки ќе бидат во рамки на домашното и на меѓународното право“.
Претходно, во интервју за Радио Слободна Европа, на прашање како ќе настапува пред меѓународните организации, Сиљановска-Давкова кажа дека таа нема да ги трга таблите со името, “бидејќи тука некој потпишал, тоа е факт“.
Повеќе искуство во науката, помалку во политиката
Сиљановска -Давкова ќе наполни 71 година на 11 мај, ден пред истекот на мандатот на актуелниот претседател Пендаровски.
Нејзините подолги обраќања на митинзите ѝ дадоа „академски“ стил на предизборната кампања, наместо патриотските говори карактеристични за десничарска партија како што е ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, навреди и препукувања меѓу противкандидатите не беа одбегнати.
Иако низ годините повремено влегуваше во политичката арена, во различни улоги, Сиљановска -Давкова во јавноста е најпрепознатлива како правен експерт.
Таа од 2004 година е редовна професорка по уставно право, политички систем, современи политички системи и локална самоуправа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Претходно, докторирала на правни науки на Универзитетот во Љубљана во 1993 година.
Во академскиот ангажман, авторка е на повеќе од 200 научни дела од областа на уставното право. Основач е и на првиот Совет на европско движење во Македонија. Членувала во бројни домашни и меѓународни институти и правни асоцијации, меѓу кои и во Венецијанската комисија за малцински прашања.
Прв пат министерка во 90-те во владата на Црвенковски
Првпат во политиката влезе во 90-тите години од минатиот век, на предлог на Либерална партија, како министерка без ресор во првата влада на тогашниот премиер од СДСМ, Бранко Црвенковски (1992-1994 година).
Од тоа време ја следат и „сенки“ поврзани со името на нејзиниот сопруг. Противниците и денес ја обвинуваат дека како член на тогашната влада, Сиљановска-Давкова наводно му овозможила на сопругот влез во бизнис со фришоп преку кој наводно заработувале по илјадници евра дневно.
Посилно се активираше во 2004 и 2005 година, кога истапи против Законот за територијална организација познат како поделба на општините по Рамковниот договор (потпишан во Охрид 2001 година и со кој се стави крај на конфликтот во Северна Македонија).
Со овој закон се создадоа повеќе општини со мнозинско албанско население.
Во 2017 година, беше гласна против Законот за употреба на јазиците, со кој албанскиот јазик стана втор службен јазик во Северна Македонија. За овој закон, Сиљановска-Давкова говореше дека е противуставен и дека го урива духот на Рамковниот договор.
Пратеничка од парламентарните редови на ВМРО-ДПМНЕ од 2020
На парламентарните избори во 2020 година, Сиљановска-Давкова беше носителка на кандидатска листа за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во првата изборна единица.
Од август 2020 година досега беше пратеничка во Собранието.
Сепак, вели дека е автономна во своето дејствување како пратеничка и не сака да се поврзува со ВМРО-ДПМНЕ оти не е член на партијата.
Борец за повеќе жени на клучни функции
Приватно, Сиљановска-Давкова себе си се опишува како легалист, бунтовник, борец за правда. Во секојдневниот живот, се гледа како „комбинација на еманципирана жена со традиционални семејни вредности“.
Таа најави дека ќе ја афирмира потребата од што повеќе жени на клучни функции во државата.
„Има ли поголема промена од таа, за прв пат во оваа држава, жена да стане претседател? Има ли поголема инспирација за умните жени? Нема. Мислам дека со мене, држете ме за збор, кога ќе се опкружам со жени слични на мене, жени по моделот на Вацлав Хавел: свои, стамени, субверзивни, кои можат да искажат став и да го бранат, тоа е за мене реформски чекор“, рече Сиљановска-Давкова на прес-конференција вечерта по изборите на 8 мај.
Надлежности на шефот на државата
Претседателот, според надлежностите, го определува мандатарот за состав на Владата, ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите во странство, ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници, склучува меѓународни договори во име на Републиката, доделува одликувања и признанија и дава помилувања.
Претседателот потпишува и укази за прогласување на законите. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот, да стави вето и да го врати на повторно разгледување во Собранието.
Претседателот на државата е и врховен командант на вооружените сили како и претседател на Советот за безбедност и именува и разрешува директор на Агенцијата за разузнавање.
Според Уставот на Северна Македонија, мандатот на претседателот на државата е пет години, со право на уште еден реизбор.
Гордана Сиљановска-Давкова е шести претседател на Северна Македонија.
По прогласувањето независност од поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) на референдумот на 8 септември во 1991 година, на претседателска функција беа петмина мажи: Киро Глигоров (1991-1999), Борис Трајковски(1991-2004), Бранко Црвенковски (2004-2009), Ѓорге Иванов (2009-2019) и Стево Пендаровски (2019-2024).
Вчера, на 8 мај, на ист ден со вториот круг претседателски избори, граѓаните на Северна Македонија гласаа и на парламентарни избори. Првичните резултати се дека во тројно водство по освоени пратенички мандати е ВМРО-ДПМНЕ, партијата што ја кандидираше Сиљановска-Давкова за претседателската функција.
Извор: Радио Слободна Европа