Една година по кобниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој згаснаа 63 млади животи, судскиот процес се наоѓа под лупата на јавноста и политичките чинители. Преобемниот обвинителен акт, кој опфаќа десетици лица, отвора сериозни сомнежи – дали вака конципираниот предмет ќе донесе брза и ефикасна правда или намерно ќе се развлекува за вистинските виновници да останат неказнети.
Во дебатната емисија „24 Анализа“, претставниците на политичките партии ги вкрстија копјата токму околу текот, истрагата и големината на овој судски процес.
Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, посочи на комплексноста на постапките и бројот на обвинети кои седнаа на обвинителната клупа:
„Имаме процес за четири обвиненија. Мислам дека се четири судски постапки од коишто две се завршени. Најобемната има 32 физички лица и три правни лица… Таа веќе трае четири месеци и нешто. А другите три се за припадници на МВР од коишто едната е готова со три обвиненија…“.
Сепак, токму оваа „гломазност“ отвора правни дилеми. Снежана Калеска Ванчева од СДСМ, гледајќи од правнички агол, изрази отворен сомнеж за тоа како е конципирано обвинението и предупреди на потребата од ефикасност:
„Оправдано е, оправдан е сомнежот, а гломазен е процесот. Јас како правник навистина поставувам прашање и за мене лично е нејасно како можат сите тие луѓе во тоа обвинение да бидат соизвршители во едно такво кривично дело…“. „…треба да имаме ефикасна и ефективна правда, тоа подразбира брзо, секако да не трае со години и навистина да одговараат согласно закони, согласно доказите и фактите вистинските“.
Стравувањата дека обемноста на предметот е всушност параван за одолговлекување и политичко калкулирање, ги изнесе Фатон Алити од ДУИ:
„…мислам дека тенденцијата е да се развлекува и точно тоа – вистинските виновници колку што е можно повеќе да се амнестираат…“. „…и судските процеси ќе се развлекуваат колку што е можно повеќе за да се што повеќе амортизираат тие политички последици негативни, сметам за партиите или партијата најголема на власта…“.
На крајот, резимирајќи ги стравувањата на родителите и јавноста, водителот на емисијата го постави можеби најсуштинското прашање, стравувајќи од разводнување на одговорноста:
„…дали од колективна загуба што ја говориме, со овој судски процес ќе влеземе колективна вина да имаме, ќе влеземе во процес на колективен заборав, бидејќи процесот е преобемен, прекомплициран, а кога ќе се истурка во меѓувреме се менуваат работите…“.
Останува да се види дали правосудниот систем ќе ги демантира овие политички сомнежи и ќе испорача правда за семејствата кои, како што беше заклучено во дебатата, остануваат „жедни за правда“.


