На почетокот од војната во Украина, германскиот канцелар Олаф Шолц го одржа својот проучен говор „Zeitwende“ во кој објаснува зошто таа војна претставува „историска пресвртница“ за Германија. Што тоа значи за германската надворешна и одбранбена политика?
Политичките слогани се произведуваат така да можат да се интерпретираат различно. Она што е јасно е дека говорот на Шолц содржи ветување, пред сè кон САД, дека Германија во иднина, за разлика од во минатото, ќе делува во склад со светогледот спрема кој светот е поделен на „Запад“ и на зло царство, или уште подобро, на повеќе зли царства, Русија, Кина, Иран итн. Меѓу нас, крепосното царство предводено од САД и организирано во НАТО, и различните зли царства, мирот е возможен само привремено и испрекинато и тоа само додека ние сме оние кои се воено супериорни. Вистинскиот мир бара смена на режимот преку која злото царство ќе стане дел од нашето крепосно царство и ќе премине на „нашите вредности“. Легитимно е да се користи сета постоечка политика, економски и воени средства, за да се дојде до тој персврт. Со други зборови, по Zeitenwend-от (пресвртницата – н.з.), војните се секогаш зад аголот и на нив мораме секогаш да бидеме подготвени. Она што би требало да ни помогне е нашата „вредносна“ или „феминистичка“ надворешна политика (како што ја нарече министерката Аналена Бербок) да се бори исклучиво во праведни војни, затоа што војните против злото не можат да не бидат праведни. Темелниот светоглед овде не е општествено дарвинистички, според кој историјата е борба за опстанок на најсилните, туку манихејски, каде историјата е беспоштедна борба меѓу доброто и злото. Мир не може да има сè додека доброто не победи, можни се само примирја од тактички причини.
Постојат две верзии од реториката на Zeitenwend-от. Јаката верзија имплицира дека светот отсекогаш бил онтолошки манихејски, а оние кои поинаку мислеле се будали, кукавици, наивци, кои подлегнале на непријателска пропаганда, или предавници поткупени од силите на злото. Слабата верзија, која Шолц ја преферира, е онаа според која светот неодамна се променил па веќе не е возможен мирен соживот помеѓу режимите и државите со различни интереси и „идентитети“, а непријателот станал до таа мера зол што нема друго решеније освен да биде поразен. Во кој момент точно се случила таа промена не треба да се специфицира. Веројатно тогаш кога човек што се вика Путин од некоја бизарна причина се преобрази од корумпиран водач на корумпирана држава во геноциден манијак, па таа патолошка преобразба бара херојска интервенција од пријателите на човештвото, и тоа веднаш.
Што е суштината на тоа германско ветување до САД?
Ветувањето се сведува на тоа дека ерата на ионака слаби обиди на владата на Ангела Меркел да води автономна надворешна политика е завршена. Отсега, Германија ќе делува онака како што ќе ѝ се каже наместо да пружа пасивен отпор како во случајот со пристапувањето на Украина во Европската унија и НАТО сојзуот, или како во случајот со енергетската политика, особено гасоводот Северен тек 2, а да не ја ни спомнуваме непослушноста како во случаите со Ирак, Сирија и Либија, каде одби да прати свои војници. Во таа смисла, говорот на Шолц беше реакција на веќе интензивираниот притисок, не само од САД туку и од демохристијанската опозиција, но и од Зелените во владата, Германија да ја услогласи својата надворешна политика со американската влада. Истовремено, Боб Дилан е во право кога вели дека „времињата се менуваат“. Отворено прашање е колку долго Германија ќе може да им биде потчинета на САД со оглед на ризиците што ги носи нејзината територијална близина до украинското бојно поле, што е ризик кој САД го немаат. Постои и притисок од Франција германската надворешна политика да биде повеќе европска, а помалку транс-атлантска. Исто така, можно е и САД во некој момент да се обиде да ја „европеизира“ војната и да се повлече од неа, како што го направи тоа со виетнамската војна во седумдесетите, надевајќи се дека пост-Zeitenwende Германија ќе го преземе товарот на спонзорирање на таквата прокси војна наместо нив. Останува да видиме дали Германците ќе имаат воља и дали ќе бидат во состојба да го направат тоа сега кога владата инјектираше 100 милијарди евра во воениот буџет.
Федералниот парламент неодамна ја донесе резолуцијата според која Холодомор во Украина во 1930-тите е прогласен за геноцид. Изменет е и казнениот закон така што се криминализира негирање на „воени злосторства“, што би можело да ги вклучи и скорешните руски операции во Украина. Вие пишувате за „самонаметната цензура внатре граѓанското општество“. Кои се последиците од тие потези?
Во овој момент службена Германија, вклучително и таканаречените квалитетни медиуми, се однесува како држава во војна. Владата спрема механизми за полицијата и безбедосните служби кои ќе се свртат против секој што ќе се осмели да се посомнева во мудроста на пружањето безусловна поддршка на ултранационалистичкиот режим во Украина и администрацијата на Бајден. Секој што се обидува да го објасни однесувањето на режимот на Путин на начин кој не вклучува клиничко лудило или геноцидни опсесии, се прогласува за Путиновец, што за младите новинари почетници или политиколози може да претставува крај за нивните кариери. Ни обичните луѓе не сакаат да бидат чуени како зборуваат за било што друго освен украинска победа каква што ја дефинира нивната влада. Од друга страна, ризикот од прелевање на нуклеарна војна надвор од Украина воопшто и не се спомнува.
Не се води ниту политичка дебата за тоа како ќе изгледа европскиот или евроазискиот свет после војната, иако сè укажува на сценарио во кое Крим и другите окупирани области нема да ѝ бидат вратени на Украина. Доколку наскоро се случи нешто како мировен договор, на терен веројатно ќе биде воспоставен некој вид меѓународна управа и некој вид неутралност на Украина. Поверојатно е, меѓутоа, дека САД ќе преферира пролонгирана лажна војна со повремени борби долж постоечките линии на фронтот, со две страни длабоко вкопани на моменталните позиции. Со ова би се овозможило трајно слабеење на Русија и стабилна обнова на американската хегемонија во западна Европа, што оди во прилог на САД додека се подготвува за вистинската војна со Кина. Што се однесува на Европа, САД веројатно нема да се противи на настојувањата на Германија, Полска и други да продолжат да ѝ помагаат на украинската влада да го оствари својот сон за конечниот пораз на Русија, ама на свој сопствен трошок и ризик. Со Германија и Европска унија која сопственото расудување им го препуштија на оној Зеленски и Бајден, додека сериозната расправа за целите на војната е де факто забранета, ова сценарио се чини прилично застрашувачко.
Партијата на Зелените се профилираше како највоинствена членка во владеачката коалиција. Како дојде до тоа и како, според вас, Зелените успеваат да го помират својот политички императив за спасување на планетата додека од друга страна го поддржуваат воено-индустрискиот комплекс, кој е еден од еколошки најдеструктивните елементи во глобалниот поредок?
Ним им оставам да се носат со таа контрадикција. Само американската војска е одговорна за околу 5 проценти од глобалните емисии на јаглерод диоксид, а тоа е повеќе од две третини од 200 земји во светот. Се чини немаат примедби ниту на јаглеродниот оттисок од борбените авиони Ф-35, за кои Зелените инсистираат да се купат од САД, за да се наздрави за „Пресвртницата“. Да не ги спомнуваме штетите кои на околината би ѝ ги нанела нуклеарната војна, дури и тактичка. Што се однесува до воинственоста на Зелените, треба да се сетиме на Јошка Фишер и бомбардирањето на Белград.
Моралниот универзализам секогаш со себе носи напаст светот да се поправа со сила, особено кај генерациите што не знаат што е војна; кланица што станува сè побесмислена колку подолго трае и која се храни од стравот, омразата и желбата за одмазда загрозувајќи ги со тоа сите засегнати. Што подолго трае војната, толку е потешко враќањето во мир затоа што поголеми се жртвите и бруталностите што се случуваат. Само од таа причина војните траат подолго од планираното, далеку после точката од која нивните трошоци почнуваат да ја надминуваат користа поради која тие се водат. Изгледа дека многу Зелени денес веруваат во можноста да се води праведна војна како клиничка операција оправдана со морално супериорна цел. На ист начин и идеалистичните Американци се уверувани дека американската војска постои за да шири слобода и демократија. Се чини дека тој американски месијанизам мигрираше во Европа, на пример како кога германската министерка за надворешни работи се повика на Хилари Клинтон, сметајќи дека на жените во Иран најдобро може да им се помогне така што нема да се обнови договорот за неширење на нуклеарно оружје, кој го поништи Доналд Трамп. Во случајот на Украин,а овој новооткриен хероизам на Зелените е евтин, затоа што не сме ние оние кои таму се борат, а уште помалку Зелените кои се деца од богатата средна класа. Со оглед на тоа што не сакаат иднината засекогаш да им зависи од коалиции со социјалдемократите, мораат да најдат и некои заеднички точки со десниот центар, кој не само што е проамерикански туку е и во страсна прегратка со индустријата за оружје, исто како и либералите од ФПД.
Заканата за нуклеарна војна ја доживувате како нешто што реално може да се случи, но тврдите и дека германската јавност одбива да размислува за тоа. Како го објаснувате тоа?
Во војна некои работи не смеете да ги кажете затоа што ќе ве обвинат дека сте на страната на непријателот. Спомнувањето на нуклеарна војна е свовидно празноверно табу; ако го спомнеме ѓаволот, тој ќе дојде. Од друга страна, драматична е разликата кога се зборува за нуклеарните електрани; тука секој ризик, без разлика колку мал или без изгледи, е неприфатлив. Би требало да е евидентно дека ризикот од нуклеарна војна ќе расте ако режим каков што е оној на Путин биде дотеран во ќорсокак. И самото тоа би требало да биде доволна причина за примирје, и тоа што поскоро. Но, со оглед на тоа што украинската и американската влада се противат на примирјето, ни германската влада не се осмелува да ги истражи можностите на дипломатијата, која овие денови се доживува исто како предавство. Постои и страв дека отворена расправа за ризикот од нуклеарна војна би довела до тоа јавноста да почне да прашува за самите цели на војната и за тоа дали таа може да се заврши а да не се исполнат баш сите желби на украинската влада. Затоа што во тој случај можеби би испаднало дека бројот на луѓе во Германија и Европа кои сакаат да загинат за Севастопољ е многу мал.
* извор
ИЗВОР: off.net.mk