(ФОТО+ВИДЕО) Новинарски марш: Да престанат потценувањето и омаловажувањето

2 mins read

„Новинарството на удар, ние сме обединети”, „Нема да молчиме”, „Сиромаштија = самоцензура”, „И претходно пробаа да нè замолчат, не можеа. Нема ни сега“, „Стоп за агресивниот државен пи-ар“, се дел од пораките што тие ги упатија и преку транспарентите што ги носеа на протестот

Стоп за потценувачкиот однос на јавните функционери, државниот пи-ар да не ја зема работата на новинарите, законите што ги засегаат медиумските работници да се спроведуваат, достоинствени услови за работа, колективен договор, се дел од пораките и барањата што новинарите и останатите медиумски работници ги побараа на денешниот протестен марш.

Протестот започна пред Владата, а оттаму со транспарент „Марш за одбрана на новинарското достоинство“, тие се упатија кон Собранието.

Пораки до институциите испратија и оттаму.

Новинарката Душица Мрѓа потсети за правдата што не ја добија новинарите кои на 27 април 2017 година известуваа при упадот во Собранието, а судовите им ги одбија тужбите со образложенија дека не носеле шлемови или панцир, не биле новинари затоа што работеле во портали итн.

„Држава без правда не може да биде држава, веќе не е ни селективна правдата, особено за новинарите. Нема правда, има купен мир“,

рече Мрѓа.

Новинарите на протестот се осврнаа и на нападите врз медиумските работници, како и се послабиот интерес кај младите да се занимаваат со оваа професија.

„Никој не треба и не смее, лично или преку посредници, да се пресметува и да дискредитира новинари, само затоа што не му се допаѓа она што го објавуваме, а го објавуваме бидејќи за тоа постои јавен интерес. Сите истражувања укажуваат на тоа дека жените во оваа професија почесто се изложени на напади, кои за наша среќа засега во најголем дел се само вербални. Важно е надлежните органи брзо и ефикасно да реагираат за секоја поединечна пријава, оти вербалното насилство многу лесно може да стане физичко, или да ги одврати новинарките од намерата да истражуваат за одредени теми. Друг за нас важен аспект е тоа што новинарството станува се понеатрактивна професија за младите. И оние малкумина млади луѓе што се одлучуваат и високото образование да го завршат во оваа област, уште при првото вработување се престројуваат во друга професија, што е поразително за нас. Затоа е важно сите претходно истакнати барања на колегите денеска да се исполнат, за да не се доведеме во ситуација секој нареден собир главно прашање да биде недостигот на млад и обучен кадар, а долгорочно да остане отворено прашањето кој ќе остане да се занимава со оваа професија во државава”,

рече новинарката Славица Филиповска-Иванова, која е и член на Извршниот одбор на ССНМ.

Новинарката Сашка Цветковска зборуваше и за тужбите кон новинарите од функционери и бизнисмени, како и за тоа што често новинарите се цел на квазиновинарски портали.

Новинарите од внатрешноста, пак, побараа достоинствени плати, формирање фонд за поддршка на регионални медиуми, националните телевизии да вработат дописници, сниматели и монтажери, а не да ги ангажираат со договори на дело како хонорарни.

„Новинарството на удар, ние сме обединети”, „Нема да молчиме”, „Сиромаштија = самоцензура”, „И претходно пробаа да нè замолчат, не можеа. Нема ни сега“, „Стоп за агресивниот државен пиар“, се дел од пораките кои тие ги упатија и преку транспарентите што ги носеа на протестот.

Протестниот марш го организираа Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Хари Кацановски: Со романот „Анатрос“ создадов посебен свет во кој ги спојувам науката и уметноста

Следно

Азербејџан подигна шаторски град по земјотресот што ја погоди јужна Туркије

Latest from Blog