Ердоган: Израел ќе одговара за угнетувањето на Палестинците уште од Втората светска војна

1 min read

ИСТАНБУЛ (АА) – Израел ќе одговара за сите угнетувања што ги предизвика во Палестина од Втората светска војна досега, изјави синоќа претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека од тоа нема бегање, известува Анадолу.

„Што повеќе израелската администрација го ескалира угнетувањето, толку повисока цена ќе плати“ рече Ердоган по состанокот на Владата во Анкара, главниот град на Туркије.

„На израелските владетели ќе им суди човештвото порано или подоцна, ќе ја добијат казната што ја заслужуваат и ќе го заземат местото во ѓубриштето на историјата“, нагласи Ердоган.

Критикувајќи ги САД и Европа поради „неограничената поддршка на Израел“, Ердоган рече дека во спротивно „владетелите на оваа терористичка држава не би можеле безобзирно да дејствуваат“.

Израелската војска на 1 декември (петок) продолжи со интензивни напади низ Појасот Газа по завршувањето на хуманитарната пауза. Според податоците на Министерството за здравство на Газа, во обновените израелски напади се убиени најмалку 193 Палестинци, а 652 се ранети.

По неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври, Израел возврати со немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници.

Оттогаш се убиени повеќе од 16.248 Палестинци, од кои 7.112 деца и над 4.885 жени, а ранети се повеќе од 43.616 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.

Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.

„Ханибалова директива“ или „Ханибаловиот протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (IDF) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). .

Претходно

Облачно и студено со врнежи од снег на планините, а од дожд на пониските места

Следно

Од март власта нема да смее да гради автопати, училишта и градинки, кои и онака не ги гради

Latest from Blog