Енвер Беџети, апелацискиот судија од „Таргет– Тврдина” пресудувал и за казната на Ангелче Николов

6 mins read

Судијата Беџети се најде во фокусот на јавноста откако девет месеци го чуваше предметот за масовното прислушување, популарно наречен „Таргет–Тврдина“, а во кој првообвинет е ексдиректорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање. Откако конечно се најде на одлучување, Апелација ја укина првостепената пресуда со која Мијалков беше осуден на 12 години затвор и предметот го врати на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје, кое е во тек

Во врска со пресудата со која за повеќе од половина му беше намалена казната на велешанецот Ангелче Николов за сообраќајката во која усмрти 11-годишно девојче, според објавената пресуда, судечкиот совет на Апелацискиот суд Скопје оценил дека првостепeниот суд поголемо значење им дал на отежнителните околности при одредување на казната. Недоволно биле земени предвид олеснителните околности – дека ја признал вината и се извинил, како и семејните прилики на обвинетиот, односно дека е неженет, дека е млад, како и тоа што имал брат кој загинал во сообраќајна несреќа

Покрај Енвер Беџети во став на советот на Апелација кој одлучувал по жалбите на обвинетиот Николов и неговите бранители и ја донел пресудата, биле и судиите: Ѓоко Ристов, кој претседавал со советот, потоа Лирие Елези Ајрулау, Лидија Зимбовска и Енвер Амзаи

Апелацискиот суд Скопје ја објави пресудата и образложението со кое му беше и повеќе од преполовена првостепeната затворска казна на велешанецот кој усмрти 11-годишно девојче во сообраќајна несреќа што лани во декември се случи центарот на Велес.

Зградата во која се наоѓа Апелацискиот суд Скопје / Фото: Архива

Всушност, Апелацискиот суд во Скопје ја преиначи првостепената пресуда на Основниот суд во Велес и ја намали затворската казна за возачот Ангелче Николов. Сега тој наместо 18 години, колку што му одреди првостепниот суд, ќе треба да издржи затворска казна од осум години. Казната за Николов е намалена за двете дела за кои тој се товареше – тешки дела против безбедноста на луѓето и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.

Пресудата на скопска Апелација предизвика жестоки реакции и негодувања во јавноста поради драстичното намалување на казната.

И од опозциската партија ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека пресудата е срамна, за државата и за судството.

Сумирано, според објавената пресуда, судечкиот совет на Апелацискиот суд Скопје оценил дека првостепниот суд поголемо значење им дал на отежнителните околности при одредување на казната. Недоволно биле земени предвид олеснителните околности – дека ја признал вината и се извинил, како и семејните прилики на обвинетиот, односно дека е неженет, дека е млад, како и тоа што имал брат кој загинал во сообраќајна несреќа.

Што пресуди скопска Апелација?

На почетокот на пресудата по наводот: Во името на граѓаните на Република Северна Македонија, е наведен петчлениот судечки совет на скопска Апелација, кој одлучувал по жалбите на обвинетиот Ангелче Николов и неговите бранители.

Пресудата ја донел петчлен совет на Апелација, дел од него бил и Енвер Беџети

Меѓу петтемина судии „боде“ очи името на судијата Енвер Беџети.

Имено, судијата Беџети се најде во фокусот на јавноста, обичната и стручната, откако како судија известил дека девет месеци го чуваше предметот за масовното прислушување, популарно наречен „Таргет–Тврдина“, а во кој првообвинет е ексдиректорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање. Откако конечно се најде на одлучување, Апелација ја укина првостепената пресуда со која Мијалков беше осуден на 12 години затвор и предметот го врати на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје, кое е во тек.

Укинувањето на првостепента пресуда од страна на Апелација за „Таргет–Тврдина“, како и уште неколку идентични одлуки од кои дел се поврзани со случаи кои произлегоа од истрагите на поранешното Специјално јавно обвинителство, беа повод Судскиот совет да изврши контрола во скопска Апелација за неразумно долгото чување на предметите во „фиока“.

Најголеми критики, според тогаш презентираното, имаше токму кон судијата известител за „Таргет–Тврдина“, Енвер Беџети, бидејќи, како што беше посочено, во негова надлежност е динамиката на движење на предметот, посебно по одржувањето на јавната седница. За ваквиот случај, од него била побарана изјава, во која тој навел неколку причини, меѓу кои големиот број предмети што му биле доделени за работа. Името на судијата Енвер Беџети се најде и во контекст на последните скандалозни случувања во Судскиот совет, поврзани со разрешувањето на сега веќе поранешната претседателка на ова тело, Весна Дамева.

Покрај Енвер Беџети, во став на Советот на Апелација кој одлучувал по жалбите на обвинетиот Николов и неговите бранители и ја донел пресудата, биле и судиите: Ѓоко Ристов, кој претседавал со советот, потоа Лирие Елези Ајрулау, Лидија Зимбовска и Енвер Амзаи.

Во однос на пресудата за сообраќајната несреќа во Велес и намалувањето на казната на обвинетиот Николов, како што може да се прочита во пресудата на Апелација, јавната седница по жалбите на обвинетиот и неговите бранители била одржана на 3 јули годинава. Десет дена подоцна, односно на 10 јули е донесена пресудата за која второстепниот суд информира вчера.

Обвинетиот Ангелче Николов за време на судскиот процес во Основниот суд Велес / Фото: МИА

Адвокатите на Николов барале пониска казна

Бранителот на Николов, адвокатот Љупчо Василев, на јавната седница навел дека првостепената пресуда и изречената казна од 18 години затвор е драконски висока и не соодветствува со судската пракса и досегашните изречени казни за кривични дела под истите околности.

„Првостепениот суд по однос на одлуката за висината на казната елаборира дека ваквата казна во траење од 18 години е пред сè поради ресоцијализацијата на обвинетиот, што во конкретниот случај секако може да се постигне и со далеку пократка казна затвор. Согласно Законот за кривична постапка, признанието на вина упатува на обвинетиот да му се изрече казна со примена на одредбите за ублажување на казната, меѓутоа во конкретниот случај првостепениот суд признанието на вина го цени единствено како олеснувачка околност по однос на ефикасно завршување на постапката, меѓутоа не се стекнал со впечаток дека обвинетиот се кае за стореното иако таквиот заклучок е далеку од вистината бидејќи обвинетиот многу се кае за стореното. Пред две години во сообраќајна незгода загинал неговиот брат, а пред кратко време  ја изгубил и неговата мајка, што секако оставило длабока трага врз животот на обвинетиот. Во конкретниот случај, обвинетиот го напуштил местото на настанот бидејќи од една страна, не можел да ѝ помогне на жртвата, а од друга страна. се плашел од реакцијата на мајката на починатото дете, самиот се пријавил во полициска станица и несомнено ја признал вината во текот на постапката, која во секој случај претпоставува и значи дека обвинетиот се кае за стореното. Штетата е веќе надоместена и наплатена спрема оштетените од страна на осигурителната компанија“,

навел адвокатот на јавната седница.

Апелација: Првостепениот суд во недоволна мера ги ценел олеснителните околности

Апелацискиот суд во образложенито на пресудата наведува оти наоѓа дека првостепениот суд при определување на видот на кривичната санкција и одмерувањето на нејзината висина, во недоволна мера ги ценел олеснувачките околности кои постојат на страна на обвинетиот Ангелче Николов, кога му изрекол единствена казна затвор во траење од осумнаесет години, на што основано се укажува во жалбите на обвинетиот изјавени преку неговите бранители.

„Советот на овој суд ги ценеше жалбените наводи содржани во жалбата на обвинетиот изјавена преку неговиот бранител Андреја Б. Весов, а на околности дека при одмерување на казната првостепениот суд превисоко ја одмерил истата во однос на делата кои ги сторил, а даденото признание на вина не го земал предвид, за којашто е сторена суштествена повреда, и истото требало да го цени како ослеснителна околност каде истото било дадено доброволно и свесно во однос на последиците од признавањето, и истиот се извинил пред присутните во судницата, со кое нешто допринел за побрзо и поефикасно завршување на постапката, а судот не ги земал во предвид ниту семејните прилики на истиот дека истиот нема оформено семејство, не е женет и дека има …….. години со што казната ќе му влијае на иднината, а првостепениот суд поголемо значење дал на отежнителните околности, а со оглед дека има загинат брат во сообраќајна незгода истиот е свесен за последиците кои се предизвикани на оштетените како и за психичката и физичката болка кои ја трпат за загубата на нивното дете, и истиот смета дека со изречена поблага казна ќе се постигне целта на казнувањето во иднина да не врши вакви или слични кривични дела, како и по однос на забраната за управување со моторно возило смета дека казната е превисоко определена, па истите ги прифати за основани“,

се наведува во образложението на пресудата.

Илустративна фотографија / Фото: Архива

Судот определи дека изречената воторостепена пресуда е во согланост со воспоставената судска пракса при одмерувањето на казната за овој вид кривични дела и дека казната од осум години затвор ќе влиаје воспитно на Николов во иднина да избегнува вакви кривични дела. Со тоа, се додава, позитивно ќе се дејствува и на околината во која тој живее и се движи, со што ќе се постигнат целите на казнувањето, како на планот на генералната, така и на планот на специјалната превенција.

Сообраќајната несреќа во која 28-годишниот велешанец Ангелче Николов возејќи под дејство на алкохол прегази мајка и нејзината 11-годишна ќерка се случи на 17 декември минатата година во строгиот центар на Велес, на улицата „Борис Трајковски“. Од силината на ударот, малолетното девојче било исфрлено речиси до следниот пешачки премин на улицата и починало. Возачот Николов воопшто не запрел, туку продолжил да вози со голема брзина. Неговиот „мерцедес“ полицијата брзо го пронајде, а Николов самиот се пријави во полиција два дена по сообраќајката.

За време на судењето, обвинителството побара максимална казна, а судијката Габриела Гајдова, која го водеше процесот, појасни дека судот смета дека осудениот може да го повтори делото, поради што му ја продолжи мерката притвор сè до спроведување на казната затвор, во која му се засметува времето поминато во притвор.

Таа при изрекувањето на казната потенцира дека иако на првото рочиште Николов ја призна вината, во текот на целата истражна постапка не искажал вистинско каење и жалење за загубениот живот на 11-годишното девојче Магдалена.

Инаку, одлуката на Апелација е правосилна и по нејзиното донесување Николов од притворското одделение, ќе биде упатен на издржување затворската казна. Покрај затворска казна, Николов доби и петгодишна забрана за управување на моторно возило, која ќе биде ефективна од денот на неговото излегување од затвор.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Расказот „Ние ја имаме судбината на Јозефа К.“ најдобар на годинашниот конкурс „Живко Чинго“

Следно

Велика Британија воведува нови санкции против Русија

Latest from Blog