Дијаспората и по 12 февруари ќе може да се врати со патен лист

7 mins read

Неколку стотини илјади граѓани од вторник (13 февруари) нема да може да патуваат надвор од државата бидејќи немаат пасош со новото уставно Република Северна Македонија, обврска која државата ја презеде со Преспанскиот договор потпишан во 2018 година со Грција.

Според податоците од Министерството за внатрешни работи (МВР), од јуни 2021 кога почнаа да се издаваат лични документи со новото име, до 7 февруари годинава, направени се 1 297 447 пасоши. Ако се земат предвид бројките од пописот спроведен во 2021-та, кои покажаа дека вкупното население (вклучително и дијаспората) изнесува 2 097 319 лица, тоа би значело дека речиси 800.000 граѓани немаат патни исправи со Република Северна Македонија.

Министерството за надворешни работи (МНР) не ги известило другите држави дека од понеделник на полноќ престанува важноста на пасошите со старото име, а и нема да го направи тоа бидејќи шефот на дипломатијата Бујар Османи вели дека државата нема таква обврска.

„Го анализиравме тоа прашање, видовме дека нема таква директна обврска. Таа обврска што сме ја имале, сме ја исполниле во 2018, а тоа е да известиме дека имаме потпишано Договор. Но конкретно да им кажеме сега, немаме обврска“, вели Османи.

Тој посочи дека Грција ги известила државите, но, додава, „нашето известување е важно, а ние немаме обврска за тоа“.

За хаосот со незапазувањето на рокот сите граѓани да извадат документи со новото уставно име до 12 февруари годинава, Османи не сака да го впери прстот кон никого. Според него, транзицискиот период од пет години за промена бил разумен рок, а дали тоа било комуницирано во МВР кое е надлежно за издавање на документите и што се планирало, вели, треба да се праша таму.

„Јас не сум надлежен за тоа. Јас сум прашал, го знам и одговорот. Мислам дека не сум компетентен и надлежен да одговорам. МНР е целосно организирано“, вели Османи додавајќи дека „не е тука да ги оценува работите, туку да ги решава“.

Тој потенцираше дека она за што е надлежен неговиот ресор е да им излезе во пресрет на граѓаните кои ќе се затекнат надвор од државата со стари пасоши, а за оние кои се во Северна Македонија и треба да патуваат, одговорно е МВР.

А, дали државата ќе им ги рефундира парите на граѓаните чии пасоши имаат рок, но им прекинува важноста поради „12 февруари“, Османи најави оти во вторник (13 февруари) за тоа ќе информира техничкиот премиер Талат Џафери. Тогаш се очекува да има владина седница. За ова прашање требаше да се дискутира и на седницата на 6 февруари, но по нејзиното завршување од Владата немаше информации дека нешто е одлучено.

Со лични карти во регионот – ако дозволат соседите

Пасошите не се единствениот документ кој граѓаните треба да го сменат. Тука се и возачките и сообраќајните дозволи бидејќи тие влегуваат во категоријата меѓународни документи. Личните карти со старото уставно име, пак, ќе важат за домашна употреба. Меѓутоа, тие се користат и како патен документ со оглед дека државата има договори да се патува со нив во земјите од регионот – Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Дали на граничните премини во овие земји цариниците ќе ги пуштаат граѓаните со лични карти со „Република Македонија“, министерот Османи, вели дека ќе зависи од секоја држава индивидуално. Досега, никоја од нив официјално не го информирала МНР дали ќе ги признава или не.

Според податоците, бројот на граѓани кои имаат лични карти со новото уставно име до 7 февруари годинава изнесува 1.112 703.

Бројот на издадени возачки дозволи, пак, е 575 844.

Покрај ова, сопствениците на возила од 13 февруари ќе треба да имаат и регистарски таблици со кодот НМК. За тоа потребно е да се купат нови таблици или да се стават налепници. Новите таблички заедно со нова сообраќајна дозвола чинат 2 336 денари, додека налепниците се бесплатни. Меѓутоа, налепници немаше до вчера (8 февруари) кога МВР информираше дека тие пристигнале и почнале да се дистрибуираат до подрачните станици за технички преглед низ цела држава од каде граѓаните ќе може да ги подигнат.

МНР ќе се мобилизира

Граѓаните кои ќе се затекнат надвор од земјава со пасош со старото име, како и досега, имаат можност да се вратат во државата со патен лист кој се издава во дипломатските претставништва – тој е со рок од 30 дена и важи само за враќање во државата.

Дали некоја држава ќе дозволи граѓани да патуваат без патен лист, а со пасош со старото уставно име, како што вели Османи, е одлука на самите земји.

Тој вели дека веќе комуницира на билатерална основа и бара државите да бидат флексибилни и да им излезат во пресрет на македонските државјани. Се надева дека тоа и ќе биде така, но граѓаните да не се „потпираат“ на тоа.

„Се подготвуваме како од 12 февруари на полноќ никој не може да се движи со пасоши со старото име“, вели Османи.

Вчера имало долг состанок меѓу него, амбасадорите, конзулите, но и сите вработени во дипломатските претставништва на државата.

„Тоа што забележувам е дека имаат паника меѓу граѓаните дека ќе може да ги изгубат работните места, дозволите за привремен престој и затоа има наплив, посебно во Германија. Нема простор за паника затоа што МНР се организираше да им излезе во пресрет на граѓаните каде и да се“, вели Османи.

Најкритична е ситуацијата во конзулатот во германскиот град Бон. Таму имало околу 9 000 апликации, а издадени се над 6 000. Метежи за пасоши има и во амбасадата во Берлин и конзулатот во Минхен.

По Германија, тука се голем број барања и во швајцарски Берн, во дипломатските претставништва во италијанските градови Рим и Венеција, Виена во Австрија, Љубљана во Словенија…

„Постојано има по 300 граѓани во дворовите на амбасадите кои имаат барања за пасоши“, вели Османи.

Она што се планира е да се испратат дополнително две мобилни станици за сликање во дијаспората во европските држави, како и да се воведе двосменско работење, но и за време на викенди. Плановите, следните денови од амбасадите ќе ги објават јавно.

Се разгледува и можноста на најкритичните точки да се испратат дипломати на самите аеродроми со цел да издаваат патни листови на лице место на граѓаните за да се вратат во Северна Македонија, а се најавува и опција за електронско поднесување барање за патен лист, кој потоа граѓаните би го добивале по пошта.

Ова, според МНР, ќе им помогне пред се на оние што се наоѓаат во држави каде земјава нема дипломатски претставништва, како што е на пример Африка каде Каиро во Египет, е единствениот град каде има амбасада.

Од Зимбабве до Аргентина – македонски државјани ќе бидат „затечени“

Иако не се бројни, вакви примери каде граѓани кои ќе бидат затечени со стари пасоши има и во Африка и во Јужна Америка.

Зоран Кочовски од туристичката агенција „Коузон“, која покрај туристички аранжмани се занимава и со посредување за работа во странство, вели дека клучниот проблем е што граѓаните не биле соодветно информирани.

„Требаше државата да има кампања, за да ги информира граѓаните дека по 12 февруари не важат пасошите. Тоа требаше да стои и на почетните страници на веб-сајтовите и на МНР и на МВР“, вели Кочовски.

Со сериозен проблем, посочува тој, ќе се соочат лицата кои работат и по бродови односно се мобилни. На пример, тие имаат нивен морнар кој поради истекот на пасошот ќе мора да се симне во Фиџи и да се врати во државата за да го обнови пасошот. Меѓу „затечените“ ќе бидат и четворица наши државјани кои во моментов се наоѓаат во Аргентина на експедиција за искачување на планински врв. Таму, Северна Македонија нема амбасада, па за патен лист, доколку не им успее да се вратат со стариот пасош, тие би треба да одат во Бразил за да го извадат.

Кочовски посочува уште еден пример, каде македонски доктор со години работи во Зимбабве и сега за да смени пасош ќе треба да патува до Египет.

Со неизвесност се соочуваат и граѓаните кои планирале да одат на сезонска работа во странство. Посредниците за работа со кои разговаравме, посочуваат дека не е проблемот во тоа дека тие нема да заминат, но тоа може да се пролонгира поради неможноста навремено да извадат пасош дома, па наместо во април, тие да заминат месец или два подоцна.

Иако, посочуваат, дел од оние што планираат да заминат веќе го имале тоа предвид и направиле замена.

Туристичките водичи и придружници кои патуваат надвор од државата, се уште едни на листата кои може да се соочат со проблеми во работата. Од Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници пред неколку дена имаа средби со новиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски и се надеваат дека ќе им излезат во пресрет за да им дадат приоритет при вадењето пасоши.

Во регистарот има над илјада водичи и придружници, но од Асоцијацијата не располагаат со точна бројка колку луѓе веќе ги имаат заменето пасошите.

„Доколку ги немаме патните исправи тогаш ние ќе бидеме спречени во извршување на нашата дејност, а тоа ќе се одрази многу врз нашата нормална состојба бидејќи ние заработуваме од тоа“, вели Елвир Садиковиќ, потпретседател на Асоцијацијата.

Зошто 12 февруари како рок?

Преспанскиот договор беше потпишан на 17 јуни 2018 година од тогашните министри за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во селото Нивици на крајбрежјето на Преспанското езеро на грчка територија.

По ова следуваа уставните измени кои Собранието ги изгласа на 11 јануари 2019. На 12 февруари 2019, пак, со објавување во службен весник влегоа во сила Преспанскиот договор и новото уставно име на државата.

Во Договорот од Преспа има „технички“ и „политички преоден период“ за промена на документите. Датумот 12 февруари 2024 како рок произлегува од техничкиот дел со кој државата презеде обврска дека ќе ги промени личните документи со Република Северна Македонија кои се во меѓународна употреба во период од пет години од денот на стапување на сила на договорот (12 февруари 2019).

Политичкиот преоден период, пак, се однесува на сите документи и материјали коишто се исклучиво за внатрешна употреба и нивната задолжителна промена, како што пишува во Договорот, „ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш“.

Пет години по стапувањето на сила на Договорот, шефот на дипломатијата Бујар Османи вели дека Северна Македонија го има исполнето речиси во целост обврските, освен одредени институции за кои одлуките не се под надлежност на Владата, како што се на пример имиња на федерации, Македонската академија на науките и уметностите, МНТ и др. Грција, пак, нагласува тој, си го исполнила суштинскиот дел од обврските, а тоа е да ја поддржува евроинтеграцијата на Северна Македонија. Меѓутоа, и таму остануваат неисполнети три договори кои не се директно поврзани со Преспанскиот, но, како што вели Османи, се дел од меѓусебната комуникација. Меѓу нив е, на пример, и промената на сите сообраќајни знаци. И од грчка страна, посочува министерот, станува збор за обврски кои не се во директна надлежност на тамошната Влада.

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

Вкупно 20 случаи на голема кашлица во Скопје, надлежните апелираат на вакцинација

Следно

Путин вели дека промената на американскиот претседател нема да влијае на односот на нивните елити кон Русија

Latest from Blog