Џафери за одложеното гласање за уставните измени: Одлуката е донесена согласно Деловникот и врз основа на политичка проценка

4 mins read

Претседателот на Собранието на прес-конференција ги отфрли обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека постапил неделовнички кога го одложил гласањето за пристапување кон измени на Уставот. Тој рече дека врз основа на координацијата со пратеничките групи политички оценил дека треба да ја прекине седницата и за нејзиното продолжение дополнително да ги извести пратениците

„’Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата ако нема мнозинство пратеници потребно за одлучување и во други случаи кога ќе оцени дека тоа е неопходно’. Ова е текстот на став 1 од член 81 врз основа на кој сум ја прекинал седницата, а во ставот 5 стои ‘времето за продолжување на прекината седница го определува претседателот на Собранието’ и никој друг. Тоа се дискрециски права (на претседателот на Собранието) според Деловникот“, рече Џафери на денешната прес-конференција

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска на прес-конференција ги отфрли обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека го прекршил Деловникот за работа на законодавниот дом со тоа што го одложи гласањето за потребата од пристапување кон измени на Уставот откако беше исцрпена листата на говорници на 123. пленарна седница во петокот.

Претседателот на Собранието на РС Македонија, Талат Џафери / Фото: “360 степени“ ( Архива)

Инаку, како што посочи Џафери на почетокот на своето обраќање, причина за денешната прес-конференција е одговорноста која ја чувствува пред граѓаните, а не да им одговара на, како што рече, оние кои ги знаат собраниските процедури.   

„Имајќи предвид дека за последната седница се прават наративи за наводно несоодветно применување на Деловникот, односно прекршување на Деловникот од моја страна чувството на одговорност пред граѓаните е причината што денеска ја одржувам оваа прес-конференција, а не тенденцијата да им одговарам и да им возвраќам на тие кои ги знаат овие процедури. Но тенденцијата за криво информирање ме наведе да пред граѓаните се објаснувам за следното“,

рече Џафери.

По ова собранискиот спикер, премина на објаснување на процедурата предвидена, како што рече, со Деловникот на Собранието.

Џафери рече дека постапил врз основа на членот 81 од Деловникот, но кажа и дека врз основа на политичка проценка е донесена одлуката седницата да биде прекината по последниот пратеникот што дискутираше на расправата, а тоа беше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски.

„Седницата беше свикана за 18 август. Според глава 5 од Деловникот на Собранието во која што глава се санкционирани надлежностите за свикување, учество во работата, текот на седницата и се по ред чекорите коишто се за текот на една седница. Врз основа на тие постапки во глава 5, отпочната е седницата, усвоен е дневниот ред со единствена точка на дневен ред, отворен е претрес, одржан е претрес и завршен претрес со констатација дека претресот по точката е затворен, односно завршен и со констатација дека ја прекинувам седницата и за продолжение на истата соодветно дополнително ќе бидат известени пратениците. Оваа моја одлука произлегува од членот 81 став 1 од Деловникот“,

рече Џафери.

Момент пред почетокот на 123. пленарна седница на Собранието на РС Македонија / Фото: Принтскрин

Тој, во рамките на образложението на својата постапка, го прочита членот 81 став 1 од Деловникот.

„’Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата ако нема мнозинство пратеници потребно за одлучување и во други случаи кога ќе оцени дека тоа е неопходно’. Ова е текстот на став 1 од член 81 врз основа на кој сум ја прекинал седницата, а во ставот 5 се вели ‘времето за продолжување на прекината седница го определува претседателот на Собранието’ и никој друг. Тоа се дискрециски права според Деловникот“,

рече претседателот на законодавниот дом.

Како што наведе тој, и од стенмограмите за текот на седницата може да се види дека како претседател на Собранието, на крајот на претресот, по последниот говорник, координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревсаки, немало други интервенции и констатирал дека:

„Бидејќи е исцрпена листата на пријавени за збор констатирам дека претресот е завршен. Овде ја прекинувам работата за оваа седница, за продолжението ќе бидете дополнително известени“.

Тоа, како што рече Џафери, е врз основа на член 81 од Деловникот, а дека пратениците знаат по која основа се прекинува седница, доказ е фактот што пред говорот на Митревски, а по завршување на говорот на пратеникот Кастриот Реџепи, имаше процедурално земање збор (од страна на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски н.з.) кој укажа на можна злоупотреба на Деловникот и дека седницата ќе биде прекината по завршување на дебата.

„Од каде знаеле дека ќе се прекине? Тоа е доказ дека по координациите, јас како претседател на Собранието не седам во кабинетот па само се спуштам долу на седница и си одлучувам, туку си има соодветни сознанија за текот на седницата, како ќе тече седницата“,

рече Џафери.

Прашан за тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека на седницата требало да се води врз основа на друга глава која се однесува на промена на Уставот, Џафери рече дека Главата десет од Деловникот (членовите 193, 194) се однесуваат на предлагачот на уставните измени.

„Членот 194 вели: Предлогот за пристапување кон измена на Уставот содржи конкретни насоки за изменување и дополнување на Уставот и образложение за причините поради кои се предлага изменување и дополнување на Уставот. Ова е упатство за предлагачот, не за Собранието. Собранието ќе дојде на оваа точка кога ќе треба, кога ќе кажеме кај оди ова. На предлагачот му укажува што треба да содржи предлогот за измена на Уставот“,

рече Џафери.

Во врска со околностите поради кои е прекината седницата, иако во пленарната сала имало стотина пратеници, претседателот на Собранието на прес-конференцијата рече дека тие се од политичка природа и дека за нив биле разменети мислења на координација со шефовите на пратеничките групи.

„На координација се разменети размислувања околу околностите за текот и затоа е претпоставката – знаеме дека ќе биде прекината. Па нормално знаете, сум ве известил како ќе тече седницата. Од каде ќе знаете ако не ви кажав“,

рече Џафери.

Во однос на процесот на самото гласање, претседателот на Собранието рече дека гласањето е индивидуално, а постапката почнува дури откако тој ќе го најави изјаснувањето и кога ќе се отвори системот за гласање.

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвинија претседателот на Собранието Талат Џафери дека спротивно на Деловникот за работа на законодавниот дом ја одложи точката за гласање за потребата за отворање на Уставот во петокот.

Ставот на опозициската партија го изнесе пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, кој рече дека претседателот на Собранието свесно го прекршил Деловникот за да им овозможи, како што кажа, на ДУИ и СДСМ да останат на власт ден повеќе.

Тој, говорејќи од име на пратениците на опозициската партија, рече дека го повикуваат собранискиот спикер да се вразуми и да ги стави уставните измени на гласање.

„Колку повеќе власта вештачки се одржува толку потешко за Македонија, но и толку потежок ќе им биде поразот“,

порача Лефков.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

„Знаме со голема Албанија е кривично дело“ – Ибрахими: Потрагата по момчето е исто дејство како на Вучиќ

Следно

Општина Тетово: Проблем претставуваат имотите – Се одолговлекува продолжувањето на булеварот В.С. Бато во Тетово

Latest from Blog