Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ги повика политичките партии навреме да се договорат за терминот за одржување на претседателските и парламентарните избори следната година се со цел почитување на законските и уставните рокови.

До Нова Година треба да имаме консензус по однос на претседателските избори, парламентарните избори се друга приказна и важат други процедури и други рокови и има време до февруари, март, истакна Џафери на денешниот брифинг со новинарите.

Ако партиите немаат согласност и калкулираат, вели тој, јас тоа нема да го оставам така, нема да дозволам да се излезе надвор од она што е пропишано.

Должен сум тоа да го направам и да обезбедам дополнително време за да не останеме без претседател, посочи Џафери.

Претседателот на Собранието вели дека за уставните измени не е ништо променето по тоа прашање.
Тој информираше дека пратеници од Беса и Алтернатива поднеле барање за оглас за член на Државната изборна комисија.

За предложениот нов деловник на Собранието, чиј предлагач е Џафери, утре почнува амандманската расправа. Како што информираше Џафери, поднесени се триесетина амандмани и тоа од пратениците од Левица, СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, а дел од амандманите ги подготвила собраниските служби и ќе ги поднесе тој како предлагач. Се очекува новиот деловник да биде донесен со консензус и најверојатно ќе биде ставен на седницата на 2 ноември. Деловникот ќе се применува од почетокот на новиот мандат односно тоа првпат ќе биде со свикување на конститутивната седница на следниот парламентарен состав. Новина е дека таа седница нема да може да трае повеќе од три дена.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.