Дали Силјановска-Давкова вторпат ќе се кандидира за претседател на државата: „Не велам – не“

2 mins read

„Не велам – не, бидејќи ќе биде неодговорно потоа да ме потсетувате дека сум рекла не. Ама не сум сигурна“ – вели, меѓу другото, пратеничката Гордана Силјановска-Давкова на серијата прашања за тоа дали повторно ќе биде кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори напролет

Не можам со сигурност да кажам. Вака пратеничката Гордана Силјановска-Давкова одговари на прашањето дали повторно ќе биде кандидатка за претседател на државата на претстојните избори откако се кандидираше во 2019 г. и загуби од актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски.

Во емисијата „360 степени“ на МРТ1 таа рече дека размислува за ова прашање и дека има многу дилеми. Вели дека кога се во прашање жените и мајките, тие „мерат“ многу работи. Решавачки за неа ќе бидат разговорот со семејството, нејзината лична промисла, како и анализата на нејзината улога како пратеничка во Собранието.

360°: Но, не велите – не?

Силјановска-Давкова: Не велам – не, бидејќи ќе биде неодговорно потоа да ме потсетувате дека сум рекла не. Ама не сум сигурна.

Таа имаше интересен одговор на прашањето – дали знае како стои меѓу 22-цата за кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека „ги мери“ на анкетите.

Силјановска-Давкова: Нема да ми верувате ни вие, ни граѓаните ама од вас чув како стојам и од уште еден новинар, најслучајно. Јас ниту сум прашала, ниту…

360°: Партијата не ги споделува со вас тие резултати?

Силјановска-Давкова: Не. Го оставам тоа.

На прашањето дали ѝ значи тоа што на анкетите, како што велат партиски извори, котира највисоко меѓу потенцијалните кандидати за шеф на државата од ВМРО-ДПМНЕ и дали ќе ѝ биде важно кога ќе ја носи одлуката, таа одговори:

„Не ми значи тоа. Како човек ме допира, се разбира, ако е така. Меѓутоа, за одлуката многу други нешта одлучуваат“.

Силјановска-Давкова рече дека со Мицкоски не разговарале на оваа тема, дека меѓу нив двајца има заемен респект и дека таа никогаш не разговара за нешта во кои треба нешто да иницира или понуди, велејќи дека не сака да врши притисок или да влијае на некои настани.

„Оставам одлуката да биде на тој што треба да иницира“, рече таа.

На новинарска констатација дека ако повторно биде кандидирана, „тешко ќе може да се продава за независната Силјановска-Давкова“, туку дека кај јавноста се перцепира како ВМРО-ДПМНЕ, таа рече дека не мисли така.

„Мислам дека е очигледен респектот на ВМРО-ДПМНЕ кон мене и кон мојата автономија во парламентот, бидејќи јас имав слободен простор, дури и поинаку гласав неколкупати. Мислам дека, од една страна, тие изразија почит и кон некој што не е дел од нив, што е многу важно. Исто така, мислам дека е важна и мојата работа во Собранието, не знам дали е нескромно, меѓутоа јас се обидов како студентка да се посветам на работата, одговорно да ја вршам и да се држам до она што ми беше во кампањата главно – право и правда. Мислам дека и ја потенцираа мојата самостојност, ама исто така ја потенцираа почитта кон мене на оние кои ме предложија и за претседателски кандидат заради одговорното однесување кон оваа важна функција“,

смета Силјановска-Давкова.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

„Соѕвездија“ на режисерката Нела Витошевиќ по текст на Ник Пејн гостува во Драмски театар

Следно

Еден загинат во сообраќајка кај Братиндол – во прекин сообраќајот на патот Битола-Ресен 

Latest from Blog