Бугарија конечно доби политичка влада: Изгласан кабинетот на двоецот Денков-Габриел што го договорија ПП-ДБ и ГЕРБ-СДС

4 mins read

„За“ кабинетот на Денков-Грабриел гласаа 132 пратеници, а „против“ се изјаснија 69. Поддршка на премиерот не дадоа партиите Преродба, Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов. Против гласаше и еден пратеник од редовите на ГЕРБ

Според решението што претходно беше договорено, новата бугарска влада, што се однесува до премиерската позиција, ќе функционира на ротирачки принцип. Првите девет месеци премиер ќе биде Николај Денков предложен на Продолжуваме со промените, а вицепремиер и шеф на дипломатијата Марија Габриел од ГЕРБ. Потоа двајцата ќе си ги сменат местата

Бугарија по пет последователни парламентарни избори конечно доби нова политичка влада. Парламентот на земјата попладнево го изгласа новиот владин кабинет за кој договорот постигнаа двете најголеми партии, односно коалициите кои освоија најголем број пратенички места: Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија (ПП – ДБ) и ГЕРБ – СДС.

Николај Денков и Марија Грабриел/Фото: Принтскрин

Новата бугарска влада ќе ја предводи академик Николај Денков, кој денеска ја доби поддршката од бугарскиот законодавен дом, а вицепремиер и министер за надворешни работи ќе биде Марија Габриел од ГЕРБ. Според решението што претходно беше договорено, новата бугарска влада, што се однесува до премиерската позиција, ќе функционира на ротирачки принцип. Првите девет месеци премиер ќе биде Денков, кој беше предлог на Продолжуваме со промените, а вицепремиер и шеф на дипломатијата Габриел. Потоа двајцата ќе си ги сменат местата, односно Габриел ќе го преземе претседателското место на владата, а Денков ќе биде вицепремиер.

„За“ кабинетот на Денков – Грабриел, како што пренесуваат бугарските медиуми, гласаа 132 пратеници, а „против“ се изјаснија 69. Поддршка на премиерот не дадоа партиите Преродба, Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Има таков народ (ИТН) на шоуменот Слави Трифонов. Против гласаше и еден пратеник од редовите на ГЕРБ.

На денешната вонредна седница на парламентот присуствуваше и бугарскиот претседател Румен Радев.

Новиот бугарски премиер Николај Денков изјави дека членовите на кабинетот имаат стручност и храброст да носат важни одлуки и да сносат одговорност за нив. Во последните недели, како што потсетува БГНЕС, пратеничките групи на ПП-ДБ и ГЕРБ-СДС вложија напори да состават заеднички владин кабинет и да спречат земјата да оди на шести последователни избори во период од само две години, кои не би донеле поинаков резултат.

Денков, исто така, истакна дека биле направени многу компромиси од двете страни за да се обезбеди стабилност и перспектива за земјата.

„Тоа го направивме затоа што сме убедени дека на Бугарија ѝ треба редовна влада која ќе ги реши проблемите на народот и решително ќе го придвижи европскиот развој на Бугарија напред. На Бугарија ѝ треба стабилен парламент, најитно е донесување на бескрајно задоцнетиот буџет… Нè чекаат важни антикорупциски закони, како и измени на Уставот со кои се зајакнува судскиот систем. За нас тоа е кауза, а за да стане реалност се потпираме на широка собраниска и јавна поддршка“,

рече Денков.

Новиот бугарски премиер Николај Денков (лево) и копретседателот на Продолжуваме со промените Кирил Петков/Фото: Принтскрин

Уште еден од приоритет на владата што ќе биде предводена од двоецот Денков-Грабиел ќе биде и влезот на земјата во еврозоната до 2025 година и пристапувањето на Бугарија во Шенген.

Копретседателот на Продолжуваме со промените Кирил Петков рече дека кабинетот на Денков и на Габриел влева уверување дека сојуз е возможен и оти верува дека на Бугарија ѝ претстои светла иднина.

„Во оваа сала и на јавниот простор постојано разговараме дека Бугарија е земја која во моментов има многу проблеми за решавање, но она за што поретко зборуваме е дека Бугарија е земја со многу предности и можности. Длабоко верувам дека Бугарија е земја со светла иднина… Фактот што академик Денков ќе ја води владата на Бугарија во првите девет  месеци, а Марија Габриел во вторите девет, ми дава надеж. Академик Денков има искуство како заменик-министер и министер во неколку влади. Тој е скромна личност и нема да го слушнете да се истакнува. Марија Габриел е уште еден голем талент на Бугарија, таа се докажа како европски лидер во областите што го движат економскиот развој на цела Европа“,

рече Петков.

Претседателот Румен Радев при влегувањето во парламентот ја коментираше коалицијата на двете водечки партии и наведе дека изборите не ги направила бесмислени.

„Се надевам дека владата нема да ги предаде националните интереси како што лидерите на новата коалиција ја издадоа довербата на своите гласачи… Се сеќавате како господинот Борисов ја обиколуваше земјата убедувајќи ги луѓето да гласаат за него затоа што ПП ја ‘уништија државата’ и ако дојдат на власт ќе ја завршат. Денеска господинот Борисов им ја дава целата власт. Се сеќавате ли како ПП ги окупираше социјалните мрежи, за да ги инспирира нивните следбеници дека ГЕРБ е мафијата и треба да се избрише од бугарската политика. Денес тие ја делат власта со ГЕРБ. Политиката не е само интереси и мнозинска математика. Таа е над сите вредности. Денешното гласање ќе покаже дали народните избраници имаат достоинство или ја прифатиле улогата да бидат обични гласачи“,

ја пренесува БГНЕС изјавата на Радев.

Бугарскиот претседател Румен Радев на денешната седница на бугарскиот парламент/Фото: Принтскрин

По гласањето премиерот и министрите во новата бугарска влада дадоа заклетва: „Се колнам во името на Република Бугарија да ги почитувам Уставот и законите на земјата и во сите мои постапки да се водам од интересите на народот“.

Во продолжение ви ја пренесуваме целосната листа на министри објавена од бугарските медиуми:

  • Николај Денков – ротирачки премиер во првите 9 месеци;
  • Марија Габриел – вицепремиер и министер за надворешни работи, ротирачки премиер во вторите 9 месеци;
  • Асен Василев – министер за финансии и европски фондови;
  • Калин Стојанов – министер за внатрешни работи;
  • Тодор Тагарев – министер за одбрана;
  • Јулијан Попов – министер за животна средина и води и претседател на Советодавниот совет за европскиот зелен договор;
  • Румен Радев /заменик-претседател на АИКБ/ – министер за енергетика;
  • Андреј Цеков – министер за регионален развој и јавни работи;
  • Кирил Ватев – министер за земјоделство и храна;
  • Проф. Галин Цоков – министер за образование и наука;
  • Крастју Крастев – министер за култура;
  • Богдан Богданов – министер за економија и индустрија;
  • Милена Стојчева – министер за иновации и раст;
  • Иванка Шалапатова – министер за труд и социјална политика;
  • Атанас Славов – министер за правда;
  • Георги Гвоздеиков – министер за транспорт и врски;
  • Проф. Христо Хинков – министер за здравство;
  • Зарица Димкова – министер за туризам;
  • Александар Јоловски – министер за електронска влада;
  • Димитар Илиев – министер за млади и спорт.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Британскиот министер Клеверли: Бомбардирањето на браната Каховка во Украина е воено злосторство

Следно

Клековски и Василевска на средба со ФИДЕС- Најдобрите практики од Европа за изработка на програмата на ВМРО-ДПМНЕ

Latest from Blog

Од 19. Владина седница

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата со Предлог- измени и дополнувања на