Еден дел од соопштението на Владата за посетата на премиерот на САД за да присуствува на инаугирацијата на новоизбраниот претседател на оваа земја Доналд Трамп, го сврте вниманието на хроничарите на односите меѓу Вашингтон и Скопје.
Во изјава за Дојче веле ПР тимот на Мицкоски изјавија дека „ова е прва ваква можност во историјата на самостојна Македонија, премиерот на Владата на вака високо ниво во американската политика да оствари контакти значајни за државата“.
Тоа воопшто не е точно, а како глорификација, груба и неточна ја оцени и долгогодишниот проследувач на македонските надворешни односи, особено со САД, новинарот Љупчо Поповски од Независен.мк.
Церемонијата на инаугурацијата, по традиција во САД се важен демократски настан за домашната сцена и странските дипломати обично присуствуваат како учтивост, но шефовите на држави и влади обично не се вклучени.
Сепак, Трамп не е симбол на традицијата во САД по многу основи, особено демократски, па затоа тој инаугурацијата ја претвори во големо шоу на кое како гости се поканети и странски државници меѓу кои доминираат десничарските популисти.
Но, тоа е само едната страна на овој поглед на работите како право на новоизбраниот претседател да си ја организира забавата така како што тој посакува.
Кога станува збор за средбите на македонските државници со претседателите на САД за официјални и тет-а-тет средби се сметаат само две.
Едната е онаа на починатиот претседателот Борис Трајковски кој беше примен од американскиот претседател Џорџ Буш помладиот во 2001. Познато е дека тие двајцата беа блиски пријатели и претходно и таа нивна средба како претседатели на две држави во Белата Куќа останува, сега засега, како прва официјална средба на македонски со американски претседател.
Втората, официјална средба е онаа на поранешниот премиер Владо Бучковски, кој беше Овалната соба беше примен во октомври 2005, исто така од Џорџ Буш помладиот.
Само една година пред средбата, САД ја призна Македонија со тогашното уставно име.
После Бучковски ниту еден македонски премиер немал средба со претседател на САД во Белата Куќа.
Во Белата куќа, но кај потпретседателите на Америка имаа средби Бранко Црвенковски во летото 1998, кога беше примен од потпретседателот Ал Гор, Никола Груевски во февруари 2011 имаше разговор со тогашниот потпретседател, а сега претседател, Џо Бајден.
Последен во Белата куќа беше Зоран Заев во 2018 година тогаш на официјална средба со потпретседателот Мајк Пенс.
Средба со Џо Бајден како потпретседател на САД имаше и поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, а како запаметен ќе остане дипломатскиот гаф на Иванов кој тогаш во изјава за Гласот на Америка рече дека си намигнал со Барак Обама за време на Молитвениот појадок во Белата Куќа што го организираше Бајден.
Инаку, за средби „од нога“ на македонските високи државници со американски претседатели на големи мултилатерални настани или на форумите на организациите како НАТо и други слични, остануваат оние на Зоран Заев со претседателот Трамп за време на негивот прв мандат. Едната во Њујорк на настан по повод политичката декларација за реформата на Обединетите нации и втората на настан по повод 70 години НАТО во Лондон во 2019 година.
Таа 2019 година, Заев на Минхенската безбедносна конференција имаше средба со Џо Бајден, потпретседател на САД во мандатот на Барак Обама, една година пред да стане претседател на САД.
Со претседателот во заминување Џо Бајден „средба“ имаше и премиерот Христијан Мицкоски, ако така може да се нарече таа за заедничката фотографија со американскиот претседател и со тогаш генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по повод 75 години НАТО во Вашингтон.
ИЗВОР: racin.mk