Бербок пред посетата на Скопје: Ако ги изневериме, ќе ги загубиме Македонките и Македонците за Европа

March 23, 2023
2 mins read

Од германското МНР, пред посетата, посочија дека главната цел на посетата на Бербок е откочување на процесот на уставни измени во земјава, бидејќи, како што оценија, Северна Македонија е „клучна земја“ за процесот на проширување на ЕУ. Бербок очекува да се тргнат настрана партиските калкулации при одлучувањето за уставните измени во Северна Македонија

Очекувањата на мнозинството граѓани во Северна Македонија не смеат да се изневерат. Нивните големи надежи и очекувања за пристапниот процес за нас се шанса и опасност во исто време – опасност, затоа што би можеле да ги загубиме Македонките и Македонците за Европа, доколку како ЕУ ги изневериме нивните очекувања и покрај сиот напредок и болните отстапки кои ги направија во изминатите 17 години. Шанса, затоа што на сите учесници во процесот на проширување на ЕУ им е јасно за што всушност се работи: за иднина во европското семејство, за регион со стабилна добросостојба и мир, за самоопределување. Ова е пораката која ја испрати германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок пред нејзината денешна посета на Северна Македонија, пренесува „Дојче веле“.

Од германското МНР, пред посетата, посочија дека главната цел на посетата на Бербок е откочување на процесот на уставни измени во земјава, бидејќи, како што оценија, Северна Македонија е „клучна земја“ за процесот на проширување на ЕУ. Бербок очекува да се тргнат настрана партиските калкулации при одлучувањето за уставните измени во Северна Македонија.

„Можам добро да сфатам дека во моментов сите прашања за сопствениот идентитет, за сопствената историја, јазик и култура се дискутираат во Северна Македонија со срце и страст, тоа ни кај нас не е различно и е природно при важни прашања како промена на Устав. Но искуството покажува: во вакви ситуации се исплаќа да се тргнат настрана партиско-политичките калкулации, да се водите од јасна цел и во таа насока одлучно да се борите. Широката поддршка во парламентот на Северна Македонија за промена на Уставот ќе испрати сигнал, не само во самата земја туку и подалеку во целиот регион: ние апсолутно сакаме да влеземе во ЕУ и правиме сѐ што е неопходно од наша страна“,

изјави шефицата на германската дипломатија пред посетата на Скопје.

Таа порача дека местото на Северна Македонија е во ЕУ, „дека навистина го мислиме тоа, покажавме најдоцна со официјалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ во јули 2022 година.

Бербок, на покана на нејзиниот македонски колега Бујар Османи, денеска ќе допатува во Скопје на средби со државниот врв и опозицијата во обид да им даде поттик на уставните измени со кои Бугарите и другите заедници треба да бидат вметнати во Уставот.

Како што информираа од македонското МНР, разговорите меѓу двајцата министри ќе бидат насочени кон пристапниот процес на Северна Македонија во Европската Унија и спроведувањето на уставните измени што земјава го презема како обврска за продолжување на процесот на преговори со Унијата.

„Посетата на германската министерка Бербок се толкува како јасен сигнал на Сојузна Република Германија за интересот на германската надворешна политика во насока на целокупна поддршка на нашата земја и нашиот евроинтегративен процес, особено во годината во која прославуваме значаен јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи со пријателска Германија“,

посочија од МНР.

Освен со шефот на дипломатијата, германската министерка се очекува да оствари средби и со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, со претседателот Стево Пендаровски и со собранискиот спикер Талат Џафери.

Бербок треба да се сретне и со претставници на опозициски партии. Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека состанок ќе има и со партискиот лидер Христијан Мицкоски.

Доаѓањето на Бербок е во период кога земјава го спроведува скрининг-процесот со ЕУ и кога треба да се започне процесот на уставни измени со кои Бугарите и други заедници ќе се вметнат во Уставот.

За оваа цел, вицепремиерот Маричиќ пред два дена најави дека периодов во земјава ќе доаѓаат претставници од ЕУ и од земјите членки.

„Очекувам до крајот на годината многу официјални лица од ЕУ, државите членки и пошироко да доаѓаат и да разговараат со наши политичари, пратеници, лидери на партии и да ја пренесат пораката дека ако оваа година ја пропуштиме, Бугарија нема да ја пропушти шансата за да потенцира дека ние не сме сакале и не сме можеле да ги исполниме обврските“

рече Маричиќ во понеделникот во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.

Бербок е копретседателка на германските Зелени, партија која е коалициски партнер во владата на социјалдемократот Олаф Шолц.

На 40-годишна возраст, таа стана шефица на германската дипломатија кон крајот на 2021 година и е прва жена и најмлада личност што ја извршува оваа функција.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MARKETING

Претходно

ММЕ кој прв спомна осиромашен ураниум

Следно

Шефицата на германската дипломатија: „Местото на Северна Македонија е во ЕУ“

Latest from Blog

Џони Деп ги зачуди сите- ѝ прави друштво на Брижит Макрон на Модната недела во Париз (ВИДЕО)

Деп, 62, моментално ужива во помирен живот по турбулентните пет години исполнети со правни битки со неговата поранешна сопруга Амбер Херд. На ревијата во Париз, актерот изгледаше беспрекорно: носеше сив сако преку

Претседателот на Ла Лига ги прозва Сити и ПСЖ: Тоа не е нормално, ниту фер – тоа е измама!

Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, повторно ги нападна најголемите клубови во европскиот фудбал, обвинувајќи ги за неодржливи деловни практики и манипулирање со правилата. Овој пат, неговиот фокус беше на Манчестер Сити

Коцев: Зрновци – Општина на развој, хуманизација и квалитетен живот

Општина на развој, хуманизација и квалитетен живот најавува кандидатот за градоначалник на Општина Зрновци од ВМРО-ДПМНЕ, Борчо Коцев. На денешниот митин тој истакна дека четири годишната програма е сеопфатна со проекти во образованието,

Канаваро има нов ангажман, ќе биде селектор на Узбекистан

Италијанската фудбалска легенда, Фабио Канаваро ќе биде следниот селектор на репрезентацијата на Узбекистан. Стратегот последно беше на клупата на Динамо Загреб, но таму не се задржа премногу. Овојпат, тој има начелен договор,
Go toTop