Бенквоч: Расте загадувањето од јаглен на Западниот Балкан

September 18, 2024
2 mins read

Во 2023 година во земјите од Западниот Балкан е регистрирано зголемување на загадувањето од јаглен, како последица на одлуките на властите да продолжат со работа застарените термоцентрали на јаглен, се оценува во најновиот извештај на мрежата на невладини еколошки организации Бенквоч. 

Како резултат на ова, според мрежата, зголемено е загадувањето со сулфур диоксид, а над дозволените ниво биле и емисиите на прашина и азотни оксиди.  

– Лани, шест години по стапувањето во сила на Правилата за контрола на загадувањето утврдени со Договорот за Енергетската заедница, емисиите на сулфур диоксид од постројките на јаглен во Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија заедно беа 5,7 пати повисоки од дозволеното ниво. Ова претставува чекор наназад во однос на 2022 година, кога тие беа 5,6 пати повисоки од дозволеното, се наведува во документот. 

Според организацијата, апсолутен рекордер според емисиите на сулфур диоксид во регионот е електраната „Угљевиќ“ во Босна и Херцеговина. Операторот на електраната „Електостопанство на Република Српска“ земал кредит од Јапонската агенција за меѓународна соработка од 85 милиони евра за изградба на оддел за десулфуризација во „Угљевиќ“, за кој сега од компанијата признаваат дека на работи поради низа технички проблеми, но и поради тоа што претставува „економски товар“. 

Вицешампион загадувач е термоцентралата „Костолац Б“ во Србија, која иако од 2021 година бележи намалување на емисиите на сулфур диоксид, сепак тие минатата година биле на ниво 5,8 пати повисоко од дозволеното. И за изградба на оддел за десулфуризација во „Костолац Б“ е земен кредит од Кинеската извозна банка, но тој не се користи целосно. 

Бенквоч во извештајот посочува и дека емисиите на прашина од постројките на јаглен во регионот во 2023 година биле за 1,75 пати повисоки од дозволеното ниво, а на азотни оксиди за 1,3 пати. 

Согласно Националните планови за намалување на емисиите (НЕРП) на земјите од регионот, до крајот на минатата година требаше да бидат затворени застарените електрани на јаглен, но Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора не ги испочитуваа обврските и тие централи се уште се во функција, се посочува во документот. 

Во извештајот се наведува дека термоцентралата „Пљевља“ во Црна Гора требало да биде затворена до крајот на 2020 година, а „Тузла 4“ и „Какањ 5“ во Босна и Херцеговина и „Морава“ во Србија до 2022 година, но тие се уште се во функција. Дополнително, операторот на „Морава“, „Електростопанство на Србија“ соопшти дека се планира оваа термоелектрана да работи најмалку до 2026 година, исто како и „Колубара А“. 

Бенквоч нагласува дека Секретаријатот на Енергетската заедница покренал неколку случаи за прекршување на одредбите од Договорот, но засега ниту една од постројките на јаглен прекршители не е санкционирана, ниту пак постојат јасни, ажурирани и реални планови за нивно затворање или усогласување со еколошките норми и стандарди. 

Енергетскиот координатор на Бенквоч за Балканот, Давор Пехчевски, оценува дека Владите и јавните претпријатија во регионот „имаат намера да го исцицаат и последниот киловат од нивните стари електрани на јаглен, без оглед на здравствените трошоци“.  

– Националните енергетски и климатски планови (НЕЦП) на овие земји мора да утврдат како и кога постепено ќе прекине користењето на јагленот, но повеќето од нив досега не го направија тоа. Во Северна Македонија, затварањето (на постројките на јаглен) се одлага, а во меѓувреме не се преземаат никакви мерки за справување со загадувањето, вели Пехчевски. 

Според него, операторите со електраните на јаглен мора да се решат – или веднаш да ги затворат или да преземат мерки за нивно усогласување со стандардите додека не бидат затворени. 

Одговорната за енергетска политика во Југоисточна Европа во Бенквоч, Пипа Галоп, смета дека во време кога лидерите на ЕУ изгледаат уверени во способноста на Србија да управува со последиците врз животната средина од ископувањето на литиум, овој извештај нуди „отрезнувачки приказ на реалноста“ во спроведувањето на европското законодавство за животна средина во регионот.  

– Неспособноста на Европската комисија да обезбеди усогласеност со законодавството на ЕУ за контрола на загадувањето, става голема дамка на имиџот на ЕУ во регионот. Новиот комесар за проширување мора да се справи со ова, додава Галоп. 

Бенквоч е глобална мрежа на 17 еколошки невладини организации од Централна и Источна Европа, чие седиште е во Прага.

Извор: 24vesti.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Ангелов: Правата на бранителите заглавени во собраниските лавиринти

Следно

Сиљановска Давкова прими ученици-младинци со оштетен слух и говор

Latest from Blog

Алијанса за Албанците ја напушта Владата, Таравари: Одлучивме да се вратиме кај народот!

По околу два часа состанок, Алијансата за Албанците донесе одлука да ја напушти владата и да премине во опозиција.  Како што информираше Арбен Таравари, до оваа одлука дошле поради незадоволства, при што ги спомена балансерот и законот за јазиците.  Таравари меѓу другото рече дека ќе му се вратат на граѓанинот и дека Алијанса за Албанците е уникатна партија. ИЗВОР: ТВ 21

Гешоска во Аргумент плус: Потребна е поголема финансиска поддршка за Саемот на книга

Искра Гешоска претседателка на „Контрапункт“ во Аргумент плус рече дека, читачкиот пазар во Македонија е мал. Според неа, потребни се модели на финансирање со кои ќе се поддржи Саемот на книгата. „Покомплексен

Турскиот министер Фидан и американскиот државен секретар Рубио разговараа за билатералните односи и регионалните прашања

ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, и американскиот државен секретар Марко Рубио денес разговараа за билатералните односи и регионалните прашања, вклучувајќи ги Сирија, Газа и Украина, соопштија турски

Муцунски ја посети болницата „Каролинска“ во Стокхолм, каде беа хоспитализирани повредените од пожарот во Кочани

Министерот Муцунски ја посети болницата „Каролинска“ во Стокхолм, каде беа хоспитализирани македонските пациенти повредени во пожарот во Кочани Во рамки на дводневната работна посета на Шведска, министерот за надворешни работи и надворешна
Go toTop