Авдивка и скршениот рускиот морал

4 mins read

Многу е тешко да се одржи каков било дух за агресивен напад меѓу такви војници, посебно ако тоа се регрути кои не волонтирале и немаат никаков интерес за војување. Последниот британски разузнавачки извештај тврди дека Русија сега посебно се потпира на специјално формираните „Шторм-З“ единици, составени од затвореници и обични војници префрлени таму под казна, за да ги извршуваат офанзивните операции: односно, за нападите. Британските аналитичари додаваат и дека Русија има „екстремни потешкотии за собирање на борбена пешадија која има капацитет за ефикасни офанзивни операции.“

Во пракса, срцата на обичните руски војници се скршени: единствените руски војници кои можат да бидат натерани да ги напуштат своите ровови и да јуришаат се оние од Шторм-З единиците. Можеби некогаш се планирало овие единици да бидат елитата, но тие сега реално се казнени одреди во кои секој човек е осуден на смрт.

Слични ситуации имаше и во претходните војни. Познатиот американски полковник Дејвид Хакворт, кој водеше измачувачка рововска војна во Кореа, формираше елитна единица под името Рајдерс, од војниците во неговиот полк. Речиси целото агресивно војување на полкот го вршеа Рајдерс, но тие беа и третирани како елита. Рајдерсите добиваа специјално оружје, подобри оброци и беа повлекувани од фронтот во поудобно сместување меѓу операциите. Подоцна во Виетнам, Хакворт употреби слична идеја: но тој исто така сакаше да ги челичи срцата на своите војници, толку да ги окорави што тие ќе останат агресивни и волни за борба дури и по истоштувањето од продолжената војна.

Тоа е многу тешко да се направи: но доказите покажуваат дека украинските војници денес навистина имаат челични срца. Тие цело лето продолжија беспоштедно да напаѓаат. Јасно е дека Русија го чувствува притисокот на југот на Запорожје, каде Украинците притискаат кон Азовското море за да ја прекинат врската меѓу руските сили. Ова ги натера Русите да тргнат во неразумна офанзива околу Авдивка, во обид да повлечат војници од главниот украински напад.

Меѓутоа украинската 110-та механизирана бригада, која ја предводи одбраната на Авдивка, херојски одработи. Русите продолжуваат да истураат се повеќе луѓе и опрема во уште една неуспешна мелница за месо, која наликува на катастрофалната руска кампања за освојување на Бахмут по секоја цена. Руската Втора комбинирана армија најверојатно изгуби една бригада војници како што локалците известуваат дека ридовите околу градот се покриени со руски лешеви. Русите единици се притиснати од тежок украински оган, и не можат ни да се повлечат ни да напредуваат. Соочени со неуспешниот напад, Русија како да почна да мобилизира дополнителни резерви од 106-та падобранска дивизија, за да го олесни притисокот кај Авдивка.

Таа исто така собира нови Шторм-З јуришни единици од Првиот корпус. Тие наводно имаат многу низок приоритет за медицински третмани и надополнување со залихи, веројатно затоа што не очекуваат да преживеат доволно долго за тоа да им биде потребно.

Авдивка преставува стратешки и политички неуспех на Русија, не само тактички и оперативен. Една од главните цели на оваа офанзива беше да се олесни притисокот на југот. Меѓутоа Украинците добро издржуваат, а руските загуби стануваат неодржливи. Сега станува веројатно дека ќе има ограничено повлекување кај Авдивка, бидејќи Русија нема да може да ги снабдува своите трупи околу градот.

Оваа офанзива беше смислена од генерал Герасимов, првиот човек на рускиот генерал штаб и лут сојузник на Путин. Како човек што директно му одговара на министерот за одбрана Сергеј Шојгу, Герасимов лично беше задолжен да ја спречи украинската летна офанзива. Неговиот план не успеа, што го чинеше голем број руски животи.

Герасимов требаше да даде приоритет на реорганизација на одбраната во Запорожје откако руската војска го изгуби својот капацитет да нападне. Одлуката на Герасимов ја покажува неговата наклоност кон офанзиви. Тоа е една од причините зошто Путин го држи на таа позиција, бидејќи неговиот претходник, далеку поспособниот Суровкин, заменет по неуспешниот пуч на Вагнер, повеќе беше наклонет кон дефанзивни мерки кога ситуацијата го бараше тоа.

Како што руските механизирани дивизии се истоштени,  времето станува непогодно за напад, а пешадијата се полни со лошо раководени регрути и осуденици, Русија не може и понатаму да си дозволува несмасност. Меѓутоа несмасност ќе има, бидејќи нема никој што ќе го преиспита катастрофалното водење на руските кампањи од страна на Герасимов и Шојгу: само крволочен тиранин кој треба да се задоволи, кој е решен да види уште повеќе лошо осмислени руски напади осудени на пропаст против челичната решителност на Украинците.

Сепак, 2024 ќе донесе одредени тешки одлуки за Киев како што вниманието на САД се повеќе ќе биде одвлекувано на други теми.

Веќе видовме како американска муниција за Украина е пренасочена кон Израел, и како поделениот Претставнички дом разделен по партиски линии бара повеќе финансирање за Тел Авив, така Киев ќе мора да најде повеќе поддршка во престолнините поблиску до себе. Тоа ќе биде клучната дипломатска мисија, и тешка мисија за Украинците кои несомнено ги водат битките на Европејците а добиваат многу малку помош за тоа.

Но, дури и кога овие финансиски и политички реалности почнуваат да загризуваат, Украина може да најде утеха во фактот дека Русија има истрошено речиси, ако не и повеќе од, 100% од нејзината борбена сила од 2021/22. Моќните „контрактники“ професионални војници од пред инвазијата се збришани, а Украинците сега се соочуваат со армии од неволни регрути и талогот на рускиот затворски систем. И Украина крвареше, меѓутоа секој војник во нејзината армија знае дека се бори за да го спаси својот дом, своето семејство и самиот себе од ужасите на руската окупација: за него задачата за челичење на срцето и неспоредливо лесна за спроведување.

Овој украински борбен дух кој не може да се потисне е тоа што е важно. Тој од почетокот на путиновата инвазија ја спаси украинската нација и ден денес продолжува да го прави тоа. Не е важно од која странска нација доаѓа оружјето и муницијата се додека продолжат да доаѓаат.

По некое време кога учениците ќе се навратат и ќе ја изучуваат природата на војната, тие ќе бидат  потсетени на изреката на Наполеон дека во војна „моралот во однос на физичкото е три спрема еден“. Тие веројатно ќе ја наведат Украина како еден од најголемите примери за оваа вистина.

Роберт Кларк,
Телеграф

ИЗВОР: off.net.mk

Претходно

Изложба „Заедно дишеме, јадеме и пиеме“

Следно

ОН предупредуваат: Газа се наоѓа на работ на огромна здравствена опасност

Latest from Blog