Ангелоски: Изгубена година за суштински реформи во економијата

5 mins read

Господине Ангелоски, од 5 март започна слободниот пристап до пазарот на труд во рамки на „Отворен Балкан“. Ова е шанса или нов удар за домашното стопанство?

Генерално, мислам дека вашето прашање се состои од два дела. Првиот дел се однесува на бирократските процедури кои предходно постоеле помеѓу овие земји кои сакаат да влезат во оваа економска инициjатива. И со укинувањето на процедурите, генерално, стопанството добива. Се добива на флексибилност, мобилност, вработените ќе можат од земја во земја полесно да мигрираат. Одредени компании ќе можат полесно на нивните вработени да им ги решат работните дозволи во таа земја каде ги изведуваат проектите, тој дел апсолутно го поздравуваме, сметаме дека нашиот регион мора економски да се интегрира, ако сакаме да постигнеме поголем раст на бруто националниот доход, подобра економска состојба.

Е, сега во вториот дел од прашањето, дали ова ќе е е бенефит во овој момент за нас, значи на долг рок да – ќе биде бенефит, меѓутоа краткорочно, еве во овој момент како изгледаат работите.

Знаете како, ако одите на пазар и со себе не носите средства, колку производи ќе можете да купите во тој момент? Македонската економија во овој момент е најслаба од останатите две кои се интегрираат во овој процес. Српската економија има огромни инвестиции во инфраструктура и останати проекти. Економското ниво им е повисоко и на нив им требаат квалитетни кадри и луѓе кои они би можеле да ги привлечат. Албанската економија исто така има многу позитивни резултати на полето на туризмот и големи инвестиции во инфраструктурата. За жал, во овој момент кај нас не можеме да се пофалиме со добри економски резултати и сметам дека ќе има одлевање на дополнително на одреден број на работници од нашата земја во соседните земји.

Според ваши проценки колку работници му недостигаат на македонското стопанство?

Не поседуваме ние таков статистички податок колку му недостигаат. Меѓутоа, сметам дека дефинитивно треба да се позанимаваме и со реформи на одредени јавни институции каде што би можеле одреден квантум на вработени од јавниот сектор да се преусмерат во приватниот сектор. Треба да се поработи на иселувањето на луѓето, значи да запре тој процес на иселување. Затоа што дефинитивно со слаба економска активност, луѓето секогаш добиваат подобри понуди во странство и тие се мотивирани да се иселуваат. Значи нас на долг рок, не ни одговара нашата економија да биде на вакви ниски гранки и ние секој ден со одржувањето на нашата економија на ова ниско ниво губиме.

На почетокот на 2023 година власта започна со решавање на проблемот со недостиг на работници со увоз на работна сила од Југоисточна Азија. Колку е тежок тој процес и административно и во однос на наоѓање соодветен кадар?

Процесот е дефинитивно бирократски и проблематичен. Многу институции се затворени, не одобруваат доволен број дозволи, процедурите се навистина комплицирани, долги и така натаму. Треба да размислуваме во тој правец да можеме да увезуваме одреден број на вработени од овие азиски земји. Меѓутоа не сметам дека е првенствено главно решение, треба да се ориентираме на увозот на овие азиски работници, затоа што треба да видиме што можеме и ние кај нас со одредено подигање на економското ниво, со оние кадри кои ги имаме во одредени нефункционални гранки и дејности, да ги преориентираме во одредени профитабилни дејности во економијата.

Зборувате за преквалификација и доквалификација?

Да, мислам на јавната администрација, јавните претпријатија и останатите јавни служби кои сметаме дека се превработени.

Колку приватниот сектор го следи зголемувањето на платите во јавниот сектор?

Приватниот сектор мора да го следи и зголемувањето на платите, затоа што доколку не го следите тој тренд, едноставно останувате без вработени. И тоа е најлошото сценарио кој може да ви се случи. Државата се наметна со подигањето на минималната плата и според многу економски експерти, тоа е една од причините за креирање за инфлаторен бран и зголемување на цените на доста производи, така што приватниот сектор е само на некој начин набљудувач во овој процес и ги трпи последиците од ова појава.

Oд 1 март цените одмрзнаа, граѓаните се жалат на поскапувања во маркетите. Дали треба да се стравува од нов ценовен шок?

Знаете како од доста политичари беше ветувано дека ќе обезбедат ефтини цени. Како човек кој работи цел живот во стопанството, кога некој ќе ви нуди евтини цени, секогаш постои еден голем знак на прашање. Зошто некој ви нуди евтини цени? Евтини цени не постојат на пазарот. Постојат пазарни цени. Државата треба да се грижи да го регулира пазарот. Какви ќе бидат цените? Тоа зависи од економскиот натпревар помеѓу понудата и поварувачката.

Многу работи треба да се преиспитаат уште еднаш во целиот тој процес. Какви ни се царините за увоз на одредени прехранбени производи? Според оние информации што ние ги имаме се повисоки од тие во Европската Унија. Затоа, да не ве изненади доколку еден ист производ го видите во нашите маркети дека е со повисока цена, а истиот тој производ ако отидете во одредени европски земји, ќе ви се чини дека е со пониска цена.

Значи, дефинитивно ние имаме одредени податоци од одредени наши членки кои произведуваат одредени прехранбени производи. За одредени суровини кои тие ги увезуваат постојат царини во нашата царинска тарифа дури до 40%. До ланската година за увоз од земји кои се надвор од овие со кои имаме потпишено бесцарински режим, за како вид на дополнителна давачка имаше исто 30-40% и за маслото за јадење. Затоа одредени производи кај нас се на такво високо ниво.

Значи, треба да се преиспита целиот процес од влез на суровините, какви давачки се плаќаат, се со цел дали самите ги произведуваме, доколку не ги произведуваме, очигледно е дека цените кои ке ги добиеме од увоз има транспортни трошоци, увозни трошоци. И тоа е еден целокупен процес. Меѓутоа, економијата треба да се остави сама да си ги регулира цените, преку понуда и побарувачка. А државата, единствено, треба да се грижи да целиот процес биде транспарентен, регулиран, да биде поставен на економски фер основи.

Државата ќе се обиде да го регулира преку Законот за нефер траговски практики. Колку тоа ќе го реши проблемот?

Тој закон, дефинитивно, ќе помогне во решавање на проблемот. Од наша страна беше апалирано во повеќе наврати тој закон да се донесе многу порано. Ние сметаме дека е доцна носењето на законот за нефер трговски практики и дека овој закон ќе помогнеше многу порано за да бидат одредени услови на пазарот регулирани. За истиот закон добивам коментари од одредени наши членки дека, сепак, постојат одредени механизми внатре, кои не се јасно дефинирани. Значи, треба да се поработи и самиот закон да биде на високо квалитативно ниво.

Кои се тие?

Имаше за повеќе аспекти. Знаете, тој закон најчесто ги регулира одредени однесувања на трговските ланци со своите добавувачи во однос на наплата на позиција во маркет, баркодови, дополнително рекламирање итн. Тоа е цел еден процес каде што на некој начин се користи позицијата на голем трговец кој директно има пристап до крајниот купувач, да го стави во одредена позиција добавувачот на одредени производи и сметаме дека тука државата треба да помогне да ги заштити малите компании кои влегуваат во преговори со големи трговски ланци, за секогаш да постои една фер и коректна соработка за двете страни.

Северна Македонија е пред одржување на двојни избори – и парламентарни и претседателски. Како изборите ќе влијаат врз економијата?

Сметам дека изборите дефинитивно, барем половина од годинава, ќе ни го одземат тој временски период за некои посуштински реформи и активности. Политичките субјекти ќе се фокусирани околу изборниот процес. Згора на тоа, имаме и двојни избори, парламентарни и претседателски. Сметам дека оваа година на некој начин, се додека се конституира влада, ќе помине може и две третини од годината, додека ние добиеме влада со полн политички мандат, која ќе може да носи какви било одлуки. Така што, ќе мораме да се навикнеме да живееме во овој „замрзнат“ временски период.

Година изгубена за економијата?

Може да се каже на некој начин дека ќе биде изгубена, со оглед на тоа што на нашата економија и фалат суштински реформи. Доколку не се направат суштински реформи, тоа го гледате во сите извештаи, и од Народната банка, и од меѓународните монетарни институции, сите континуирано бараат суштински реформи. Без суштински реформи, оваа економија ќе произведува 2% раст. Мегутоа со 2% раст во услови на инфлација која ќе биде повисока од растот, се поставува прашањето, дали ние ќе бидеме во минус? Значи, дефинитивно ни фали ориентација каде што нашата економија ќе испорача раст од 5% до 6%, тогаш на некој начин ќе можеме да изразиме одредено задоволство, дека напредуваме. Меѓутоа, постои еден апсолутен факт – нашата економија е една од последните на европскиот континент. И мислам дека ова е поразителен факт.

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

НОВА ПРОМОЦИЈА НА 2win.мк : БОНУС ДОБИВКИ ЗА ЕЛЕКТРОНСКАТА ИГРА „РОКЕТМЕН“

Следно

Вучиќ: Изборите за Белград најдоцна до 2 јуни

Latest from Blog