Членството во Европската Унија е стратешка цел, но Македонија ќе се води од политиката на стратешкиот партнер САД.
Иако звучи чудно, но оваа изјава на премиерот Мицкоски и МНР НТ ја отсликува вистинската ситуација во која се наоѓа ЕУ, и тоа не само во односот на земјите-кандидати, туку и на голем дел од нејзините членки. Унгарија и нејзиниот премиер Виктор Орбан подолго време не се согласуваат со заедничката европска било внатрешна било надворешна политика, но Унгарија и натаму е членка на семејството од стратешки причини. Слично е и со Словачка, на моменти Бугарија, кога се во прашање нејзините односи со Русија, но и членките каде десничарските лидери го доведуваат кредибилитетот на политките на Брисел.
Пораките од повеќе земји членки на Унијата, Македонија да бара помош и решение во Вашингтон за бугарското вето преку инкорпорираниот француски предлог во преговарачката рамка, односно вметнување на Бугарите во преамбулата на уставот веднаш, со цел на отворање на поглавјата, зборуваат дека билатералните односи со стратешките партнери се и тоа како важни за решавање на билатерални ирационални спорови.
Ако на трите посети на САД од страна на премиерот Мицкоски за краток период се гледаше како на ,,почетничка среќа‘‘, поради добрите односи со дел од адмиинистрацијата на Трамп и блиски луѓе во неговото опкружување, со посетите на Турција и на Унгарија, се исцртува мапата на барањето поддршка и соработка од билатералните стратешки партнери.
Кон оваа политика не може повеќе да се ,,залепи‘‘ критиката дека оваа влада е свртена повеќе кон исток, отколку кон запад. Прецизно избраните партнерства не се случајни, туку наменети кон остварување на други стратешки цели и соработка, развој на економијата, предвидувања на нејзиното движење и заземање подобра стартна позиција во искористување на ,,новото нормално‘‘.
Но, да одиме по ред. Зошто е значаен договорот со Турција, која има козистентност во политиката кон Македонија, од фуснотата во НАТО со уставното име, инвестиции од 2 милјарди евра или 38% од сите странски инвестиции, заклучно со крајот на минатата година. Таа е 7-ми трговски партнер со раст од 10,4% во првите 10 месеци од 2024, во споредба со истиот период претходната година. Воената соработка е една од клучните, а политичката се базира и на огромна дијаспора со потекло од Македонија која сега живее во евроазискиот џин. И последно, на 28 февруари двете земји потпишаа заедничка политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво.
Унгарија пак, ,,лошото дете‘‘ во Унијата, честопати го критикува силеџискиот однос на Брисел кон Скопје, но и генералната надворешната политика. Ако Орбан еднаш можеше да искуси како е да го испратат на кафе пауза, тогаш со полно право може да побара тоа да се стори со некој друг – на пример бугарскиот премиер кога следниот пат ќе се одлучува за отворање на поглавјата со Македонија. Кредитот од една милијарда евра, свежи и евтини пари, веќе придонесуваат за развој на македонското стопанство, општините и намалување на надворешниот долг за 3%. На меѓувладината седница договорена е уште подлабока меѓудржавна соработка во делот на инфраструктурата, воена соработка и вмрежување на воената индустрија за настап на трети пазари, и тоа во моменти кога Унијата одлучи да се вооружува за 800 милијарди евра, а Трамп побара зголемување на буџетите на одбрана за над 3%. Двете земји веќе длабоко соработуваа во заштитата на границите од илегалната миграција. Двете земји се на иста линија со Вашингтон за постигнување мир во Украина.
Додека едни аналитичарите гледаат интерес кај двете поранешни империи, кои се судрувале токму на границата на Македонија, други гледаат оска помеѓу Москва-Будимпешта-Белград која се обидува да го вовлече и Скопје. Но, и едните и другите забораваат дека ова се други времиња и други политики. Никој не видел добро ниту од руска, ниту од која било странска чизма, а сите во еден период од историјата искусиле колку туѓата чизма боли.
Оттаму, билатералните стратешки партнерства, како тие со Вашингтон, Будимпешта, Анкара не треба да застанат тука. Во моменти кога стратешката цел, Европската Унија се соочува со сериозна криза, и од внатре и од надвор, добро е тие билатерални партнерства не само да не запрат, туку и да се зголемат, да се прошират и продлабочат.
Искуството ни говори дека по примерот на потпишувањето на стратешкото партнерство со САД, веднаш по фијаското на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008. година, Македонија повеќе нема време за чекање на ,,бел чад‘‘ од Брисел.
Посебно не да чека на добрата волја на некој од лукративните лидери во Унијата или ,,историски неостварени големи држави‘‘, оти ќе се изначека. Таа карма низ историјата ја искусивме повеќепати. Доста беше!
ИЗВОР: kurir.mk