Адвокатот Жарко Хаџи-Зафиров: Правдата за загадувањето ја бараме и во Стразбур

June 8, 2026
2 mins read

Правната борба против загадувањето од домашните судови се сели во судот за човекови права во Стразбур. Неодамна се докажа дека нашата држава со голи раце „војувала“ против загадувањето, односно ова со судска тапија го потврди Врховниот суд, прогласувајќи ги за виновни владите од 2018 година навака. Во иста насока беа и неколку пресуди од Управниот суд, кои сега добија амин и од највисокиот суд.

Ова се први пресуди поврзани со уставното право за здрава животна средина, а со кои граѓаните конечно, за првпат, ја победија државата на суд. Имено, во поднесените тужби се бараше одговорност од повеќе државни институции, но, сепак, Управниот суд, како единствен виновник ја прогласи владата.

Судската постапка почна пред шест години, кога неколкумина адвокати, од адвокатските друштва „Бона Фиде“ и „Гоџо, Кичеец и Новакоски“ го прифаќаат предизвикот и застапуваат неколкумина граѓани, преку 11 предмети пред Управниот суд.

Тогаш судот застана од страна на државата, односно донесе одбивателни пресуди. Но, кон крајот на 2024 година, по поднесена жалба од Центар за правни истражување и анализи, Врховниот суд ги врати предметите во живот, носејќи начелен став, со кој утврди дека државата е должна да обезбеди здрава животна средина, а непреземањето дејствија го утврди како повреда на правата на граѓаните.

Тоа значеше дека Управниот суд ќе мора повторно да ги разгледа тужбите по што го смени својот првичен став и вината ја насочи кон владата. Ако се земе предвид периодот што е опфатен, значи дека прстот на вина е вперен кон трите изминати влади, почнувајќи со онаа на Зоран Заев, Димитар Ковачевски и завршувајќи со последната на Христијан Мицкоски. Сега новината е што и Врховниот суд ги потврди пресудите.

За победата на граѓаните пред Врховниот суд, разговаравме и со еден од адвокатите што беше вклучен во целиот процес, Жарко Хаџи- Зафиров.

ФОКУС: Правната битка против загадениот воздух од неодамна финишираше со одлука на Врховниот суд, кој ги потврди пресудите на Управниот суд. Поточно, за „виновни“ се прогласени владите од 2018 година, па сè до денес, кои не донеле Национален план за заштита на воздухот. Најпрвин, дали оваа одлука ја сметате како делумна победа, бидејќи одговорност се бараше од повеќе институции, не само од Владата?

ХАЏИ-ЗАФИРОВ: Одлуките на Управниот суд и Врховниот суд се делумно позитивни бидејќи со нив беше направен обид за балансирање во однос на одговорноста на институции што се надлежни за обезбедување квалитетен воздух согласно усвоените стандарди. Имено, по овие одлуки се поставува прашањето како може да се утврди дека надлежните институции постапувале, а, сепак, квалитетот на воздухот во поголемите места каде што има мерни станици да е континуирано загаден. Дали загадениот воздух е симптом дека воспоставениот систем не функционира поради недостиг од капацитети, човечки, финансиски, организациски или дека институциите не ги вршат нивните надлежности. За судовите беше наједноставно да наложат да се донесе документ што не е донесен, но не и да утврдат и да наложат доследно постапување на надлежните институции.

ФОКУС: Што ќе значи ова во пракса, дали Владата сега нема избор и ќе мора да постапи по одлуката на Врховниот суд?

ХАЏИ-ЗАФИРОВ: Како што видовме во конкретниот случај, по донесувањето на Начелниот став на Општата седница на Врховниот суд, во октомври 2024 година, до денес не е усвоен Националниот план за чист воздух, ниту се преземени драстични мерки за подобрување на состојбата со загадениот воздух.

ФОКУС: Дали граѓаните со оваа пресуда ќе имаат основа и да ја тужат владата за последиците што ги имале од загадениот воздух?

ХАЏИ-ЗАФИРОВ: Граѓаните имат основа да ја тужат државата доколку докажат дека државата не ги извршува соодветно своите надлежности и доколку докажат дека имаат определена штета што е предизвикана како резултат на неизвршувањето на надлежностите од страна на институциите. Оваа можност произлезе од Начелниот став на Општата седница на Врховниот суд на РСМ, бидејќи со тој начелен став се утврди дека државата преку непостапување во рамките на своите надлежности во областа на животната средина врши повреда на правото на здрава животна средина загарантирано со членот 42 од Уставот на РСМ.

ФОКУС: Дали ќе се иницира некаква постапка пред Судот за човекови права во Стразбур?

ХАЏИ-ЗАФИРОВ: Да. Во моментов има 3 постапки пред Европскиот суд за човековите права, за предметите по кои беа донесени негативни одлуки, но сметам дека треба да се поднесат апликации и за последните две делумни одлуки на Управниот суд и Врховниот суд.

Извор: zurnal.mk

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Општина Битола ги презентира измените на урбанистичките планови

Следно

Општина Битола: Нов спортски комплекс за жителите на „Стрелиште“

Latest from Blog

Проданоски: Детските насмевки се најголемата победа на велосипедската трка

Над 200 деца учествуваа на „Ептен мини детската велосипедска трка“, која денеска се одржа на булеварот „Гоце Делчев“ во Прилеп. Најмладите велосипедисти возеа со поддршка од родителите и најблиските, проследени со аплаузи

Општина Битола: Училиштата добиваат обновени терени, продолжува изградбата на спортските сали

Изградбата и реконструкцијата на 24 училишни спортски терени и четири типски спортски сали ја одбележуваат годинава во Битола, информираат од Општината. Дел од проектите се завршени, додека останатите се во фаза на

Николоски: Околу шест милиони евра инвестираме во инфраструктурниот развој на Кичево

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска оставри работна посета на општина Кичево, каде со градоначалникот Александар Јовановски изврши увид во реконструкција на улица Рудничка. Ова е проект

ИЗИР: Македонија не смее да го пропушти моментумот за одржливо искористување на минералните ресурси

Македонија не смее да го пропушти моментумот што се создава во Европа во однос на обезбедувањето критични минерални суровини и да дозволи потенцијалот на домашните наоѓалишта, меѓу кои и Иловица–Штука, да остане

Општина Битола: Градот го слави ослободувањето низ „Сите бои на сеќавањето“

Под слоганот „Сите бои на сеќавањето“, Битола го одбележува 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот, со програма што ги поврзува историската меморија, културата, спортот и хуманоста. Настаните се одржуваат од 30
Go toTop