Адвокатот Наумовски ја повлече иницијативата до Врховен за „оживување“ на помилувањата на Иванов

4 mins read

Миле Наумовски, во разговор за „360 степени“, вели дека во иницијативата во најголем дел се осврнал, односно го обработил прашањето за членот 353 од Кривичниот законик, додека помилувањата на Иванов биле во, условно кажано, втор план. Одлучил да ја повлече затоа што смета дека по измените на Кривичниот законик од 6 септември нема повеќе потреба највисокиот суд да носи начелно правно мислење

Иницијативата до Врховен тој ја поднел на 23 јуни оваа година, а за неа јавноста дозна по повеќе од три месеци, односно на 9 октомври, кога Врховниот суд преку писмено соопштение објавено не официјалната веб-страница информираше за тоа

Адвокатот од Скопје, Миле Наумовски, ја повлече иницијативата што ја поднесе до Врховниот суд за утврдување начелен став и начелно правно мислење за помилувањата од поранешниот шеф на државата Ѓорге Иванов, што беше протолкувано како обид за нејзино оживување.

Зградата на Врховнион суд на РС Македонија / Фото: Архива

Дека ја повлекол иницијативата во разговор за „360 степени“ потврди лично адвокатот Наумовски. Тој ни изјави дека тоа го сторил денеска.

На прашањето зошто се одлучил на ваквиот чекор, одговори дека причината се донесените измени на Кривичниот законик.

Како што ни објасни, во иницијативата што на почетокот на летото ја поднел до Врховниот суд во најголем дел се осврнал на членот 353 од Кривичниот законик, кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, конкретно на преширокиот опсег што го имаше овој член.

„Во најголем дел (во иницијативата н.з.) беше обработен членот 353, додека аболицијата беше ставена на крајот“,

вели Наумовски за „360 степени“.

Сега, по измените на Кривичниот законик, кои Собранието ги усвои на 6 септември оваа година, адвокатот решил да ја повлече иницијативата затоа што не гледа потреба највисокиот суд да одлучува по ова прашање бидејќи со измените, меѓу другото, како што рече, се намалени казните за кривичните дела опфатени во овој член, кои претходно беа над пет години, а сега максималната казна е до пет години.

Во меѓувреме, како импликација на измените на КЗ почнаа да застаруваат и делата за кои по овој член се гонеа голем дел од обвинетите во случаите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).

„Го повлеков затоа што законодавецот со измените на Кривичниот законик го стесни полето за примена на овој член“,

ни изјави Наумовски.

Тој иницијативата до Врховен ја поднел на 23 јуни оваа година. Јавноста за неа дозна по повеќе од три месеци, односно на 9 октомври, кога Врховниот суд преку писмено соопштение, објавено не неговата официјална веб-страница, информираше за тоа.

Од соопштението на Врховен тогаш се доби впечаток дека фокусот на иницијативата е ставен на помилувањата од Иванов, а не на членот 353 од КЗ, како што тврди адвокатот што ја поднесе.

„Поради интерес на јавноста и медиумите, Врховниот суд на Република Северна Македонија известува дека во Врховниот суд на РСМ доставена е Иницијатива за утврдување на начелен став и начелно правно мислење за повеќе прашања во врска со кривичната постапка, помеѓу кои и за прашањето за дадените помилувања од страна на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Ѓорге Иванов. Иницијативата е поднесена од Миле Наумовски, адвокат од Скопје“,

беше наведено во соопштението на Врховен од 9 октомври 2023 година.

Осврнувајќи се на него, дел од медиумите тогаш пишуваа дека во случај Врховниот суд да донесе позитивен начелен став во однос на аболицијата, помилуваните функционери од Иванов, меѓу кои и поранешниот премиер и екслидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, би се спасиле од кривичен прогон.

Се поставуваше и прашањето зошто адвокатот поднел ваква иницијатива кога врховните судии Цветанка Периќ, Џемали Саити, Африм Фидани, Мирјана Лазарова-Трајковска и Сафет Кадрии, во случајот „Транспортер“ постапувајќи по барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, веќе се изјаснија дека помилувањата на Иванов не важат.

Исто така, од извори во судот беше наведено дека иницијативата на скопскиот адвоката била ставена во процедура, односно во фаза на изготвување на реферат од страна на судија известител.

Другото прашање што се наметна беше и тоа зошто да се расправа за адвокатската иницијатива по усвоените измени на Кривичниот законик во парламентот, со кои ексфункционери би се спасиле од кривичен прогон бидејќи измените предвидуваат помали затворски казни, а со тоа и побрзо застарување на кривичните дела.

Инаку, пред два дена, во посета на Врховниот суд беше американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, каде освен со претседателката, Беса Адеми се состана и со судиите на највисокиот суд во државата.

Главни теми на средбата, како што соопштија од Врховен, биле независноста на судството и клучните фактори кои придонесуваат за тоа.

„Судството не смее да биде под притисок на политиката и не треба да се дозволи мешање на другите власти во донесувањето на судските одлуки кои мора да се засновани на законите. Потребно е да се почитува уставното начело на поделба на власта, а судиите да бидат ослободени од какви било влијанија“,

беше една од главните пораки кои беа соопштени по средбата на врховните судии со американската амбасадорка.

Транспарентноста исто така била посочена како еден од факторите која е од суштинско значење за независноста на судството.

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, ја истакнала потребата од силна поддршка на заложбите за независно и транспарентно судство и дека активностите на Врховниот суд во таа насока даваат клучен придонес во реформскиот процес.

Измените на Кривичниот законик, пак, кои предизвикаа контроверзии во јавноста, Владата ги утврди „тајно“ кон крајот на август, без за тоа да ја информира јавноста, а по неколку дена, односно на 6 септември по скратена постапка, со европско знаменце тие беа изгласани од Собранието со 48 гласа „за“.

Со измените, меѓудругото, беа опфатени членовите од КЗ кои се однесуваа на делата злосторничко здружување (член 394) и за злоупотреба на службената положба и овластување (член 353). Со нив законодавецот ги намали пропишаните казни за двете кривични дела, воведена е горна граница на максималната казна, а се укина и еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања. Тоа повлече и порано застарување на делата.

Импликациите од измените на КЗ, веќе почнаа да се материјализраат во судските постапки.  

Основниот кривичен суд Скопје минатата недела донесе решение за запирање на кривичната постапка за случајот за „Таргет-Тврдина” за обвинетите Горан Груевски, Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски и Васил Исаковски за делата злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба и овластување поради настапено застарување.

Идентичен исход имаше и за случајот „Продуцент“ против поранешниот министер за земјоделство од Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, и новинарката Ивона Талевска.

На пат да се спаси од гонење за злоупотреба на службената положба и овластување во предметот „Талир“, е и ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, за кого Обвинителството пред два дена побара да биде запрена постапката за ова дело поради застареност. Судот по барањето треба да се изјасни на 10 ноември.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Авдивка и скршениот руски морал

Следно

Западните сили против прекинoт на огнот во Газа и покрај хуманитарната криза

Latest from Blog