Mojсова-Чепишевска на 90 години од раѓањето Видое Подгорец: Бардот на книжевноста за деца пишуваше за маргинализираните

December 14, 2024
2 mins read

Видое Подгорец со приказната за белото Циганче со првообјава во 1966 година е пред времето кое почнува да ги актуализира темите што ја поттикнуваат свеста токму за маргинализираноста на луѓето и посебно на децата. Подгорец преку емотивната слика на малиот Таруно, но и со приказните за слепиот Рапуш и за црвеното ждребе на Белка, го испишува односот меѓу „нас“, поточно културните и општествените групи на кои им припаѓаме и „другите“, оние кои не припаѓаат во нив. Подгорец не можеше да ги чита ни Дерида, ни Фуко, а ни Саид. Ама интуитивно ги применуваше нивните теории.

Ова меѓу другото го истакна универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска по повод 90 години од раѓањето на бардот на македонската книжевност за деца, Видое Подгорец, во рефератот за романот „Белото Циганче“ со којшто во Струмица беше отворен меѓународниот научен симпозиум во чест на македонскиот класик.

– Подгорец, преку магринализираниот Таруно ја отвора темата за културата која треба да претставува и начин на кој различните потчинети групи се соочуваат и се борат против нивната потчинетост. Подгорец во духот на тоа познато југословенско братство и единство, но и во духот на еден македонски интеркултурализам вграден и во самиот Манифест на Крушевската република,  ја промовира и идејата за културата која повеќе не се смета за сфера на вонвременски и универзални духовни богатства достапна само на малкутемина „културни“ наспроти „некултурното“ мноштво, туку ваквата елитистичка поделба се посматра како длабоко поврзана со другите поделби во општеството, како што се: класните, родовите, етничките, итн., посочи Мојсова-Чепишевска.

Според неа, Подгорец многу отворено зборува за другиот и воопшто за другоста уште пред таа да стане предмет на посебен културолошки и книжевно-теориски интерес, имајќи ги предвид деконструкцијата на Жак Дерида, анализата на моќта на Мишел Фуко, како и ориентализмот на Едвард Саид од крајот на минатиот и почетокот на овој век.

– Подгорец пишува без да теоретизира! Создава приказни кои го имаат во себе мултикултуралното општество со сите свои слабости и придобивки. И отворено укажува на културната разновидност на тоа општество. Но, се обидува преку емотивната исповед на малиот Таруно да го покаже и патот по кој една мултикултурна средина може да прерасне во интеркултурна, средина која треба да имплицира постојана динамика и жив дијалог. Подгорец не можеше да ги чита ни Дерида, ни Фуко, а ни Саид. Ама интуитивно ги применуваше нивните теории. Пишувајќи, како што вели Миодраг Друговац, „лесно и брзо“, „тој со сиот свет е на ‘ти’, како со универзумот на својата фантазија. (…) тој, всушност, е романтичар по дух, какви што се сите добри писатели за деца.“, нагласи Мојсова-Чепишевска.

Во рефератот, таа направи паралела меѓу „Белото Циганче“ на Видое Подгорец и „Грдото пајче“ од Ханс Кристијан Андерсен.

– Навистина, Подгорец не ги читаше ни Дерида, ни Фуко, ни Саид. Но го знаеше ли „Грдото пајче“ на Ханс Кристијан Андресен? Бидејќи при читањето на некои описи од „Белото Циганче“ како да се слуша некое далечно ехо на Андерсеновиот стил на (рас)кажување… …Или нивната блискост е заради блискоста што тие двајцата ја имаат со самиот модел на народното (рас)кажување? Зашто дихотомијата црно – бело (грдо – убаво / отфрлено – прифатено) од романот на Подгорец може да се доведе во дијалог со дихотомијата грдо – убаво (црно – бело / отфрлено – прифатено) од приказната на Андресен. Или, можеби и кај двајцата се работи за позната матрица која добива нова визура преку нивните приказни за белото Циганче и грдото пајче, посочи професорката, по што ја елаборираше компаративната анализа меѓу двата книжевни текста.

Несомнено, „Белото Циганче“ го отвора прашањето на формирањето на етничкиот идентитет.

– Незнаењето е најголемата закана на модерното општество. Токму тоа најчесто води кон нетолеранција, конфликт и војна. Токму преку книгите треба не само да им помогнеме на децата да ги разберат луѓето различни од себе во начинот на нивниот изглед, јазик, однесување, вредности и храна, туку треба да им помогнеме да согледаат дека разликите меѓу луѓето не се лоши, заклучува Марија Тодорова. А, овој труд, како мал обид најпопуларниот роман за деца „Белото Циганче“ од Видео Подгорец да го доведе во релација со сказната „Грдото пајче“ од Ханс Кристијан Андерсен, сака да ја истакне и мислата дека: „Злото не е црно, но и доброто не е секогаш бело.“, поентираше Мојсова-Чепишевска во завршницата на рефератот.

Инаку, Весна Мојсова-Чепишевска, веќе петнаесет години предава предмети за книжевноста за деца на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. На меѓународниот научен симпозиум во Струмица учествуваат 30-тина истражувачи.

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

СДСМ: Политиките на власта со „кошнички“ се промашени и немаат никаков ефект

Следно

Фатен малолетен крадец во Прилеп

Latest from Blog

Писториус предупредува на хибридна закана од Русија

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека Германија мора да биде подготвена да се спротивстави на сите хибридни напади од Русија, кои вклучуваат кампањи на социјалните мрежи дизајнирани да им помогнат

Двајца полицајци завршиле во болница во Штип

Околу 15 часот полициски службеници од СВР Штип лишиле од слобода пет лица кои се обиделе да извршат кражба во црква кај место викано Елките во Штип и нападнале полициски службеници, информираат
Go toTop