Изложбата „Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава“ ќе се отвори на 28 ноември во Музејот на современа уметност (МСУ) Скопје. Куратори на поставката се Ивана Васева, Благоја Варошанец, Софиа Григориаду, Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Нада Прља.
Изложбата претставува репрезентативен избор на дела од колекцијата на МСУ, некои од нив ретко или воопшто изложувани, дела на уметници со потекло од она што се подразбирало како периферии на светот, како и дела на современи уметници, во обид за лоцирање на поинакви приказни и наративи. Современи уметници, чии дела ќе бидат изложени се: Ала Јунис (Кувајт/Јордан), Инас Халаби (Палестина/Холандија), Сиовија Кјамби (Кенија/Германија), Карла Закагини (Бразил/Шведска) и Ивана Сиџимовска (Македонија/Германија)
Изложбата ја градат дела од збирката на МСУ кои потекнуваат од Аргентина, Бангладеш, Боливија, Бразил, Венецуела, Египет, Ирак, Иран, Јужна Африка, Казахстан, Куба, Кувајт, Мароко, Мексико, Узбекистан, Уругвај, Чиле, но и од други земји каде што живеле уметници од овие земји.
Овие дела, од една страна се ставени во релација со дела од земјите од поранешна Југославија (Македонија, Косово, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора) како наследници на политиката и движењето на неврзаните и нејзиното наследство, посебно активна на културен план, и од друга страна со дела од современи уметници, кои на критички начин ги преиспитуваат локалните и глобални хегемонии. Некои од уметниците кои се дел од оваа изложба, а се дел од колекцијата на МСУ – Скопје се светски познатите Мариа Бономи, Роберто Мата, Аида Карбаљо, Феликс Белтран, но и Ремо Бианседи, Роберто Варкарсел, Самсон Флексор, Фајга Островер, Анезиа Пашеко е Шавес, Герти Сахуе, Питер Кларк, Макс Арукипа Чамби, Мариа Аусилијадора Силва и други.
„Избраните дела на поканетите современи уметнички (Јунис, Халаби, Кјамби, Закагини и Сиџимовска) во оваа изложба не се доживуваат како изолирани дела, туку нудат можност за постојани дијалози меѓу нив и со изложените дела од колекцијата на МСУ-Скопје. Несомнено, вака поставената колекција на МСУ, може да се користи за преиспитување на постоечките изложувања, како и знаењето (епистемологијата) за збирката, кое воедно ќе биде и своевидно отповикување на моќта (политиката) која ја претставувала“, велат од МСУ.
Графичкиот дизајн и уметничката интервенција се на Илиана Петрушевска, изложбениот дизајн е на архитектите Јован Ивановски и Ана Ивановска. Конзерватори вклучени во изложбата се Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска, а соработник на концепт е Тихомир Топузовски.
Изложбата ќе биде отворена до 30 март 2025 и е дел од одбележувањето на 60 години од основањето на Музејот на современа уметност.
ИЗВОР: sdk.mk