Граѓаните на Соединетите Американски Држави денеска избираат претседател. Кандидати за четиригодишен мандат во Белата куќа се актуелната потпретседателка и кандидатка на демократите Камала Харис и поранешниот американски претседател и републикански кандидат Доналд Трамп.
Аналитичарите проценуваат дека 60-те избори во САД, чиј исход го чека целата планета, би можеле да бидат одлучувачки за американската политика. Околу 80 милиони Американци веќе гласаа однапред или по пошта, а резултатите од гласањето ќе се следат во седум клучни држави – Невада, Аризона, Џорџија, Северна Каролина, Висконсин, Мичиген и пред сè Пенсилванија. Трамп и Харис предвидуваат своја победа додека ги обиколуваа Пенсилванија и другите колебливи сојузни држави во последните часови во една од најнеизвесните предизборни кампањи во историјата на САД.
Кампањата изобилуваше со неверојатни моменти: Трамп се соочи со два обида за атентат и со пресуда за кривично дело, а потпретседателката Харис ненадејно се најде на врвот на гласачкото ливче откако го замени Џо Бајден по неговата катастрофална дебата со Трамп. Двајцата кандидати меѓусебно се напаѓаа, навредуваа и оцрнуваа и презентираа мрачни визии за иднината во случај на свој пораз. Трамп рече дека земјата ќе отиде по ѓаволите и веднаш ќе стане комунистичка ако победи Харис, а таа го опиша противникот како нестабилна личност која сака неконтролирана власт и да укине некои демократски придобивки.
Трамп ја засноваше својата кампања на ветувања за заживување на „уништената“ американска економија, борба против криминалот и заштита на Американците од илегални имигранти.
„Ова е крај на едно патување, но почнува ново. Тие изневеруваат. Само така можеме да загубиме, бидејќи тие лажат.“ – рече Трамп.
Противниците, пак, го критикуваат за неговиот „параноичен“ стил и лажните тврдења како оние дека мигрантите од Хаити во Спрингфилд „јадат мачки и кучиња“ или дека демократите подготвуваат изборна измама.
„Ќе продолжиме со оптимизам, на начин да бидеме силни. Сите овде знаеме дека кога верувате дека нешто е можно, тогаш напорно работите. Тогаш се остварува целта.“ – рече Харис.
Претставници на изборните штабови на Харис и Трамп во писмена реакција до македонскиот сервис на Гласот на Америка ги образложија позициите на претседателските кандидати. Харис изјави дека доколку биде избрана за претседателка, ќе ги поддржи земјите од Западен Балкан во борбата против корупцијата и продолжувањето на евроатлантските интеграции, додека поранешниот американски претседател и републиканскиот кандидат Трамп вети економска соработка и зајакнување на безбедноста во тој регион.
Од март биле потрошени над 2,6 милијарди долари за убедување на гласачите. И покрај тоа, никој не може да предвиди кој ќе победи. Изборите со огромен интерес се следат во целиот свет, особено во Украина, која стравува дека би можела да остане без клучната поддршка во војната против Русија ако победи Трамп.
Извор: 24vesti.mk