Десетици диви депонии горат низ земјава и го загадуваат воздухот со токсични канцерогени материи, додека скоро две децении државата не успева да ги изгради планираните модерни центри за управување со отпад, иако за дел од проектите одобрени се пари од Европската унија и заем од ЕБОР.
Од Скопје до Струмица, деновиве гореа депонии на повеќе локации: Кичево, Стар Дојран, Охрид, Штип, Велес, Делчево, Неготино и Струга.
Чадот од дивата депонијата „Вардариште“ секојдневно ги труе скопјани кои иако молат за спас, институциите не го решаваат проблемот.
„Не само во летниот период, пострашно е кога депонијата се пали навечер во зима, кога чадот тешко се забележува. Тогаш мириса како да ни горат гуми или пластика под прозор. Мирисот го чувствуваме со часови. Не сакаме ни да помислиме колку е штетно што го дишеме тој воздух“, ни раскажа жител на Ново Лисиче.
Од депонијата Вардариште особено се погодени граѓаните од населбите Маџари, Ново Лисиче и Аеродром кои постојано се гушат од токсичните гасови од изгорена гума, пластика и друг отпад.
Освен за воздухот, овие депонии се ризик за почвата и водите, а шират и зарази. Научните стдии покажаа дека околината на Вардариште е загадена од тешки метали, како што беше наведено во истражувањето кое го објави Град Скопје во 2014 година.
Кај Стар Дојран, пожарот што минативе денови избувна од депонијата зафати и три куќи. Огнот го гаснеа локалното население, пожарникари од Дојран, Валандово, Гевгелија и Струмица и еден хеликоптер.
Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов изјави дека пожарот е најверојатно подметнат.
Дојран не беше единствената локација во земјава каде наместо да биде привлечна за туристите, околината мириса на запален отпад. Сличен проблем со години трпат главните туристички дестинации Охрид и Струга.
Во Охрид, пред неколку дена чуварите на комуналната служба во месноста Буково, каде е лоцирана и регионаланата депонија, забележаа лице како намерно ја опожарува депонијата, но велат дека човекот побегнал.
Иако има подметнувања, експерти велат дека депониите на високите температутри се палат и од гасовите што ги испуштаат, како и од отпад од стакло.
Во Кичево депонијата периодов гореше со денови, а полицијата објави дека тројца кичевци побарале лекарска помош откако вдишиле чад од запалената депонија.
Од граѓанската организација „О2 Иницијатива“ критикуваат дека со децении „не се помрднува од место“ решавањето на овој проблем, а граѓаните трпат долготрајни последици од токсичниот и канцероген воздух.
„Само централната со локалната власт заедно може да ги решат овие проблеми со затворање на сите диви депонии и воспоставување на современи центри за управување со отпад. Ќе дочекаме ли ден кога овие слики ќе бидат минато?“, велат од О2 Иницијатива.
Повици за запалените депонии добиваат и во Државниот инспекторат за животна средина ДИЖС, иако локалните власти се надлежни за овие депонии, како што ни кажа директорот на инспекторатот Сретен Стојковски.
„Таму каде што нема овластени инспектори за животна средина постапуваме ние, одиме и правиме инспекциски надзор. Таму каде што локалната власт има овластени инспектори, тие треба да ги санкционираат јавните комунални претпријатија, бидејќи тие управуваат со нестандардните депонии, со оглед дека советите на општините несат одлука за на одредена локација привремено да го оставаат отпадот“, вели Стојовски.
Стојовски вели дека депониите некогаш се опожаруваат од самиот отпад, но вели дека во многу случаи се намерно запалени, бидејќи многу од овие депонии не се заградени и немаат чуварски служби.
„Кавадарци е добар пример каде има нестандардна депонија, но им е заградена, имаат осветлување и чуварска служба 24 часа. Овде депонијата не се случува да биде запалена“, вели Стојковски кој додава дека многу општини не се подготвуваат навреме за гасење на пожар во депониите.
Зошто не се градат модерни центри?
Проценките во последниот Национален план за управување со отпад се дека во земјава има над 2.000 нелегални депонии.
Но, и покрај овие бројки и натаму не почнува изградбата за петте планирани регионални современи центри и покрај тоа што е одобрен грант од Европскат унија и заем од Европската банка за обнова и развој.
Главниот проблем е локалните власти во општините каде се планирани депониите не дозволуваат централната власт да ја почне изградбата, но постои и недоверба кај локалното население кое стравува дека во нивните општини ќе се депонираат големи количини отпад.
Блаже Јосифовски од граѓанската организација „Го Грин“ вели процесот доцни, а државата за да го надмине треба да вложи за да добие доверба од локалното население.
„Прво има процедурални пречки и тука институциите се соочуваат со бавноста на тие процеси и од друга страна е локалното население. Едноставно граѓаните немаат доверба дека тие депонии ќе бидат по стандарди, дека нема да влијаат негативно врз животната средина и нивното здравје. Треба навистина да им се покаже на граѓаните дека се ќе биде направено по стандарди и дека и тие ќе имаат продобивки од постоењето на тие регионални депонии“, вели Јосифовски.
Плановите се почнати одамна
Плановите за модерно управување со отпадот беа започнати во 2006 година кога беше донесен Законот за управување со отпад.
Тогаш беа поставени стандарди како треба да изгледа легално изграден центар за отпад, односно депонија.
Во 2010 година беше изработена рамка за изградба на петте регионални современи центри за отпад, а од 2012 започна изработката на првите документи и планови.
Според планираните документи, во Русино треба да биде изградена регионална депонија за Полошкиот регион, Дрисла да биде за Скопски регион, Новаци за Југазападен и Пелагониски регион, Добрешинци за Југоисточен и Врадарски регион и Свети Николе за Источен и Североисточен регион.
Опасност ЕУ да го запре финансирањето
Но, и покрај тоа засега ниту една од регионалните депонии не е започната. Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) ни одговориј дека градежните работи ќе започнат за уште година ипол.
„Воспсотавувањето на регионалните системи за управување со комунален отпад е долгорочен процес кој бара пред се добро планирање, па обезбедување на средства и потоа изградба. Планираните регионални системи подразбираат набавка на возила и канти за собирање на отадоци и изградба на претоварни станици. Градежните работи е планирано да запачнат во последниот квартал на 2025 година“, се вели во одговорот на Министерството (МЖСПП).
Од Министерството велат дека во моментов се подготвува тендерската документација, по што ќе следи објавување, евалуација и потпишување на договор за градба.
За депониите во Источен и Североисточен регион беше одобрен грант од 40 милиони евра грант од ИПА фондовите на ЕУ а за Југазападнеи и Пелагониски регион, Југоисточен и Врадарски регион и Полошки регион 55 милиони заем од ЕБОР.
Рокот за проект за Свети Николе кој е финансиран од фондовите на ЕУ е 2026 година и доколку не се спроведе навреме, финансирањето од ЕУ ќе се одземе. Од Делегацијата на ЕУ наведоа дека тоа ќе се случи бидејќи важат роковите за имплементација и дека покрај еколошките придобивки, од големо значење е навременото спроведување на проектот во дадените рокови.
Извор: Радио Слободна Европа