Златото, кое Џон Мејнард Кејнс го нарече „варварска реликвија“, стана толку барано што дури и ланецот Костко се вклучи во бизнисот. Можеби оваа новооткриена фасцинација не треба да изненадува. Златото е полесно да се разбере од акциите или обврзниците, бидејќи буквално може да го држите во рака. Згора на тоа, во последно време, подобро се држи од нив. Обврзниците се намалуваат, недвижностите се слаби, па дури и забревтаната американска берза, која е зголемена за околу 6% од почетокот на годината, не го надминува двоцифрениот пораст што го постигна златото во тоа време. Поранешниот британски канцелар Гордон Браун сигурно мора да жали што пред 25 години продаде повеќе од половина од златните резерви на нацијата по толку бедна цена.
Секогаш има скептици кои се збунети од популарноста на златото, бидејќи металот во суштина е безвреден. Не произведува ништо и за разлика од другите благородни метали, како што е среброто, практично нема индустриска примена. Наместо тоа, неговата вредност произлегува од тавтологијата: сакаме злато затоа што го сакаме, што значи дека затоа што сите го сакаат, знаеме дека има вредност и затоа го сакаме.
Ворен Бафет заклучи дека Марсовец би си чешал главата: луѓето се спремни да платат армија луѓе да откопаат злато од под земјата и, откако повторно ќе излезат на површина со сјајната руда, ќе платат друга армија да ископа дупка во земјата за да ја закопа, при што ќе платат и трета армија да ја чува и да ја штити. Иако во овој свет разумот требаше да ја замени мистеријата, ние сè уште се држиме до ирационални или романтични поими за убавина и вредност.
Нашата љубов кон златото има длабоки корени. Античките цивилизации од Азија до Америка, сите го гледаа со стравопочит, фасцинација која се пренесе во раната модерна доба а потрагата по злато беше мотивирачки фактор во ерата на истражувањето што го отвори светот кон европските империи.
Подеднакво, поплавата од благородни метали од империите помогна за ставање крај на европскиот феудализам и подем на капитализмот, кога се намали вредноста на земјиштето – основата на моќта на благородништвото – и се зголеми побарувачката за индустриски мануфактури. Така, имаше смисла дека кога ќе се појават современите монетарни режими заедно со порастот на глобалната трговија, државите во Европа честопати ги поткрепуваа своите валути со благородни метали. Компаративната леснотија на движење на хартијата, наспроти златото или среброто, ја олесни трговијата во огромни размери и им даде на владите флексибилност во издавањето валута.
Всушност, колку светот стануваше помодерен, толку повеќе растеше важноста на златото. Во јуни 1944 година, кога војната влезе во својата последна фаза и делегати од сојузничките сили се собраа во мал град во Њу Хемпшир за да го зацртаат повоениот систем, пред нивните умови беше начинот на кој колапсот на меѓународната трговија во триесеттите ја продлабочи Големата депресија, овозможувајќи го подемот на нацизмот. Решени тоа никогаш повеќе да не се повтори, тргнаа да создадат систем во кој трговијата секогаш ќе тече слободно. Клучен елемент на ова би била универзално прифатена валута.
По малку расправии, се согласија дека американскиот долар ќе ја игра главната улога во системот на Бретон Вудс, поддржан од огромната резерва на злато што САД ја акумулираа. Теоретски, секоја влада која поседува вишок долари од својата меѓународна трговија, може, доколку сака, да ги замени своите долари за злато од трезорите на Федералните резерви, заработувајќи по фиксна стапка од 35 долари за унца (28,3 грама). Во пракса, имајќи предвид дека на владите им беше многу полесно да префрлаат плаќања во долари преку банкарските сметки што ги имаа во Њујорк, ретко кој некогаш се замараше со ова.
Како резултат на тоа, не само трговијата со САД, туку практично целата меѓународна размена се вршеше во долари. Бидејќи зелената банкнота беше универзално прифатена – дури и комунистичките земји сакаа да чуваат долари за нивната трговија – сите беа подготвени да ја користат. Додека ги натрупуваа за идна употреба, доларот на својот врв изнесуваше речиси девет десетини од сите девизни резерви што ги чуваат светските централни банки. Речиси никој од нив веќе не се мачеше да држи многу злато.
Во овој аранжман постоеше очигледен проблем. Тоа значеше дека САД може да го платат целиот свој увоз едноставно со печатење повеќе долари, што и го правеа. Првично, оваа ситуација им одговараше на сите, но, до крајот на шеесеттите, обемот на долари во глобалниот промет го надмина златото достапно за откуп. За да ја надмине кризата што се наѕира, Никсон го напушти златниот стандард и рече дека американскиот долар отсега ќе се тргува слободно на светските валутни пазари.
Оваго разби општествениот договор на кој беше основан системот на Бретон Вудс. Нестабилноста на валутите се врати, а луѓето се свртеа кон златото. Тоа стана популарно безбедно засолниште не само за централните банки, туку и за обичните луѓе, кои можеа да купат мали количини и да ги стават во сефови или под кревет. Во една деценија, цената се искачи на преку 800 долари, бидејќи луѓето се обидуваа да го зачуваат она што го имаат во услови на намалена моќ на нивните пари.
Во 1979 година, Пол Волкер го презеде кормилото на Федералните резерви на САД со решеност да ја намали инфлацијата и да ја зачува вредноста на доларот. Тој реши да ја поткрепи валутата со усогласување на растот на паричната маса со онаа на економијата, со што ќе се осигура дека ќе биде поддржана од новото производство. Стратегијата успеа. Со нагло зголемување на каматните стапки, тој го задуши позајмувањето, а со тоа ја намали понудата на пари и создаде релативен недостаток на пари. Како што се врати стабилноста на доларот, инфлацијата се намали. Другите централни банки го следеа примерот и ја заострија својата монетарна политика. Следните три децении ќе станат ера на „монетарна доминација“, бидејќи централните банки ја потврдија својата независност и ја користеа за дисциплинирање на владите кои беа премногу лабави со нивните фискални политики. Ниската инфлација значеше дека парите ја задржаа својата вредност, на златото му се намали популарноста, неговата цена постојано паѓаше па во 2000 година, го достигна дното под 300 долари.
Но, како што американската влада некогаш ја злоупотреби довербата што светот ја дава во доларот па отпечати премногу, централните банки го направија истото. Се обезбеди имплицитна гаранција дека доколку цените на средствата паднат, тие секогаш ќе печатат повеќе пари за да ги поддржат. Со уверување дека цените на средствата само ќе се зголемат, инвеститорите на тој начин можеа слободно да дуваат меур по меур, знаејќи дека кога некој ќе пукне, централната банка ќе притрча на помош.
Како што се зголемуваше понудата на пари, привлечноста на златото повторно се врати па варварската реликвија влезе во своето најново златно доба. Од почетокот на милениумот, неговата вредност постојано одеше нагоре, неодамна достигнувајќи нови највисоки вредности над 2.000 долари за унца.
Оваа нема скоро да заврши. Геополитичкото ривалство ги фрагментира глобалните синџири на снабдување и создава нови бариери за трговијата. Додека сеништето на војната повторно се наѕира над Европа и Источна Азија, Кина и Русија се зближуваат и САД се повлекуваат од поширокиот свет во кругот на своите најблиски сојузници. Истовремено ја користат сеприсутноста на доларот за да тргне по своите непријатели, запленувајќи ги нивните сметки и санкционирајќи ја нивната употреба на валутата. Доларот повеќе не изгледа како безбедно засолниште како некогаш.
Во сета оваа неизвесност, централните банки им се придружуваат на граѓаните во акумулација на поголеми залихи на злато. Како што довербата меѓу земјите повторно слабее, исто како и вербата во нашите влади и централни банки дека ќе ја зачуваат вредноста на нашите пари, безвременската привлечност на златниот сјај повторно е во игра. За разлика од „дигиталното злато“ како што го викаат приврзаници на криптовалутата, понудата не може да се манипулира од луѓето. Биткоинот, со својата фиксна понуда, требаше да го спречи тоа, но последователниот изум на секакви други криптовалути неизмерно ја надуваа понудата. Освен тоа, за оние кои бараат цврстина во услови на нестабилност, етеричноста на криптото не го нуди истото уверување како парче метал од земјата. Во несигурни времиња, се чини, ние секогаш ќе се држиме до истите сигурности како што тоа одамна го правеле нашите предци.
ИЗВОР: off.net.mk