АНКАРА (АА) – Најмалку уште 32 Палестинци загинаа, а 69 се повредени во последните 24 часа во израелските напади врз опколениот Појас Газа, соопшти денес Министерството за здравство во Газа, јавува Анадолу.
„Израелската окупација (сили) изврши четири масакри врз семејства во Појасот Газа во текот на изминатите 24 часа, оставајќи 32 загинати и 69 повредени“, истакна Министерството.
„Многу тела сѐ уште се под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да дојдат до нив“, се додава.
Непочитувајќи ја привремената пресуда на Меѓународниот суд на правдата, Израел ја продолжува офанзивата врз Појасот Газа, каде што според палестинските здравствени власти, од 7 октомври досега загинати се најмалку 34.388 Палестинци, главно жени и деца, а 77.437 се повредени.
Израел започна напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас, во кој Тел Авив вели дека загинале речиси 1.200 луѓе.
Израелската офанзива во Газа принуди 85 отсто од населението внатрешно да се расели, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, покажуваат податоците на Обединетите нации (ОН).
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки со кои ќе гарантира декa хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.
Но, нападите продолжија со несмалено темпо, а испораката на помош и понатаму е недоволна за да се реши хуманитарната катастрофа.
Извор: Anadolu Agency (AA)