Голем дел од средношколците и учениците од основните училишта во вторник попладне (23 април) и среда (24 април) цел ден ќе ги отстапат своите училници за да се спроведе првиот круг од претседателските избори. Тие во вторник ќе посетуваат настава до 11 часот, затоа што членовите на избирачките одбори ќе треба да ги претворат училниците во гласачки места. Среда за децата кои учат во училишта што ќе станат гласачки места ќе биде неработен ден.
Додека децата се радуваат што ќе бидат ослободени од настава, родителите, особено тие со деца до 10 годишна возраст мака мачат да се организираат како утре да излезат од работа во 10 и 30 наутро за да ги земат децата од училиште во 11 часот, како и кој ќе ги чува утре и задутре.
„Фала му на бога баба е во пензија, па ќе може да го земе, инаку секако е проблем за оние кои немат помош од послободни членови на семејството,“ вели 39 годишната Билјана од скопската општина Карпош, која е мајка на две помали дечиња.
Некои родители, велат дека се принудени да земат ден од одмор, додека други пак ќе бараат помош од соседи, кои се послободни за да им ги причуваат помалите деца.
„Голем проблем ми е да се организирам, бидејќи ова е малтретирање за сите. Јас размислувам да ги оставам сами дома со брат му. Тие се на шест и пол и девет и пол годишна возраст. Јас немам баби на располагање да „улета“ некоја, си имаат и тие свои обврски“, вели налутено 35 годишната скопјанка Симона, мајка на две деца.
За дел од родителите е спорно и тоа што на 23 април, ден пред изборите ќе биде скратена наставата, затоа што членовите на избирачките одбори ќе треба да го подготват училиштето за гласање.
„Моето дете е 8 години и нема кој да го чува, и јас и сопругот сме утре на работа. Треба некој од нас да не оди на работа, да бара ден од одмор , за да седи дома со него, додека училниците ги адаптираат во гласачки места. Поради нечија неорганизираност, трпат и родителите и децата“, вели 42 годишната Ивана Митевска од скопската општина Аеродром.
Родителите не се согласуваат со најавите овие неработни денови на 24 април и 8 мај, поради претстојните избори да се одработуваат во некоја од малкуте наредни саботи до крајот на училишната година.
До објавувањето на овој текст не одговорија од Министерството за образование и наука (МОН) дали ќе се одработат овие денови.
„Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал“, е наведено во кусото соопштение од МОН објавено на 18 април.
Приватниот сектор ќе се „снаоѓа“ како знае и умее
Но, не се само родителите нервозни поради одлуката на Владата изборите да се одржат во работен ден. Вработените во приватниот сектор се збунети. Тие се уште чекаат од своите работодавачите насоки, дали ќе работат на денот на изборите или не.
Во дел од фирмите им било дадена опција вработени сами да одлучат, дали ќе работат, а доколку работат ќе им биде платено по закон, без при тоа да им се објасни дали ќе биде тоа редовна или празнична дневница.
На пример вработените во прехранбено производство чекаат официјална информација од маркетите за да знаат дали ќе има потреба да ги снабдат тој ден со тазе роба. Но, како што велат за Радио Слободна Европа вработени во овој сектор, ни маркетите не „се на чисто“ дали и кои маркети ќе можат да работат.
„Фрустрирачки е во секој поглед“, вели кусо вработена во прехранбената индустрија.
Претседателот на Организацијата на работодавачи Миле Бошков вели дека во едно демократско општество гласот на работниците и на граѓаните на избори е привилегија и треба да се третира како демократски празник.
„Меѓутоа кога се случува една Влада, не е важно која, едноставно регулаторот да нема капацитет храбро да ги донесе тие одлуки, тогаш целото задоволство паѓа во вода, и тогаш ни се случуваат варијација на одлуки. Ние, топло им препорачуваме на работодавците генерално да можат да ги ослободат работниците да појдат на гласање, тоа е нивно граѓанско право, а тие што не можат да ги организираат на друг начин своите работни обврски да побараат да се договорат, да се вратат работниците на работа, доколку е тоа можно и сакаат да го направат тоа“ вели Бошков.
Во анализата на Македонската асоцијација на корпоративни правници се вели дека двоумењето на Владата преку двете различни одлуки една по друга, за тоа дали е препорака или задолжително за сите 24 април и 8 мај да бидат неработни денови, се создава правна несигурност во приватниот сектор, дополнително финансиско оптоварување за работодавачите, како и големи загуби при стопирање на производствениот и деловниот процес.
Во неа е посочено како проблем и прашањето е по кој закон ќе се третира овој неработен ден, затоа што од една страна не спаѓа под законот за празници, додека според Изборниот законик, нема одредби во кои е предвидено каков третман треба да имаат деновите во кои се одржуваат изборите.
Колкава дневницата ќе им следува на работниците на изборниот ден ?
Според последното кусо соопштение од Министерството за труд и социјална политика, овие два дена, нема да се одработуваат. Во него недостигаат информации и за работа на виталните јавни дејности како здравството.
Но, од Министерството до објавувањето на овој текст не одговорија на прашањето како треба да се третира овој ден според законот за работни односи, или каква дневница ќе добијат тие што ќе работат на овој ден, дали обична или празнична.
„Не случајно кажав дека изборниот ден треба да биде празник за демократијата, ако го сметаме како неработен ден, тогаш може да биде и без надокнада, но ако сметаме како празник на демократијата, тогаш на луѓето кои ќе бидат поканети на работа треба да им се плати,“ вели претседателот на Организацијата на работодавачи Миле Бошков .
Според Законот за работни односи, право на отсуство од работа со надоместок на плата има работникот заради вршење на непрофесионална функција, на која бил избран на непосредни државни избори, функции, односно должности на кои е именуван од страна на судот… на товар на органот или установата каде што ја врши функцијата, односно каде што ја извршува обврската од посебен закон.
Хрватска со посебен закон за неработниот изборен ден
Минатата недела на 17 април во Хрватска се оддржаа парламенарни избори. но таму за разлика од Северна Македонија, ова прашање е решено со закон. Пред одржувањето на изборите во Хрватска, среда (17 април ) беше прогласена за неработен ден со Законот за избор на пратеници во хрватскиот Сабор, а правилата за надоместок на плата за неработни денови беа пропишани во Законот за работни односи и другите акти за работни односи.
Според нивните правила, за работа на денот на изборите важат истите правила како и за работа во празници и неработни денови. Додатоците на плата се регулирани со колективни договори и интерни прописи, а се движат од 30 до 50 отсто за редовно работно време.
За работниците кои се на годишен одмор на денот на изборите тој ден нема да им се смета како годишен одмор, а на болните во среда тој ден ќе им се смета како боледување со право на надоместок на сметка на работодавачот или на сметка на хрватскиот фонд за здравство.
Извор: Радио Слободна Европа