Налепници со НМК се уште нема, МВР најавува дека ќе бидат бесплатни

February 2, 2024
2 mins read

Сопствениците на возила со регистарски таблици со стариот код МК, заклучно со 12 февруари ќе треба да ги заменат со новиот код НМК што беше договорено со Преспанскиот договор којшто Северна Македонија и Грција го потпишаа во 2018 година.

Граѓаните имаат опција или да ги заменат целосно регистарските таблици, кои ги има во станиците за технички преглед каде се прави регистрација на возилата, или, пак, да стават налепница.

Нови регистарски таблици, заедно со промена на сообраќајната дозвола, чинат 2.336 денари.

Налепниците, пак, како што денеска МВР најавува ќе бидат на товар на Министерството, односно бесплатни за граѓаните, за што веќе е изготвен предлог. Но, тие се уште не се пристигнати. Од неколку технички прегледи, каде се обрати Радио Слободна Европа (РСЕ), посочија дека чекаат да им достават налепници, а регистарски таблици имаат.

„Склучен е договор за нарачка со избраниот економски оператор, за што течат законските рокови за испорака на налепниците. Истите, ќе бидат доставени до сите технички прегледи во цела држава, граѓаните ќе можат да ги набават од референтите за сообраќај каде што вршат регистрација. Налепница НМК треба да набават сите сопственици на возила чии регистарски ознаки немаат никаква ознака или имаат ознака МК“, велат од МВР за РСЕ.

Според неофицијални информации од МВР, се очекува налепниците да се добијат во текот на следната недела и да се дистрибуираат.

За набавката на налепници, како и на регистарски таблици со НМК, Министерството претходно во декември склучи договор вреден 2,3 милиони евра. Договорот што го потпиша е за период од три години, а добитник на тендерот беше компанијата КВАНТУМ од Скопје заедно со германската „ЕХА Хофман интернационал“.

Над илјада документи доставени на домашна адреса во Скопје

Промената на регистарските таблици е една од обврските што ги презеде Северна Македонија со Преспанскиот договор. Граѓаните до 12 февруари треба да ги променат и личните документи со новото уставно име. По истекот на рокот, личните карти и возачките дозволи ќе важат за внатрешна употреба, но граѓаните треба да ги променат пасошите за да може да патуваат надвор од државата.

Како се наближуваше рокот, турканиците и метежот за лични карти станаа секојдневие. МВР отвори и пункт во полициската станица „Пролет“ за фотографирање без закажан термин, а граѓаните чекаа со часови за да дојде нивниот ред.

Метежот се преслика и во зградата на Македонската радио-телевизија (МРТ) каде се наоѓаат шалтерите за подигање на документи.

За да го забрза процесот, МВР на 26 јануари објави дека почнува со пилот проект само на територијата на Скопје во рамки на кој преку готовите лични карти и возачки дозволи полицајци од локалните полициски станици ги доставуваат на домашна адреса.

Според информациите од Министерството, досега на домашна адреса биле доставени над 1.150 документи.

„Личните карти и возачките дозволи се доставуваат лично на граѓанинот. Се вршат два обида за достава на лична карта и возачка дозвола на граѓанинот и доколку истиот не се пронајде на адресата каде му е живеалиштето тогаш граѓанинот може да си го подигне готовиот документ во Управните служби каде се издаваат документи“, велат од МВР.

Пасоши не се доставуваат на домашна адреса затоа што при нивно подигање потребно е да се остави отпечаток од прст.

Податоците на МВР за тоа колку документи досега се сменети покажуваат дека во периодот од 5 јули 2021 до 16 јануари 2024 со новото уставно измени издадени се 1 050 439 лични карти, 1.211.776 пасоши и 546 741 возачки дозволи.

Преспанскиот договор беше потпишан на 17 јуни 2018 од тогашните министри за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во селото Нивици на грчка територија. Договорот стапи на сила на 12 февруари 2019 година, а земјата доби рок од пет години, односно до 12 февруари 2024, да ги промени документите.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

Претходно

Повлечен владиниот предлог-закон за рестриктивни мерки

Следно

Астероид со големина на стадион ќе прелета покрај Земјата

Latest from Blog

Шумските пожари се шират во сириска Латакија, изгорени 10.000 хектари шума

ИСТАНБУЛ (АА) – Пожарите во северозападниот дел на Сирија продолжуваат да се шират, откако досега уништија 10.000 хектари шума, соопштија властите, јавува Анадолу. Според државната новинска агенција САНА, нови жаришта се појавиле

Четири активни пожари во Македонија

Центарот за управување со кризи информира дека во Македонија има четири активни пожари. Опш. Прилеп: с. Бешиште (приземен во мешана шума) Опш. Македонски Брод: с. Црешнево (деградирана дабова шума и грмушки) Опш.

Активни четири пожари, два полициски и еден армиски хеликоптер го гаснат пожарот над магистралниот пат Скопје – Блаце

Во моментов има 12 пожари на отворено, од кои четири се активни, еден е локализиран, а седум се изгаснати, објави ЦУК. Активни се пожарите во Општина Прилеп: село Бешиште, каде е зафатена
Go toTop