Се чека повеќе од законските 15 дена за новите пасоши

January 22, 2024
3 mins read

„Тие што сте се фотографирале по 17 декември 2023, залудно чекате, вашите документи не се готови“. Со овие зборови, во неколку наврати во рок од два часа, двајца полицајци пред вратата на пунктот во Македонската радио-телевизија (МРТВ) ги враќаа граѓаните кои денес претпладне (22.01.2024) дојдоа да земат лични документи со новото име на државата, Република Северна Македонија.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за РСЕ велат дека личните документи се издаваат во законски предвидениот рок. Но не одговорија на прашањето дали има обрасци за непречено да се изработат новите лични документи.

„Се фотографирав на 2 јануари, ми рекоа дека за 20 дена ќе биде готов. Дојдов точно навреме, но сега ни велат ние со датум подоцна од 17 декември, да дојдеме друг пат“, изјави скопјанка која денеска чекаше пред просторијата за издавање документи во МРТВ со надеж дека ќе го добие новиот пасош.

„За една недела се ќе се среди. И сами знаете, не може во шише од еден литар да се соберат два литри вода“, ги уверуваше полицаецот граѓаните што негодуваа.

Според Законот за патни исправи, пасош по редовна постапка се издава во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето. Со новите повисоки цени од март минатата година, овој пасош сега чини по 2.000 денари за лицата над 27 години.

Доцнат и пасошите по итна постапка

И издавањето на документите по итна постапка им прави стресови на граѓаните. Пензионерка од Прилеп, која живее во странство, чекаше пасош за кој се фотографирала на 18 јануари. Од шалтерот за издавање итни документи во МРТВ ѝ рекоа да дојде после 12.30 часот.

„Ама не можам да стигнам, автобусот за Виена ми е во 13 часот. За тоа платив сто евра, да го направите навреме“, реагира жената.

Пасош за итна постапка треба да се изработи во рок од 48 часа. По поскапувањето чини 6.100 денари.

Метеж се уште има и пред полициската станица „Пролет“, каде е пунктот за фотографирање без закажување. Луѓе што чекале ред од 7 часот утрово, во 10.30 уште неа беа влезени.

Никој не се јавува на бројот за закажување?

Ерол М., 76-годишен скопјанец, сакаше да извади нова возачка дозвола.

„Се јавив на телефонот за закажување, ми закажаа дури во август. Дојдов тука, со надеж дека ќе завршам порано, но можам цел ден да стојам на нозе. Ќе го чекам терминот во август“, вели Ерол, додека луѓето околу него го уверуваат дека и со стара возачка може да вози, ако е со важечки рок.

Други граѓани се жалат дека со денови не можат да добијат оператор на телефонскиот број 072 92 92 92 за да закажат термин за промена на личните документи.

„МВР ги користи сите капацитети за граѓаните да добијат лични документи. Покрај редовното работење со закажан термин, овозможивме и фотографирање за лични документи без закажан термин во ПС „Пролет“, ни одговорија од МВР.

Народниот правобранител Насер Зибери викендов, во интервју за Радио Слободна Европа, рече дека по Новата година до него стигнале претставки од граѓани кои не можат да ги добијат патните исправи во предвидениот рок.

„Овие претставки почнаа да пристигнуваат по Нова година и ние ќе се обратиме до МВР зошто се доцни со издавање на веќе изготвените, претпоставувам дека се изготвени тие патни исправи и ќе реагираме. Во одредени неофицијални разговори добив информација дека има недостаток на обрасци. Со сигурност тврдам дека има недостаток на обрасци за двојазични патни исправи, но мислам дека има недостаток и на обрасци за други документи“, рече Зибери во интервјуто.

Има уште 20 дена за граѓаните да ги сменат личните документи до 12 февруари, кога истекува рокот според Преспанскиот договор потпишан со Грција за граѓаните да ги сменат документите и да добијат нови со уставното име на државата – Северна Македонија.

Според податоците од МВР, од 5 јули 2021 до 16 јануари 2024 се променети 1.050.439 лични карти, 1.211.776 пасоши и 546.741 возачки дозволи.

Министерството за внатрешни работи најави дека личните карти и возачките дозволи кои се со валиден рок, ќе важат и после овој датум, но само за внатрешна употреба. Проблем остануваат само оние што имаат пасоши кои не се со името Северна Македонија. Сепак турканиците на пунктовите за издавање на нови лични документи продолжуваат

Рокот остана и по изјавите на политичарите

Претседателот Стево Пендаровски на 9 јануари кажа дека може да се пролонгира Законот за патни исправи до септември, оти, како што рече, нема смисла да продолжи хаосот со вадење нови документи. Според Пендаровски може во едно попладне да се интервенира во законите за лична карта, за патни исправи и во законот за безбедност на сообраќај, а претходно да се извести Грција дека Северна Македонија нема намера да бега од обврските до Преспанскиот договор.

Премиерот Димитар Ковачевски ден потоа рече дека за предлогот на претседателот ќе се разговара на седница на Влада, но дека Пендаровски најдобро знае како тоа може да се реши на меѓународно ниво со Грција.

По предлогот на Пендаровски, Ковачевски чека претседателот да преземе нешто со Грција. Од Кабинетот на претседателот на државата, пак, рекоа дека тој дал предлог за надминување на проблемот, но дека таа процедура е во надлежност на Владата и на Собранието.

Преспанскиот договор со Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 година. Иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019 година.

Извор: Радио Слободна Европа

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

„Полиграф“: Кои медиуми објавија неточни и нецелосни информации за Извештајот за глобалните ризици 2024?

Следно

Во Грција се зголемува додатокот за секое родено дете

Latest from Blog

Николоски: Владата е посветена на долгорочна заштита на Охридското крајбрежје

Охридскиот регион, како светско културно и природно наследство со исклучителна универзална вредност, останува врвен национален приоритет. На средба во седиштето на УНЕСКО во Париз со Кондкер Мохамад Талха, претседател на 43-та сесија

Гастарбајтерите ја напуштаат Германија: „КРИЗА Е…“

Сè повеќе хрватски граѓани емигрираат од Германија, како што покажуваат официјалните бројки. Минатата година, повеќе од 20.000 хрватски граѓани ја напуштиле земјата, 11.000 повеќе од што емигрирале. Некои се вратиле во Хрватска,

Премиерот Мицкоски утре на увид во градежни активности на доградба на ООУ „Невена Георгиева-Дуња“

Утре 10.02.2026 година (вторник) во 11:00 часот претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски ќе присуствува на увид во градежни активности на доградба на ООУ „Невена Георгиева – Дуња“ во Општина

Поранешен битен пратеник на ДУИ премина во редовите на Изет Меџити

Поранешниот пратеник на Демократската унија за интеграција, д-р Арбен Зибери, внук на првиот албански кандидат за премиер, Насер Зибери, одлучи да продолжи со своето политичко ангажирање со Изет Меџити. Семејството Зибери е

Поранешен влијателен пратеник на ДУИ му се приклучи на Меџити

Поранешниот пратеник на Демократската унија за интеграција, д-р Арбен Зибери, внук на првиот албански кандидат за премиер, Насер Зибери, одлучи да продолжи со своето политичко ангажирање со Изет Меџити. Семејството Зибери е
Go toTop