Голем дел од учениците заминаа на зимски распуст без да ги имаат пред себе сите учебници за актуелната 2023/24 учебна година. И новата учебна година започна со стари проблеми, како и во изминатите две, сите учебници не беа испорачани навреме и покрај редовните најави од министерот за образование и наука Јетон Шаќири дека „учебниците ќе се испорачаат следната недела или до крајот на месецот“.
„Ова е хорор филм, толку реформи, а учебници нема. Па, во наше време не беше вака. Се снаоѓаме на интернет, со помошни материјали, но ова досега не сум го видела да се остане цела година без учебници е преседан“, вели Емилија Пеева, мајка на шестоодделенец од скопското основно училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во скопски Аеродром.
Најголем проблем годинава беше да се испорачаат учебниците за трето и шесто одделение по новиот предмет Историја и општество, како и по математика, кои се по новата наставна програма согласно новата Концепција во основното образование, која ја промовираше претходната министерка Мила Царовска, а која тврдеше дека тоа ќе донесе квалитетен влез во нова ера на развој, раст и унапредување на генерации.
Сепак, и основците од повисоките одделенија каде етапно се воведува новата наставна програма, исто така имаа проблеми со тоа што дел од учебниците не им беа испорачани навреме.
Една од најголемите новости во новата Концепција беше токму спојувањето на повеќе предмети во еден, но досега, наместо напредок, тоа донесе конфузија и ги остави учениците без учебници.
Уште пред самиот старт на актуелната учебна година стана јасно дека ќе нема учебници за сите, бидејќи од Министерството за образование и наука (МОН) во пресрет на школската година најавија дека за оние предмети за кои нема да се испорачаат учебници навреме, ќе има помошни материјали и прирачници за наставниците.
Инаку, за потсетување, учебната 2023/24 година наместо во вообичаениот термин на 10 јуни ќе заврши на 17-ти истиот месец, а причина за тоа е новината која се воведе, односно еднонеделен пролетен распуст кој учениците и просветниот кадар ќе го користат од 29 април до 5 мај.
Закана за тужба поради недостигот на учебници
Од вкупно 126 учебници за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното образование, на 1 септември годинава МОН не обезбеди 46, што е повеќе од една третина од вкупниот број на учебници, а школската година со учебници по сите предмети ја започнаа само учениците во прво и второ одделение.
Токму поради ова, на 5 септември, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација најави дека ќе поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против МОН.
Во образложението стоеше дека одлуката за тужба е донесена поради повреда на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема група ученици од основното образование, направена со необезбедување учебници по секој предмет и на сите јазици на кои се изведува наставата во задолжителното деветгодишно образование.
Можноста за тужба пред суд против Министерството ја најави членот на Комисијата, Весна Бендевска, која посочи дека доколку донесат таква одлука, тоа би било прв случај да се побара судска заштита како највисока форма на заштита од дискриминација.
Но, тужбата досега официјално не е поднесена, иако сите основци и натаму ги немаат сите потребни книги пред себе.
Празни ветувања
Септември помина со повеќе изјави на министерот Шаќири дека учебници ќе има, најпрво рече дека во текот на септември ќе бидат одобрени и пуштени во оптек сите учебници за трето и шест одделение, а потоа, кога тоа не се случи најави дека сите ќе добијат учебници до крајот на месецот, за кон почетокот на октомври, кога започна достава на дел од учебниците за шесто одделение, да изјави дека до крајот на првата недела сите ќе ги добијат учебниците.
„Тоа беа само празни ветувања, ете сега е јануари, учениците се на распуст, но сите учебници повторно ги нема. Учебник по предметот Историја и општество се уште нема“, додава Пеева.
Кон средината на ноември МОН преку соопштение најави дека учебниците за шесто одделение се испечатени, но иако испораката започна, сепак сите не добија учебници.
„Информираме дека учебниците за шесто одделение кои се веќе одобрени од Националната комисија за учебници и имаат добиено ЦИП запис, веќе се печатат и испорачуваат до училиштата. Задолжените за испорака се максимално одговорни и ангажирани, во договорот со училишните раководства ќе испорачуваат учебници и во текот на овој викенд“, соопштија од МОН на 6 октомври.
Во ноември министерот Шаќири најави дека ракописите за учебниците по историја за петто и шесто одделение, кои годинава беа најкритични, се веќе доставени до Министерството за образование.
На 23 ноември Шаќири рече дека се надева оти во рок од 30 дена ќе заврши целата постапка и изработените учебници по историја ќе бидат кај учениците.
„Според информациите што ги добивам од Педагошката служба, учебниците, односно ракописите се добри и квалитетни и очекуваме рецензии“, изјави тогаш Шаќири.
Но, и покрај најавата дека за 30 дена учебници ќе има, тоа повторно беше празно ветување, бидејќи на 20 декември Шаќири даде нова изјава.
Тој во свое гостување во ТВ24 рече дека досега се ипорачале 1,6 милиони учебници, вклучително и за учениците од стручно средно образование кои учат по нова програма, но призна дека и натаму недостасуваат учебници.
„Сега недостасуваат учебници само по одредени предмети, а причините за тоа не се во МОН. Недостасува учебник по историја и општество, но за нив од БРО се подготвени материјали за учење“, изјави Шаќири на 20 декември, без да открие кога овој учебник ќе биде испорачан.
Немањето учебници предизвик за родителите, но и за наставниците
Помошните материјали за учење не се ни одблизу како учебниците, ако јас како родител не му посветам голем дел од моето време, тие материјали нема да му помогнат ниту за преодна оценка, вели Милена од Скопје, мајка на две деца од основното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје.
Немањето учебници и соодветни материјали ни носи неписмени генерации, вели Милена, потсетувајќи се на кој начин учела со своето дете во првиот дел од школската година. Вели и учебниците кои ги добиле, не се со соодветен квалитет.
„Дел од учебниците кои патем доцна ги добија, им се како сликовници, во кои ајде што недостига дефинирање на поим, има само примери без контекст. Децата не се задржуваат на една наставна единица, се скока од тема во тема, и потоа ние „кршиме глава“ како да им објасниме да разберат што треба да научат“, додава таа.
Покрај родителите, немањето учебници е посебен предизвик и за предавачите. Наставникот по историја од основно училиште во Битола, Васко Гичевски, вели сето ова оди многу тешко за сите, а наставниците се принудени да печатат стари материјали, да пишуваат нови, за да можат да им го пренесат знаењето на своите ученици.
„Новата наставна програма е всушност проширена во однос на програмата која беше од 2004 година, што значи ние сега мораме да копираме, да печатиме стари материјали, но и да пишуваме нови за воопшто да можеме да предаваме“, вели Гичевски.
И покрај тоа што целиот овој процес го опишува како макотрпен за секој просветен работник, сепак од овие проблеми на крај истакнува оти најмногу страдаат децата.
„На учениците сето ова им оди прилично тешко, бидејќи покрај тоа што немаат учебници, со новата наставна програма намален е и фондот на часови, од вкупно 72 на 62 часа, што значи дека сега децата за жал учат само поимски и површно“, додава Гичевски.
Сето ова пак создава генерации кои во подоцните години ќе ги чувствуваат последиците од падот на квалитетот во образовниот процес, смета неговиот колега Гоце Бумбароски, наставник од основното училиште „Кочо Рацин“ во Прилеп.
„Предолго време дозволуваме децата да заостануваат во читањето, математиката и природните науки. Можеби работите ќе можат да се поправат ако има соодветни обуки за наставниот кадар, ако навреме имаме учебници. Многумина сега се млади возрасни лица, кои се запишуваат во средното и високото образование, а празнините во нивното знаење ќе излезат на виделина и тоа има своја цена. Тоа ќе има сериозни последици врз сегашните и идните генерации“, вели Бумбароски.
БРО: За сите ќе биде полесно ако имаме учебници навреме
И покрај голготите во првото полугодие, како и фактот што на распуст се оди без сите учебници, неизвесно е дали воопшто ќе ги има и во второто полугодие.
За овој проблем испративме прашања до Министерството за образование и наука кое е задолжено да ги испорача учебниците, но одговор не добивме.
Одговори побаравме и од Бирото за развој на образованието, оттаму прстот за испораката на учебниците го вперија кон МОН.
„Знаејќи дека учениците ќе се соочат со проблемот за ненавремено доставување на учебниците по одредени предмети, оваа година, како и претходните години, навремено изготвивме материјали за учење за учениците и прирачници за наставниците за реализација на наставата, одржавме обуки за новите наставни програми и дававме континуирана стручна поддршка на училиштата, за да се овозможи непрекинато и квалитетно реализирање на наставата“, велат од Бирото за РСЕ.
Сепак, оттаму додаваат дека многу полесно за сите би било доколку учебници има.
„Истакнуваме дека се потребни и законски измени за подобрување на целиот процес на изработка на учебници, нивно вреднување и одобрување за да може учениците да добијат поквалитетни учебници и да се надминат сите проблеми кои се јавуваат во постојниот процес“, додаваат од БРО.
Најголем проблем е немањето рецензенти, Шаќири понуди решение
Министерот Шаќири посочи дека најголем проблем е немањето на рецензенти за новите учебници по новата наставна програма.
МОН веќе објави и конкурси за пишување учебници за следната година, како и повик за рецензенти кои ќе оценуваат дали учебникот се совпаѓа со наставната програма. Но најголем дел од рецензентите се откажуваат.
„За мене нема ништо спорно во учебниците по историја. По онаа јавна дискусија за содржинските грешки во дел од учебниците, интересот на рецензентите е никаков“, истакна Шаќири на 20 декември.
Тој додаде дека авторските тимови сега се составени од еминентни професори, но нема рецензенти кои треба да ги поминат, а и они кои ќе се пријават бргу се откажуваат.
Сепак, ресорниот министер во изјава за медиумите на 28 декември, рече дека во вакви услови, за во иднина да не се случува да нема учебници, ќе поднесе предлог до Владата за измени во делот на законот за учебници.
„За конкретниот учебник Историја и општество јас во јануари ќе доставам до Влада предлог за измени на законот за учебници во основно и средно образование, кога ќе имаме вакви одредени ситуации, да имаме законска можност Бирото што дава мислење за наставната програма, да постои можност тие вработени советници во Бирото по предметот историја и општество, да дадат мислење и за содржинскиот дел на учебникот“, изјави Шаќири.
Тој рече дека со оваа измена рецензентите за другите учебници повторно ќе бидат вклучени, но доколку недостигаат рецензенти по посочениот предмет, советниците да можат да го оценат содржинскиот дел и учебникот што побргу да заврши пред учениците.
Но, додека тоа да се случи, основците, посебно шестоодделенците и во второто полугодие ќе продолжат со старите маки како во изминатите учебни години.
„Сега е распуст, малку ќе одмориме, а потоа повторно иста песна. Се надевам дека ова ќе биде последна ваква година“, додава Емилија Пеева, изразувајќи надеж дека ако не до крајот на оваа, наредната учебна година основците нема да се соочат одново со проблемот немање учебници во 21 век.
Извор: Радио Слободна Европа