Георгиев си поднесе оставка, а Дамева повторно седна во претседателското столче на Судскиот совет

4 mins read

Сега веќе експретседателот на Судскиот совет, во образложението на оставката, кажа дека дал се од себе во водењето на Советот, во амбиент во кој ова тело било изложено на бројни критики. За пресудата на Управниот суд рече дека неговиот избор за претседател по разрешувањето на Дамева не било дел од судската постапка. На крајот на своето обраќање, Георгиев потенцираше дека немал притисоци и влијанија во неговото работење, ниту, пак, дозволил такво нешто, додавајќи дека најодговорно го кажува тоа  

„Имајќи ја предвид ваквата донесена одлука на Управниот суд јас можам само да констатирам дека останува во сила одлуката на Судскиот совет за избор на Весна Дамева за претседател од 5 декември 2022 година, што значи дека од сега натаму претседател на Судскиот совет е Весна Дамева“, рече членот на Советот, Ханиф Зендели и ја заклучи работата на денешната итна седница на Советот  

Весна Дамева повторно седна во претседателското столче на Судскиот совет, откако денеска нејзиниот наследник, а сега веќе и претходник, Сашко Георгиев, си поднесе оставка од функцијата.  

Експретседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев и неговата наследничка и претходничка на функцијата, Весна Дамева / Фотоколаж: „360 степени“

Ваквата расврска доаѓа по пресудата на Управниот суд, кој по тужбата на Дамева, ја поништи одлуката на Судскиот совет за нејзиното разрешување од мај минатата година, оценувајќи ја постапката во која таа беше сменета како незаконска и без образложение. 

По денешната тричасовна расправа на членовите на Судскиот совет за пресудата на Управен, која на адреса на Светот пристигна вчера, ова тело закажа итна седница, на која беше констатирана оставката на Георгиев и потврдено дека од денеска Судскиот совет како претседател повторно ќе го води Дамева.  

Седницата ја водеше членот на Советот, Ханиф Зендели, кој по краткиот вовед веднаш му даде збор на сега веќе поранешниот претседател Сашко Георгиев. 

Тој веднаш информира дека денеска до архивата на Советот го поднел писменото известување за оставка од функцијата. Георгиев во кратки црти даде образложение за причините поради кои се одлучил на ваквиот потег.  

Рече дека по разрешувањето на Дамева на 4 мај лани бил во голема дилема дали да го прифати предлогот тој да го води Судскиот совет, но како што кажа во текот на своето обраќање, дал се од себе во водењето на Советот, во амбиент во кој ова тело било изложено на бројни критики. 

„Бев во голема дилема дали да ја прифатам оваа фунцкија во Судскиот совет кој во тој период беше во специфична ситуација, имавме нарушени меѓучовечки односи. Еден тежок период за Советот. Јас одлучив да го прифатам предизвикот само ако сплотени и заедно работиме на унапредувањето на работата на Советот“,

рече Георгиев. 

Сашко Георгиев останува да биде член на Судскиот совет до завршувањето на неговиот мандат / Фото: Принтскрин

Тој наведе, како што рече, дел од успесите што Советот успеал да ги постигне за време на неговиот мандат како претседател.  

„За прилично краток период успеавме да избереме 30 судии од Академијата за судии и јавни обвинители, ги избравме и судиите во судовите во Скопје – процес кој траеше две години. Сите тоа го знаеме, но надминавме и други состојби и ситуации. Јас како претседател и сите заедно постигнваме солидни резултати во нашето работење“,  

рече Георгиев.

Сега веќе експретседателот на Судскиот совет, рече дека не може, а да не го спомене амбиентот во кој работеле, каде биле и сè уште се изложени на големи критики во однос на функционирањето на Советот.  

Говорејќи во таа насока, тој се осврна и на Оценската мисија на Европската Унија, која беше спроведена по контроверзните случувања во Советот.  

„Во септември имавме експертти од ЕУ кои извршија оценска мисија во делот на работењето на Судскиот совет. Непосредно пред новогодишните празници го добивме извештајот, во кој добивме препораки во кои се детектрани законски решенија како предлог-измени за некое идно време. Дадов многу од себе, Советот работеше и фунционираше, а јас се чувствував како баланс за сите тековни проблеми. Дадов се од себе, а дали е тоа така нека процени секој посебно“,

рече Георгиев.  

Во врска со пресудата на Управниот суд, тој кажа дека неговиот избор за претседател на Советот воопшто не бил предмет на оваа постапка, отфрлајќи ги тезите во јавноста дека како резултат на пресудата тој бил нелегитимен како претседател.  

„Пресудата е веќе дадена пред јавноста, па може да се процени што и како е одлучено во пресудата. Со оваа пресуда е поништено разрешувањето на претходната претседатлека, а избраниот претседател од 4.5.2023 година е во сила и не е поништен овој избор“,

рече експретседателот на Судскиот совет.  

Момент од денешната итна седница на Судскиот совет / Фото Принтскрин

На крајот од своето излагање, повторно кратко навраќајќи се на тоа дека за време на неговото претседателствување Советот имал видливи резултати, Георгиев потенцираше дека немал притисоци и влијанија во неговото работење.   

„На крајот, би сакал да истакнам дека имавме многу одлуки и постапки каде јас како претседател постапував еднакво како сите вас, но имаше многу случаи каде имав посебно мислење, односно мои ставови и гласав спротивно на одлуките кои беа донесени во текот на работењето. Ниту сум имал притисоци и влијанија во моето работење, ниту сум дозволил да има влијанија и притисоци и тоа го истакнувам најодговорно. Најодговорно го претставував и работев за Советот како претсдател. Сме можеле и многу подобро, но останува времето да покаже како сме работеле. Очекувам дека Советот ќе продолжи да работи и да се носи со сите предизвици во иднина“,  

рече Георгиев.

По неговото образложение на оставката, Георгиев стана од столот каде што седи претседателот, а на членот на Советот, Зендели, кој ја водеше седница, му остана само да констатира дека:  

„…на претседателот му престанува мандатот со денешен датум и констатирам дека останува како член на Судскиот совет да ја извршува својата обврска додека му трае мандатот“,

рече тој, додавајќи дека нема потреба од отворање на расправа бидејќи станува збор за барање поднесено од самиот претседател.  

Весна Дамева на денешната итна седница на Судскиот совет на која повторно беше констатирано дека останува нејзиниот избор за претседател на ова тело / Фото: Принтскрин

Зендели веднаш премина на втората точка, за пресудата на Управниот суд со која се поништува одлуката на Судскиот совет од 4 мај 2023 година со која Весна Дамева беше разрешена од функцијата претседател на Советот.  

„Имајќи ја предвид ваквата донесена одлука на Управниот суд јас можам само да констатирам дека по донесената одкука на Управниот суд останува во сила одлуката на Судскиот совет за избор на Весна Дамева за претседател од 5 декември 2022 година, што значи дека од сега натаму претседател на Судскиот совет е Весна Дамева“,  

рече Зендели и ја заклучи работата на денешната итна седница.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Советничката група на Независни за Карпош со демант: Не поднесовме ниту еден амандман на Буџетот на општина Карпош за 2024 година

Следно

Ковачевски: Нема потреба од тајни средби, со Мицкоски може да седнеме и на улица „Македонија“

Latest from Blog