Додека Судскиот совет ја разгледуваше, Управен ја објави пресудата за Дамева – била разрешена незаконито и без образложение

7 mins read

Наведувајќи ги материјалите од тужителот Дамева, одговорот на тужбата од Судскиот совет, како и законските одредби врз основа на кои одлучувал, Управниот суд во образложението на пресудата наведува дека во конкретниот случај утврдил дека образложението на одлуката на Судскиот совет со кое се разрешува поранешната претседателка е нејасно, не се наведени докази ниту, пак, се утврдени факти

Во меѓувреме денеска членовите на Судскиот совет околу три часа на работен колегиум расправаа за пресудата на Управниот суд откако вчера оттаму информираа дека ја добиле

Додека членовите на Судскиот совет на работен колегиум ја разгледуваа и расправаа за пресудата со која Управниот суд го поништи разрешувањето на поранешната претседателка на Советот, Весна Дамева, увид во нејзината содржина доби и јавноста. 

Принскрин од почетокот на пресудата на Управниот суд

Имено, Управниот суд, како што и претходно најавија оттаму, денеска ја објави пресудата на својата официјална веб-страница.  

„Тужбата на тужителот В.Д. (Весна Дамева н.з.) од Скопје се уважува. Одлуката бр.02-934/1 од 04.05.2023 година, на С. с. (Судскиот совет) на Република С.М., се поништува“

се наведува на почетокот на пресудата. 

Пресудата е донесена на 14 декември, минатата година од судечки совет со кој претседавал судијата Ељмедине Асани, а членови биле судиите Виолета Богојеска и Имсале Хасани. 

Генерално, како што може да се прочита во неа, членовите на Судскиот совет во април минатата година, донеле необразложена и незаконита одлука за разрешување на Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет.

Одлуката за разрешување на Дамева е нејасна, без докази и утврдени факти

Наведувајќи ги материјалите од тужителот Дамева, одговорот на тужбата од Судскиот совет, како и законските одредби врз основа на кои одлучувал, Управниот суд во образложението на пресудата наведува дека во конкретниот случај утврдил дека образложението на одлуката на Судскиот совет со кое се разрешува поранешната претседателка е нејасно, не се наведени докази ниту, пак, се утврдени факти.      

„Во конкретниот случај, Судот најде дека образложението на оспорената Одлука е нејасно, односно тужениот орган во истата не дал никакви образложени причини поради кои го разрешува од функција сега тужителот, не ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба, посебно ниту утврдените факти, кои согласно утврдената фактичка состојба упатуваат на донесување на онаква Одлука како што е дадена во диспозитивот на истата“,

се вели во пресудата.  

Во образложението на Одлуката тужениот орган, односно Судскиот совет, само навел дека со мнозинство гласови на членовите со право на глас била изгласана недоверба на Дамева. Судскиот совет не ги навел ниту законските одредби по кои била спроведена постапката која претходела на разрешувањето.  

„Во истото (образложение) не се наведени ниту причините поради кои барањата, предлозите и тврдењата од сега тужителот не биле земени во предвид, ниту се наведени законски одредби, по кои била спроведена постапката која претходела на донесувањето на оспорената Одлука, со оглед на тоа дека истиот само се повикува на член 38 од Законот за Судскиот совет на Република С.М., со која законска одредба само се регулира работата на седници на Совет. У-5 бр.618/2023. Имено, со член 8 став 4 од Законот за Судски совет на Република Северна Македонија, е уредено дека претседателот на Советот се избира од редот на членовите на Советот со право на глас, а со член 41 од истиот закон е уредено дека членовите на Советот со право на глас во вршење на функцијата член на Советот се еднакви во правата и обврските“,

се вели во образложението на пресудата на Управниот суд.  

Поранешната претседателка ни актуелен член на Судскиот совет, Весна Дамева / Фото: Принтскрин (Архива)

Судот, анализирајќи ги членовите од Законот за Судски совет со кои се регулира постапката за утврдување на одговорност на член на Советот, нашол дека во Законот никаде не е наведено дека тој има надлежност да одлучува за изгласување недоверба на претседателот ниту за негово разрешување од функцијата, без претходно да биде спроведена постапка за утврдување на негова одговорност.

Илустративна фотографија / Фото: Архива

„Претседателот на Советот како член на Советот со право на глас има еднакви права и обврски со останатите членови, а со тоа и еднаква одговорност. Постапката за одговорност на член на Советот е уредена во член 34 и 35 од Законот за судски совет на Република Северна Македонија. Во член 35 став 5 од цитираниот закон е уреден и начин на постапување по барање за дисциплинска одговорност на претседателот на Советот, од што произлегува дека одредбите за одговорност на член на Советот се однесуваат и за претседателот на Советот. Од друга страна во член 36 од истиот закон е уредена и таксативно наведена надлежноста на Советот, во кој покрај другата надлежност, во алинеја 6 е наведено дека Советот одлучува за дисциплинска одговорност на член на Советот, а никаде не е наведено дека истиот има надлежност да одлучува за изгласување недоверба на претседател на Советот, ниту за разрешување само од функција претседател на Советот, без претходно спроведена постапка за утврдување на негова одговорност“,  

се наведува во пресудата

При повторно постапување, се вели во неа, тужениот орган, односно Судскиот совет да ги има предвид укажувањата дадени од Судот.  

„…па по спорведена законита постапка, во рамките на своите надлежности, со повикување на конкретни законски одредби да донесе образложена и законита Одлука. Со оглед на изнесеното, Судот најде дека тужбата е основана и одлучи како во изреката на пресудата, согласно член 60 став 3 алинеја 2 од Законот за управни спорови. Управниот суд ја донесе оваа Пресуда без одржување на јавна расправа, согласно член 38 став 1 алинеја 4 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“бр.96/2019), според кој Судот по исклучок од одредбите од член 37 од овој закон, одлучува по управниот спор без да одржи расправа, ако најде дека оспорениот управен акт содржи такви суштествени недостатоци што ја спречуваат оцената на законитоста на актот, поради што ќе го поништи таквиот акт, како што е случај во конкретниот предмет“,

се вели во пресудата на Управниот суд.  

Што навела Дамева во тужбата, а што барал Судскиот совет во одговорот по неа

Инаку, Дамева, како што може да се види во пресудата, во тужбата, меѓу другото, навела дека воопшто не ѝ биле предочени причините поради кои било поставено прашањето за оценување на доверба, не и биле презентирани факти и докази, како и тоа дека не ѝ било оставено доволно време да се подготви. На неа, како што навела самата во тужбата, не ѝ било овозможено доволно време да презентира факти и докази со кои ќе се спротивстави на „вербалните обвинувања“.  

Од Судскиот совет во одговорот на тужбата на Дамева му предложиле на Управниот суд да ја одбие како неоснована, а во образложението навеле:  

„…дека во Законот за судски совет (Сл.весник на РСМ бр.102/19) од страна на законодавецот не е предвидена одредба со која се регулира начинот и постапката по однос на разрешување на претседател на Советот, ниту било предвидено правно средство против ваквата одлука, а одлуката за разрешување во конкретниот случај била донесена согласно член 38 став 8 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, каде било предвидено дека Советот ги донесува одлуките со мнозинство од присутните членови со право на глас. Прашањето за доверба било предложено како точка на дневен ред од страна на пет членови на Советот, а самиот член 38 од Законот за Судски совет на РСМ не давал ограничување по однос на тоа која точка ќе биде ставена, туку дека седница се свикува по предлог од најмалку пет члена на Советот“,

се наведува во образложението. 

Седница за Судскиот совет / Фото: Архива

Од Советот, исто така, навеле дека Управниот суд во конкретниот спор не може да ги примени конкретните одредби од Законот за управните спорови затоа што Судскиот совет е самостоен и независен орган и не е орган на државната управа. 

Во поуката од Управниот суд посочуваат дека против оваа пресуда не е дозволена жалба.  

Во меѓувреме денеска членовите на Судскиот совет околу три часа на работен колегиум расправаа за пресудата на Управниот суд, откако вчера оттаму информираат дека ја добиле.  

Работниот колегиум почна во 9:30 часот, а заврши дваесетина минути пред 13 часот.  

Засега нема информации кој е заклучокот од состанокот. Од Судскиот совет најавија дека е можно да има итна седница, а кога ќе се одржи велат дека дополнително ќе информираат.

Како беше разрешена Дамева

Дамева во контроверзна постапка беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет на седница на 26 април годинава. Седницата наменета за нејзино разрешување започна во тензична атмосфера со обвинувања од дел од членовите дека Дамева го криела писмото на американската амбасадорка Анџела Агелер. 

Потоа настана расправија за меѓучовечките односи кои некои бараа да се стават на дневен ред. По неколкучасовна тензична атмосфера, во присуство на Дамева претседавањето со седницата го презеде нејзиниот заменик Селим Адеми кој побара да се гласа за нејзино разрешување. 

„За“ гласаа седум члена, по што тој констатира дека претседателката е разрешена и за утредента закажа нова седница за избор на нов претседател. 

Дамева, пак, тогаш рече дека ова е противзаконски и додаде некои лица од политиката ќе бидат задоволни. 

„Благодарам многу, ме спасивте, ако е тоа последното, бидејќи ова одлука ќе биде противзаконска, но очигледно треба да бидат исполнети некои желби. Одлука донесена на ваков начин во присуство на претседател на Судски совет со гласање од седум гласа каде што нема ниту предвидено основа за разрешување на претседател, а особено нема и број на гласови со кои се носи одлуката, заменик-претседател си зема за право да констатира престанок на функцијата претседател на Судски совет со што го одзема мандатот. Јас навистина не знам ова како ќе заврши освен што одредени лица од политиката ќе бидат и тоа како задоволни ако во успеат ова. Јас не се откажувам, битката продолжува и многу работи може да бидат уште полоши“,

рече тогаш Дамева.  

Фото: „360 степени“ (Архива)

Ваквиот начин на разрешување предизвика лавина реакции од стручната јавноста. Имено, за разрешување претседател нема предвидено процедура ниту во Законот за Судскиот совет ниту во Деловникот за работа. Во таа насока беа и реакциите кои пристигнаа од стручната јавноста – со оглед на тоа што нема предвидена процедура, за да се отстрани од претседателската функција, Дамева требало да биде разрешена од член на Судскиот совет. За тоа, пак, е потребна дисциплинска постапка која трае одреден период и предвидува и нејзин одговор како странка. Кога постапката ќе дојде до фаза гласање, потребни се осум гласа „за“, не сметајќи го оној на предлагачот. Дамева, пак, беше разрешена само од претседателската функција со седум гласа, меѓу кои и гласот на заменик-претседателот кој го иницираше разрешувањето. 

Сепак, членовите на Судскиот совет се обидоа да изберат претседател наредниот ден по разрешувањето (27 април), но заменикот Адеми тогаш ја одложи седницата со образложение дека еден од членовите со право на глас е отсутен, а при избирање претседател пожелно е да се присутни сите. Седницата требаше да продолжи по неколку дена (на 2 мај), но и тогаш се одложи без официјално да бидат објавени причините. 

За да излезе од ситуацијата, Судскиот совет далеку од очите на јавноста најде „решение“. 

На 4 мај одржа две тајни седници и една јавна. 

На првата нејавна седница тогаш било гласано да се повлече првичната одлука за разрешување на Дамева. Потоа, на втората тајна седница членовите ѝ изгласале недоверба и ја разрешиле. Покрај тоа, на тајна седница била констатирана и оставка од заменик-претседателот Селим Адеми, кој важеше за предводник на групата што се залагаше за разрешување на Дамева. Меѓутоа, неговата оставка беше со одложено дејство – стапува на сила откако ќе се избере нов претседател, ќе се објави одлуката во „Службен весник“ и ќе се направат промени во Централниот регистар. 

Третата седница дента на 4 мај, која беше јавна, се одржа со цел да се избере претседател. 

Со осум гласа „за“ тогаш на функцијата беше избран Сашко Георгиев, кој и сега ја извршува функцијата претседател на Судскиот совет.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Другата страна на „сиромашни се затоа што се диво племе“

Следно

Општина Центар: Хуманоста сите не сплоти, за неколку дена собрани средства за лекување на младиот Лео

Latest from Blog