Путин: Ќе ги засилиме нападите врз Украина, нападот на Белгород е терористички чин

3 mins read

Во меѓувреме, Киев соопшти дека Русија на новогодишната ноќ извршила напади на Украина со рекорден број беспилотни летала. Во своето новогодишно обраќање рано денеска, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина станала посилна во надминувањето на предизвиците, додека војната против Русија се приближува до својата втора годишнина од нејзиниот почеток

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва ќе ги интензивира нападите врз воени цели во Украина, по невидениот украински напад врз рускиот град Белгород викендов, јавуваат агенциите.  

Рускиот претседател за време на посетата на воена болница во Москва / Фото: EPA-EFE/KRISTINA KORMILITSYNA

Украинскиот напад во саботата, во кој загинаа 25 лица, меѓу кои и пет деца, се случи откако Москва започна голема офанзива врз украинските градови, пренесува ХРТ.  

„Ќе ги засилиме нападите. Ниту едно злосторство против цивилите нема остане неказнето, тоа е сигурно“,

рече Путин за време на посетата на воена болница во Москва. 

Тој додаде и дека Русија ќе продолжи да таргетира „воени инсталации“ во Украина.  

„Ова го правиме денеска и ќе продолжиме и утре“,

рече Путин. 

Во меѓувреме, Киев соопшти дека Русија на новогодишната ноќ извршила напади на Украина со рекорден број беспилотни летала. 

„Тоа што се случи во Белгород е терористички чин. Нема друго име за тоа“,

им порача Путин на ранетите руски војници кои седеа во негова близина во болнички пижами и со маски на лицата. 

Рускиот претседател ги обвини украинските сили дека целеле „точно во центарот на градот, каде што имало луѓе“ и рече дека „намерно гаѓале на цивилното население“. 

Рускиот претседател во своето обраќање до ранетите руски војници во воената клиника / Фото: EPA-EFE/KRISTINA KORMILITSYNA

Инаку, во своето новогодишнот обраќање, рускиот претседател речиси и да не ја спомена Украина. Тој повика на обединета поддршка за руската армија во обраќањето, без експлицитно да се осврне на војната што ја води во Украина.

Гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков, изјави дека бројот на загинати се искачил на 25 лица, додавајќи дека лекарите не можеле да спасат дете кое било тешко повредено во нападот. Тој рече дека се ранети вкупно 109 лица, од кои 45 се сè уште во медицински установи. 

Зборувајќи за ситуацијата на бојното поле, Путин рече дека верува оти има „стратешка иницијатива“ во конфликтот во Украина, која и оди во корист на руската страна. 

Тој, исто така, тврди дека Москва сака да го прекине конфликтот, кој трае речиси две години, „што е можно поскоро“, но „само под наши услови“, пренесе руската државна новинска агенција ТАСС. 

Напад на Украина со 90 дронови

Русија на почетокот на новата година изврши напад на цели во Украина, лансирајќи 90 беспилотни летала низ целата земја, објави украинското воздухопловство.   

„Од 90 дронови лансирани врз Украина на новогодишната ноќ, 87 се соборени. Станува збор за речиси двојно повеќе беспилотни летала отколку што беа истрелани минатата година, кога беа соборени 45“,

изјави командантот на украинските воздухопловни сили Микола Олешчук на Телеграм. 

Жена ги расчистува остатоците од искршените прозорци по нападот со дрон на градот Одеса во југозападна Украина / Фото: EPA-EFE/IGOR TKACHENKO

Според воениот гувернер Олег Кипер, убиено е 15-годишно момче, а три лица се ранети во напад на станбена област во црноморскиот регион Одеса на југот на земјата, а пожар избувнал на пристанишниот терминал. 

Зеленски: Украина стана посилна

Во своето новогодишно обраќање рано денеска, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина станала посилна во надминувањето на предизвиците додека војната против Русија се приближува до својата втора годишнина од нејзиниот почеток.  

Во 20-минутната видеопорака емитувана од неговата канцеларија во Киев тој речиси и да не се осврна директно на ситуацијата на фронтот долг 1 000 километри или на ограничениот успех на контраофанзивата започната во јуни. Тој, исто така, не се осврна на политичките и дипломатските тешкотии во обезбедувањето континуирана воена и друга помош од американскиот Конгрес и од Европската Унија. 

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски / Фото: Архива

Зеленски рече дека војната ги научила Украинците да ги издржат руските напади и да се приспособат на тешкотиите, вклучително и на прекините на струја, индустриски операции и заканите за транспортот на нејзиниот извоз. 

„Главниот резултат на годината: Украина стана посилна. Украинците станаа посилни. Кога на почетокот на 2023 година ја пребродивме, без претерување, најтешката зима во историјата. Кога докажавме дека Украинците се посилни од студот и темнината. Посилни од затемнувањата и заканите за исклучување. Украинците се посилни од какви било блокади и вета, неверување или скептицизам“,

рече Зеленски во своето обраќање, со кое се емитуваа и видеа од нападнати градови и средби со лидерите на западните сојузници на Украина. 

Зеленски ги истакна успесите на Украина во Црното Море и рече дека Украинците биле „посилни од какви било интриги“ за време на собирите на западните земји за подобрување на воздушната одбрана на Украина и испорака на борбени авиони Ф-16. 

„Дефинитивно ќе ги видиме на нашето небо“,

рече тој за авионите Ф-16, повторувајќи го своето ветување дека ќе го зголеми домашното производство на оружје и ќе произведе најмалку еден милион беспилотни летала, пренесува ХРТ.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Најмалку две лица загинаа во земјотресот во Јапонија, шест се затрупани под урнатините, соопшти полицијата

Следно

Променливо облачно наместа со повремени врнежи од дожд

Latest from Blog