Предлог-законот на американскиот претседател Џо Бајден предвидува дополнителна помош од 106 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван. Пред гласањето, Бајден во обраќање го повика Конгресот да го усвои законот, предупредувајќи дека неуспехот да се дејствува само ќе му оди во прилог на рускиот претседател Владимир Путин во војната против Украина
Сенатот на САД го блокира предлог-законот за дополнителна финансиска помош за Украина, Израел и Тајван, како и одредбите насочени кон зајакнување на граничната безбедност, пренесуваат светските медиуми.
По гласањето, кое главно беше по партиски линии, сè поголема е веројатноста дека Конгресот нема да одобри повеќе средства за Украина пред крајот на годината и покрај предупредувањата од Белата куќа дека на Киев очајно му е потребна поголема помош, пишува „Гардијан“.
Исходот од гласањето беше 49 наспроти 51. Сите членови на Сенатот од редовите на Републиканската партија гласаа против предлог-законот, за чие прифаќање беа потребни 60 гласа.
Републиканците и во двата дома на Конгресот бараат построги гранични регулативи во замена за нивната поддршка на предлог-законот, кои, како што велат, не се исполнети.
Предлог-законот на американскиот претседател Џо Бајден предвидува дополнителна помош од 106 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван.
Гласањето дојде еден ден откако демократите во Сенатот официјално го претставија дополнителниот нацрт-закон за безбедност од 111 милијарди долари, како одраз на барањето за финансирање што Џо Бајден го издаде во октомври за да им помогне на сојузниците на САД во странство.
Пред гласањето, Бајден во обраќање го повика Конгресот да го усвои законот, предупредувајќи дека неуспехот да се дејствува само ќе му оди во прилог на рускиот претседател Владимир Путин во војната против Украина.
„Кој е подготвен да отстапи без да бара одговорност од Путин за ова однесување? Кој од нас е навистина подготвен да го стори тоа? Не сум подготвен да отстапам, а мислам дека не е ниту американскиот народ“,
рече Бајден, пренесува „Гардијан“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќање до лидерите на Г7 ги повика да предизвикаат немир кај рускиот претседател со тоа што нема да покажат слабост.
Инаку, лидерите на Г7 се состанаа преку видеоврска во знак на солидарност со украинскиот лидер, во, како што го опишуваат медиумите, нов обид да се вдахне нов живот во однос на санкциите против Русија.
Зеленски им се заблагодари на лидерите на Г7 за нивната поддршка и предупреди дека Москва смета на колапс на западната поддршка за Украина.
„Русија верува дека Америка и Европа ќе покажат слабост и нема да ја задржат поддршката за Украина на соодветно ниво. Путин верува дека слободниот свет нема целосно да ги спроведе сопствените санкции и руската елита се потсмева на сомнежите на светот за користење на руските средства за да се компензира штетата од руската агресија“,
рече тој.
„Сето ова е дел од едни многу пошироки прашања: Што може слободата и што можат диктатурите? Мораме заедно да одговориме на овие прашања“,
порача украинскиот претседател.
Сепак, овие аргументи, анализира „Гардијан“, синоќа не ги поколеба републиканците во Сенатот.
Иако предлог-законот за дополнително финансирање вклучуваше голем број мерки за безбедност на границата, републиканците во двата дома инсистираа на тоа дека законодавството мора да оди понатаму во ограничувањето на барањата за азил и условно ослободување на мигрантите. Она што останува нејасно е како дополнителен предлог-закон би можел да помине во поделениот Конгрес.
Претседателот Бајден во средата рече дека е подготвен да направи „значителни компромиси“, но ги обвини републиканците дека пристапот во дијалогот за миграцијата им е „сè или ништо“.
„Ова треба да бидат преговори. Републиканците мислат дека можат да добијат сè што сакаат без никаков двопартиски компромис. Тоа не е одговорот“,
рече Бајден.
Тензиите околу ова прашање добија уште поголема видливост во вторникот кога украинскиот претседател го откажа своето обраќање на затворениот за јавност брифинг на Сенатот, кој беше посветен на Украина.
Брифингот се случи и покрај отсуството на Зеленски, а лидерот на демократите кои се мнозинство во Сенатот, Чак Шумер, ги обвини демократите дека го „киднапирале“ состанокот за да разговараат за безбедноста на границата.
„Републиканците само го напуштаат брифингот затоа што луѓето таму не се подготвени да разговараат за тоа што е потребно за да се постигне договор“,
рече републиканскиот сенатор од Јута, Мит Ромни.
Инаку, предвидените 10 милијарди долари наменети за помош на Израел предизвикаа критика од прогресивниот сенатор од Вермонт, Берни Сандерс.
Во писмото испратено до неговите колеги во вторникот, тој предупреди дека нема да поддржи уште еден „бланко чек“ за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, бидејќи бројот на загинати во Газа продолжува да се зголемува.
„Не, не мислам дека треба да обезбедиме 10,1 милијарди долари за да може десничарската екстремистичка влада на Нетанјаху да ја продолжи својата сегашна воена стратегија. Она што го прави владата на Нетанјаху е неморално. Тоа е кршење на меѓународното право и САД не треба да бидат соучесници во тие дејства“,
напиша Сандерс.
ИЗВОР: 360stepeni.mk