„360 степени“ доби пристап до дел од редовните обуки на единиците „Тигар“ и ЕБР во рамките на МВР и Ренџерскиот баталјон во рамките на АРСМ и ги постави прашањата – колку жени има во специјалните полициски и армиски единици, дали се еднакви со мажите, во какви услови работат… Еве ги одговорите до кои стигнавме.
ЕДИНИЦА „ТИГАР“, МВР
Специјалната антитерористичка единица (САЕ) „Тигар“ е формирана во рамки на Министерството за внатрешни работи во 1981 година. Дури пред 15 години ја доби првата припадничка. Таа е преговарач – позиција клучна особено при заложнички кризи.
„Преговарачката работа е навистина многу специфична и деликатна. Не може секој еден припадник да ја работи во оваа ситуација. Пред сè, треба да имате малку повеќе отскокнувања од типот на комуникациски вештини, разбирање, сослушување на другите страни“,
вели припадничка на САЕ „Тигар“.
Денес таа не е единствена членка на „Тигрите“ – единица која може да се пофали со врвен снајперски тим. Според претпоставените, токму жена-снајперист е меѓу најпрецизните.
„Треба да припазите на вас како личност, да бидете смирена личност, дишење, повлекување, психички треба да сте многу стабилен бидејќи тоа што го работиме е многу опасно и одзема човечки животи“,
вели снајперистката во „Тигрите“.
И двете наши соговорнички се мајки и сопруги но, велат, само дома. На работното место за нив важат единствено професионалните стандарди.
„Навистина има потреба од огромна поддршка од семејството и горда сум што ја имам поддршката и не чувствувам некоја напнатост или дисбаланс меѓу работата и семејството“,
додава припадничката на „Тигрите“ која е преговарач.
„Секој што пробал и што нормално треба да има психичка и физичка подготовка на некое ниво, не верувам дека нема да успее, без разлика дали е машко или женско“,
додава снајперистката.
Од командата на „Тигрите“ велат дека условите за престој и работа на припадничките на единицата се прилагодени на нивните потреби и тврдат дека досега немало случај на дискриминација. Сепак, дел од нормите и критериумите што треба да се исполнат се разликуваат во зависност од родот.
„За разлика од мажите, дел од проверките односно тестовите што треба да ги поминат колегите-жени се родово сензитивни. Прилагодени на жени. А кога зборуваме за задачите, тука не постои разлика, тука постои само извршување на задачата“,
вели помошник-командантот на единицата „Тигар“, Радош Ефремов.
ЕДИНИЦА ЗА БРЗО РАСПОРЕДУВАЊЕ (ЕБР), МВР
Девојки, мајки, сопруги, професионалки – има и во Единицата за брзо распоредување или ЕБР чие мото е „Секогаш, секаде“.
„Рамо до рамо“, израз што е синоним за едноквост, важи за сите колеги и колешки во оваа полициска единица при извршување на спортските активности, разните видови професионални обуки, но и при реални операции на терен.
„Ниту сме дискриминирани, ниту сме навредени, едноставно сета помош од припадниците, кога ни е потребна, ни е пружена. Воедно, се помагаме меѓусебно, се надоградуваме, тимски работиме, така што во оваа единица помеѓу припадниците и припадничките таа поделба ја нема“,
вели припадничка на ЕБР.
Во нашата култура многу момчиња сонуваат да бидат „специјалци“, но тоа од детството го посакувала и оваа жена – сега припадничка на ЕБР.
„Едноставно ми беше сон и престиж да бидам дел од ваква единица чиј дел сум и денес и сè уште не ми се има тргнато таа желба и мотив за работа“,
вели друга припадничка.
Од вкупниот број припадници на ЕБР денес околу шест проценти се жени.
„Без разлика на полот имаме помагање во извршување на работните задачи било да е машко кон женско или обратно“,
додава една од нашите соговорнички.
Формирана во 2001 година, задачите на ЕБР се од одржување на јавниот ред и мир при демонстрации и немири до антитерористички операции и обезбедување ВИП-личности. А сето ова не признава родова, туку само професионална припадност.
„Во единицата за брзо распоредување тимската работа е нешто што е најмногу вредно. Тоа значи дека припадничките на женската популација заедно, тимски настапуваат при извршување на секојдневните задачи при спроведување на обуката и при извршување на задачите. Оттука произлегува близината меѓу сите колеги во единицата без разлика на пол“,
вели Вице Столески – командант на ЕБР.
РЕНЏЕРСКИ БАТАЛЈОН, АРМИЈА НА РСМ
Ренџерскиот баталјон, кој извршува специјални задачи во земјата и странство, е една од специјалните армиски единици.
Меѓу „ренџерите“ има жени уште од формирањето во 2004 година, а денес се вкупно 12. Тие редовно учествуваат и во мировни мисии надвор од земјата.
„Желбата и идејата за да бидам дел од Ренџерскиот баталјон, всушност, беше да си докажам и себеси, а и на останатите дека и ние жените можеме и сме рамноправни да ги извршуваме задачите што важат за типично машки задачи“,
смета припадничка на Ренџерски баталјон.
За една од припадничките на баталјонот никогаш во животот немало „машки задачи“ што не може да ги изврши.
„Како што се сеќавам, уште од мали нозе имав желба да носам униформа и да работам во нашата Армија. Секако тука е и мојот натпреварувачки дух што го имам од мала. Од најрана возраст се занимавам со секакви спортски активности па можеби тоа придонело да ја донесам оваа одлука“,
вели таа.
Секојневните тренинзи се предизвикувачки, па потребни се дисциплина и упорност за нивно извршување. Но, „ренџерките“ велат дека жените не треба да се плашат од непознато и предизвици.
„Имаме сопствени соби каде што престојуваме, посебни купатила каде што ќе можеме да се истушираме после физички активности и мислам дека сè што треба ни е пружено… Доколку се чувствуваат спремни и физички и психички да не се откажуваат без разлика дали се работи за влез во армија или за било која друга професија што се смета за машка“,
вели припадничка на Ренџерски баталјон.
„Да се биде дел од специјалната единица, еве ние сме доказ, женскиот персонал, дека тоа е возможно и дека ги рушиме стереотипите дека тоа е типична машка професија“,
додава друга припадничка.
Во Ренџерскиот баталјон велат дека секогаш преовладува тимскиот дух.
„Ако веќе разговараме за женскиот пол речиси сите, со еден или два исклучоци, се со фамилии и со деца. Без разлика на нивните приватни ангажмани односно семејни ангажмани, работата ја извршуваат целосно и без никаков проблем, но секако дека и ние имаме предвид. Како за секој еден припадник имаме предвид дека некогаш некои обврски се неизбежни и за женскиот персонал важи истото“,
вели потполковник Ментор Саити – командант на Ренџерскиот баталјон (декември 2022 г.).
Меѓу НАТО-земји, Норвешка напредуваше брзо во уривањето на родовите бариери во специјалните единици. Во 2014 година е формирана првата специјална единица составена само од жени, наречена „Јегертрупен“ или „Ловечки одред“.
Припадничка на Националната гарда на САД, пак, во 2020 година ја заврши обуката на специјалните армиски сили и стана првата жена што ја доби титулата „Зелена беретка“ откако Пентагон во 2016 година ги отвори за жените сите борбени работни места, вклучително и оние за специјални операции.
Во соседството, Хрватска, на пример, има 60-ина жени или 5 отсто од припадниците на Интервентната полиција.
Професорот на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“, Методи Хаџи Јанев, смета дека мотивациските политики треба да бидат прилагодени на културолошките специфики на една заедница.
„Секоја стимулација треба да биде темелна, мора да биде базирана на претходни добри истражувања, на фидбек од самата заедница којашто треба да ги прифати, да се види што е тоа што може да биде потенцијален ризик во процесот на интегрирањето на жените во специјалните единици, а што е тоа што може да биде потенцијално олеснување и како ризикот да се намали, а олеснувачите да се зголемат и да се мултиплицираат за да може таа интеграција да биде што поуспешна“,
вели професорот Хаџи Јанев.
Тој смета дека менувањето на менталитетот и несоздавањето полови и родови предрасуди и стереотипи не започнува во касарните, туку во училишните клупи.
„И тоа можеби уште од најрана возраст во која вие ќе градите единство, во која ќе градите перцепција, но и ментален пристап кај децата дека ако продолжиме ги делиме професиите на машки и женски нема да нема да успееме да ја постигнеме кохезивноста во родова смисла“,
смета Хаџи Јанев.
Сè на сè, во земјава има напредок во вклучувањето на жените во специјалните сили. Сепак, за уште поголем исчекор потребен е сеопфатен пристап – освен на ниво на образование, и на ниво на политики што ќе водат сметка за родовиот аспект и ќе ги демистифицираат традиционалните родови улоги во општеството. Ангажирано лидерство на сите нивоа во безбедносниот сектор, е предуслов што се подразбира.
ИЗВОР: 360stepeni.mk