Досега, како што велат од СВР Охрид, до нив немало официјално доставена пријава за борба со кучиња, но упатуваат апел до граѓаните доколку забележат ваква појава, да пријават во најблиската полициска станица
За денешниот апел од СВР Охрид, граѓаните доколку забележат борби со кучиња, да пријават во најблиската полициска станица, од „Лајка“ велат дека за тоа да се случи, секој граѓанин ќе треба да остави свое име и презиме, а тоа, како што велат, значи дека криминалните умови ќе дознаат кој пријавил и ќе поитаат со закани кон пријавувачот
Против 45-годишниот Б. А. од кичевското село Зајас ќе биде поднесена соодветна пријава поради сомнение дека во текот на октомври годинава организирал настан со кучиња во атарот на кичевското село Букојчани, информираат од СВР Охрид и додаваат дека за случајот е известен надлежен јавен обвинител.
Од охридската полиција велат дека се преземаат интензивни контроли на целото подрачје на Охрид, Струга, Кичево и Дебар, со цел санкционирање лица организатори на борби со кучиња или други слични активности, што се во спротивност со Законот за заштита и благосостојба на животните.
„Според Законот за заштита и благосостојба на животните, забранета е вклученост, поттикнување, организирање, рекламирање, одржување и обложување на борби со животни, за какви било намени“,
велат од СВР Охрид.
Досега, како што велат од СВР Охрид, до нив немало официјално доставена пријава за борба со кучиња, но упатуваат апел до граѓаните доколку забележат ваква појава, да пријават во најблиската полициска станица.
За борби со кучиња во околината на Охрид и Струга, изминативе денови на социјалните мрежи алармираа од Иницијативата за заштита на животните „Лајка“ кои велат дека во околината на Охрид на излезот кон Струга, на јавна површина е направен ринг за борби на кучиња.
„Ликови, добро познати и на полицијата, си организираат борби и мува не ги лази. Со пехари, со присуство на лица од други градови и држави, со цела организираност која е воочлива и за полицијата која со години никого не санкционирала (од наши извори дознавме дека еднаш и била набркана кога по пријава отишле на сред една ваква борба полна крвопролевање на недолжни битија)“,
се вели во објавата од „Лајка“.
Оттаму додаваат дека се прекршуваат законски одредби, но некои, како што додаваат, имаат „привилегија“ да се ставаат над законите, и притоа, иако прекршуваат закон, да се закануваат на оние што почитуваат закони и важат за чесни и совесни граѓани.
„Свесни поради ризикот по нашата безбедност не се осмелуваме да пријавиме во полиција, каде несомнено ги има и лица ближни на овие ликови“,
се додава во објавата на „Лајка“.
За денешниот апел од СВР Охрид, граѓаните доколку забележат борби со кучиња, да пријават во најблиската полициска станица, од „Лајка“ велат дека за тоа да се случи, секој граѓанин ќе треба да остави свое име и презиме, а тоа, како што велат, значи дека криминалните умови ќе дознаат кој пријавил и ќе поитаат со закани кон пријавувачот.
„Засукајте ракавите, не ви требаат пријави од граѓани доколку сакате овој криминал да го спречите, во рок од една недела лесно ќе ги најдете сите овие сторители. Впрочем, самите нивни кучиња, полни рани и лузни, ќе ви се доволен доказ за што ги злоупотребуваат. Ако сакате, иако должност ви е тоа“,
наведуваат во денешната реакција од „Лајка“.
Вчера остра реакција имаше и од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ кои велат дека со години се сведоци на илјадници вакви грозоморни настани во кои многу животни ги загубиле животите давејќи се во сопствената крв, а за кои институциите не реагираат. Бараат од МВР итно да ги санкционира сторителите.
„Секоја наша, секоја пријава на граѓаните за ваков тип на кривично дело никогаш не вродила со резултат, никогаш никој не бил фатен, никогаш никој не бил казнет. Бараме од вас веднаш да постапите и да преземете сè што е во ваша надлежност за овој и за сите слични вакви случаи на мачење, малтретирање и убивање животни. Вакво грозоморие, ваква монструозност не може и не смее да се занемари и секое занемарување на очигледното кривично дело само ја покажува вашата неспособност во очите на јавноста“,
се вели во објавата од „Анима мунди“.
ИЗВОР: 360stepeni.mk