Средномесечната температура на ниво на држава во декември 2022 година, во просек, била повисока за 3,4 целзиусови степени споредено со просекот од 1991-2020 година. Во последниве седум децении, пак, десет или помалку сантиметри снег на Маврово во декември, освен во 2022 година, имало уште само во шест години – 1958, 1959, 1972, 1985, 2006 и 2015
Со задоцнување од речиси месец и половина, конечно, започна туристичката сезона во најголемите зимски центри во Северна Македонија. По долготрајните високи температури и суши, викендов, снегот ги израдува љубителите на зимски спортови.
На околу час и половина возење со автомобил од Скопје, на падините на Шар Планина, се наоѓа најголемиот скијачки центар во земјава, Попова Шапка. Последните километри од патот најчесто се блокирани од автомобили, но при нашата посета на 17 јануари, тој беше празен. На паркингот кај центарот имаше автомобили, но голем број беа на вработените во околните хотелско-угостителски објекти. Кон почетните точки на ски-патеките се упативме со ратрак, бидејќи шесте ски лифта и трите жичници со кои располага центарот, сè уште не беа пуштени во употреба.
На ски-патеките се забележува снег, но иако е втора половина на јануари, тој не беше доволен за отворање на сезоната за љубителите на зимските спортови. Единствени што му се радуваа на снегот на патеките беа најмалите кои со санки се спуштаа од ниските брда и деца што учеа да скијаат.
На патот кон врвот нè придружуваше Адем Авзиу, директорот на „Елем турс“, којa стопанисува со скијачките и со дел од угостителските капацитети на Попова Шапка. Авзиу беше и во улога на наш возач и водич во овие предели.
Ски-сезоната на Шапка обично започнува на 15 декември. Но, годинава, вели Авзиу, поради високите температури и глобалното затоплување не можеле да почнат на време. Единствената добра вест беше што ноќта пред да дојдеме, паднаa првите пообилни снежни врнежи.
„Ноќеска имавме нов снег, нови снежни врнежи и ние цела ноќ, после еден часот, ги обработивме патеките за да можеме да ги искористиме новите снежни врнежи, за да бидеме спремни и подготвени за отворањето на сезоната за скијање“,
вели Авзиу.
На врвот снегот паѓаше посилно. Но, поради високите температури брзо и се топеше. Силниот ветер ги нишаше празните кабини на жичниците чии мотори не проработеле речиси една година.
„Ваква ситуација не се памети, дека имало вакво нешто во ски-центарот Попова Шапка. Нешто слично било во 2018-19 арно ама вакви касни врнежи на снег и неотворањето на скијачката сезона не се памети одамна во ски-центарот Попова Шапка“,
кажа Авзиу.
Како што заоѓаше сонцето, се ретчеше и бројот на туристи. Сите капацитети биле резервирани, но речиси и сите биле откажани поради недостатокот од снег.
Дека ситуацијата е далеку од добра, потврдуваат и локалните продавачи. Зекир Мисими веќе 20 години изнајмува скии, санки и сноуборди.
„Во минатото имаше снег, но и луѓе. Сега нема доволно снег, чим не работат ски-лифтовите значи дека нема ни луѓе. Доаѓаат луѓе, но се враќаат“,
вели Мисими.
Мисими не испрати со надеж дека најавениот снег ќе успее да ги привлече туристите и да спаси барем мал дел од скијачката сезона.
Два дена подоцна, на 19 јануари, тргнавме за Маврово. На влезот на населбата, наместо снег, нè пречекаа врнежи од дожд. Калливиот пат до скијачкиот центар беше знак дека годинава немало снег. Туристичкиот центар беше полупразен. Оние малкумина туристи можат да ги разгледуваат природните убавини на националниот парк, но не и да скијаат. Продавниците за изнајмување на скии одамна ги немаа отворено вратите за скијачите.
Искачувајќи се кон патките за скијање, се интензивираа и врнежите од дожд. На патеките, само на највисоките делови, има наврнато мала количина снег. На останатиот дел, онаму каде што вообичаено има снег во овој дел од годината, сега има кал… Жичницата подолго време не е во функција, а не работат ниту инфо-центарот ниту билетарницата.
Вработена: Да?
360: Ало, добар ден. Ски ресорт Маврово?
Вработена: Да?
360: Кажете ми, јас сум тука пред билетарницата, не работите?
Вработена: Па нее, не е време. Нема ни снег, нема ништо. Уште нема ништо, ништо не е отворено.
Годинашнава суша удри и по џебот на угостителите во Маврово кои не знаејќи што ги очекува, ги отворија вратите за туристите уште на 15 декември – кога и обично стартува зимската сезона.
„Се паметат можеби некои лоши сезони, меѓутоа како оваа досега искрено не. Дури сериозен проблем претставуваат и ниските температури коишто за инсталациите кои се поставени за вештачки снег, не можат воопшто да произведуваат“,
вели Даниел Симоноски од „Ресорт Маврово“.
Дека не станува збор само за впечатоци, ни потврдија од Управата за хидрометеоролошки работи.
Средномесечната температура на ниво на држава во декември 2022 година, во просек, била повисока за 3,4 целзиусови степени споредено со просекот од 1991-2020 година. Во последниве седум децении, пак, десет или помалку сантиметри снег на Маврово во декември, освен во 2022 година, имало уште само во шест години – 1958, 1959, 1972, 1985, 2006 и 2015.
За јануари е рано да се прават анализи бидејќи месецот не е завршен – ниту за научниците, ниту за угостителите.
ИЗВОР: 360stepeni.mk