„Мементо“ на Димитрие Османли дел од ретроспективата на Југословенскиот филмски црн бран во МОМА

August 23, 2023
4 mins read

Од 7 до 21 септември во Музејот на модерна уметност (МОМА) во Њујорк ќе се одржи ретроспектива на југословенскиот филмски црн бран насловена како „Од црн бран до бел зрак“. Селекцијата на репрезентативни филмови ја подготвија Мина Радовиќ, млад филмски критичар, кустос и архивист, како надворешен соработник, и Дејвид Кер, куратор во Одделението за филм во МОМА, а во соработка со кинотеките од регионов – Југословенската, Босанската, Македонската и Хрватската, како и со Словенечкиот филмски центар (https://www.moma.org/calendar/film/5607).

Покрај македонскиот МЕМЕНТО на Димитрие Рули Османли, во  рамки на оваа ретроспектива  ќе бидат прикажани уште 14 други наслови –  ТРИ (Александар Петровиќ, 1965), ПОНЕДЕЛНИК ИЛИ ВТОРНИК (Ватрослав Мимица, 1966), ЉУБОВНИОТ СЛУЧАЈ ИЛИ ТРАГЕДИЈАТА НА СЛУЖБЕНИЧКАТА ВО П.Т.Т. (Душан Макавејев, 1967), ТАНЦУВАЈЌИ НА ДОЖДОТ (Боштјан Хладник, 1961), ПЛАДНЕ (Пуриша Ѓорѓевиќ, 1968), КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ (Живојин Павловиќ, 1967), ПРАЗНИК (Ѓорѓе Кадијевиќ, 1967), СОБИРАЧИ НА ПЕРДУВИ (Александар Петровиќ, 1967), РОЈ (Миодраг Поповиќ, 1966), МАЛИ ВОЈНИЦИ (Бахрудин Ченгиќ, 1967), ЧУДНА ДЕВОЈКА (Јован Живановиќ, 1962), НЕ СЕ ВРАЌАЈ ПО ИСТИОТ ПАТ (Јоже Бабиќ, 1965),  СВЕТИОТ ПЕСОК (Мирослав Антиќ, 1968) и омнибусот ГРАД (Бабац / Павловиќ / Ракоњац, 1963).  

МЕМЕНТО е втор игран филм на Османли (1927, Битола – 2006, Скопје), еден од пионерите на македонската професионална и организирана филмска продукција. Во текот на својот работен век ги има снимено ЖЕД (1971) и АНГЕЛИ НА ОТПАД (1995), како и првата македонска филмска комедија МИРНО ЛЕТО (1961), а режирал и бројни ТВ и радио-драми, тв-серии, музичко-забавни емисии, театарски претстави, кратки филмови и репортажи. Автор е и на неколку сценарија, а неговиот краткометражен БУНТ НА КУКЛИТЕ (1957) минатата година беше прикажан на реномираниот фестивал Il Cinema Rittrovato во Болоња, Италија, како дел од програмата подоготвена од истиот Радовиќ кој стои зад циклусот на Југословенскиот црн бран во МОМА (https://kinoteka.mk/бунт-на-куклите-на-отворањето-на-фе/).

На веб-страницата на МОМА, за МЕМЕНТО на Османли ќе напишат дека филмот „…зборува за совеста и се карактеризира со една од најдобрите монтажи некогаш изведени на целулоидна филмска лента“, како и дека силно потсетува на делата на францускиот филмски мајстор Алан Рене. „Земајќи го земјотресот како појдовна точка за критички размислувања за различни прашања како што се Холокаустот, нуклеарните катастрофи и Виетнамската војна – МЕМЕНТО претставува калеидоскоп на 20-иот век, а воедно и лична потрага по мир во овој бурен свет“ (https://www.moma.org/calendar/events/8983).

Филмот е снимен во 1967 година, вдаховен од „Рапсодијата за Скопје“ за пијано и симфониски оркестар (1966) на композиторот и диригент Александар Џамбазов. Токму со ова музичко дело треба да настапи и германскиот диригент Вили Милер, еден од главните ликови во филмот, кога се враќа во Скопје неколку години по земјотресот. Повторно се среќава со Јана, која ја запознал како студентка и некогаш со неа поминал убави и безгрижни денови запознавајќи го градот. Ќе се испостави дека заминал ден пред да се случи земјотресот и воопшто не знаел за судбината и семејната трагедија на неговата пријателка. Сега, кога се среќаваат по неколку години, нивните разговори се исполнети со реминисценции кон минатото, со размислувања за смислата на постоењето, за личните и светските трагедии. За сопствената и за болката на целиот свет, за „мрачната страна на човечкото искуство“.

Таа „нездрава фиксација за мрачната страна на човечкото искуство“ карактеристична за дел од разбрануваната кинематографија на 1960-тите, како што стои во пропратниот текст на МОМА за ретроспективата на Југословенскиот црн бран, била инсипрација и за создавањето на самиот термин – „црн бран“.  Филмовите кои во киносалите, на филмското платно пред публиката ги извадиле забранетите теми како отуѓувањето и очајот, војната и страдањето, социјалната мизерија и ниските страсти, бунтовништвото и анархијата, безделничењето и безидејноста, во кои идологијата е отфрлена а дубиозата е сеприсутна – тие филмови биле оспорувани, оцрнувани, понекогаш и цензурирани и забранувани – не само од режимот туку и од тогашната филмска критика. Но во меѓународната сфера останале запаметени, нивната порака била примена, и оваа ретроспектива е обид тие наслови повторно да го добијат заслуженото внимание и место во рамките на светската кинематографија.

МЕМЕНТО пред нецел месец, токму на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, ја имаше својата втора премиера, односно премиерна проекција на дигитализираната копија на филмот во рамки на програмата на од третото издание на „Сезона на филмски класици“ – проект во реализација на Европската асоцијација на кинотеки (ACE – Association des Cinémathèques Européennes), а финансиран од програмата MEDIA на Европската комисија. Кинотеката на РС Македонија четврта година по ред партиципира со македонски филмови во оваа програма, а оваа година со средства од  истата програма е финансирана и дигитализацијата на МЕМЕНТО (https://kinoteka.mk/проекција-на-мементо-како-дел-од-сезон/).

Интересно е што домашната јавност веднаш забележа дека МЕМЕНТО во МОМА ќе се прикажува токму на денот кога се паѓа 22-годишнината од тамошната – њујоршката трагедија, односно уривањето на двете Кули близначи во терористичкиот напад што се случи на 11 септември 2001 година. Втората проекција на филмот, пак, ќе се одржи на 16-ти септември.

Пред пет години, во есента 2018 година во истиот музеј се одржа и ретроспектива на филмовите на режисерот и директор на фотографија Карпо Година – во програмата претставен како „half Slovenian, half-Macedonian filmmaker“ – чие творештво е исто така тесно поврзано и испреплетено со југословенскиот црн бран. Можеби затоа и неговото име отсуствува од овој понов циклус кој претстои во септември.

Во истиот период, паралелно со циклусот на Година, проекти од македонските архитекти и уметници Георги Константиновски, Јанко Константинов, и Јордан и Искра Грабул, како и макети од „идното“ Скопје на Кензо Танге беа изложени во МОМА како дел од изложбата „Бетонска утопија: Архитектурата во Југославија, 1948-1980“.

Неколку месеци подоцна, во април 2019 година и МЕДЕНА ЗЕМЈА (2019) на Котевска и Стефанов  имаше две проекции во една од киносалите на МОМА, во рамките на 48-то издание на њујоршкиот фестивал „New Directors / New Films” посветен на авторите во подем.

Се надеваме дека македонската кинематографија и култура ќе го фатат ова темпо и во иднина почесто ќе бидат присутни во годишните програми на овој значаен и престижен американски музеј. МЕМЕНТО, во овој случај, може да ни биде ѕвезда-водилка која веќе ни го покажува патот до таму – преку добро осмислени и конципирани филмски програмски пакети кои достојно ги презентираат и нашите филмски автори и домашната кинематографија.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ИЗВОР: republika.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Маричиќ: Работиме на тоа да се дојде до уставни измени

Следно

Под слоганот „Ние сме Европа“, власта почнува кампања со која ќе информира за придобивките од членството во ЕУ

Latest from Blog

Зеколи Шаќири: Знамето е највисок симбол на националниот идентитет и достоинство и како такво заслужува целосна почит од сите

Заменик министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири се огласи по вчерашните инциденти при прославите на денот на албанското знаме. Таа изразува длабоко жалење и загриженост за оштетувањето на знамето на Република Македонија.

Уапсени осум лица, еден малолетник – реакции по синоќешните инциденти со палењето знамиња

Осум лица се уапсени по синоќешните инциденти за време на прославата на Денот на албанското знаме, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според него уапсените се наоѓаат во полициска станица и

МИ ПУКНА КОПЧЕТО ОД ЉУБОВ, РЕЧЕ СИМОН ТРПЧЕСКИ НА СЛАВЕНИЧКИОТ КОНЦЕРТ ЗА 80-ГОДИШНИНАТА НА ФИЛХАРМОНИЈАТА

Овации и неколку враќања на бис имаа Симон Трпчески и оркестарот на Филхармонијата на синоќешниот славенички концерт „80 години –Љубов!“. Концертот почна со светската премиера на импресивното дело „Куклици“ од македонската композиторка
Go toTop