Ковачевски ги образложи уставните измени: Ако се гласа „против“, тоа е поради личен интерес, гласот „за“ е за ЕУ

3 mins read

Премиерот смета дека предлогот за вметнување на Бугарите во Уставот и на уште неколку етнички заедници е поради зајакнување на правата на заедниците, поради усогласување со копенхашките критериуми за членство во ЕУ, а во согласност со уставната традиција на Македонија започната уште со Крушевската Република.

Ковачевски повика на разум и упати апел до пратениците добро да размислат бидејќи пред нив е најважниот политички избор – со една одлука да одредат дали ќе бидеме сите победници или сите губитници

Ова е шанса земјата да ја внесеме во Европската Унија и дома да донесеме европски квалитет на живот, рече премиерот Димитар Ковачевски во образложението на уставните измени, кон чие пристапување денеска отпочна процедурата пред Комисијата за уставни прашања.

Димитар Ковачевски – претседател на Влада на РС Македонија

„Република Северна Македонија денеска има неповторлива шанса да го направи клучниот чекор за да продолжи по европскиот пат, а потоа во забрзан процес, во следниве неколку години, да стане членка на Европската Унија. Уставните измени што се пред вас не загрозуваат ниту едно македонско идентетско прашање. Тоа е целосно јасно и прецизно и тоа е цврст став. Воедно, предлогот ги поддржува и интензивира процесите кон целосна интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. Затоа граѓаните нема за што да бидат загрижени, а на нас како одговорни носители на јавни функции е обврската тоа добро да го објасниме и да носиме мудри одлуки што носат перспективи, а нема да ја заглават државата во нова долгогодишна изолација“,

рече Ковачевски.

Тој потенцира дека сега се на ред пратениците кои следните неколку недели ќе покажат кој мисли на себе, а кој за интересите на граѓаните и на државата.

„Не треба да ја пропуштиме оваа шанса. Еднаш тоа се случи кога се одвоивме од Хрватска. А дали тоа пак ќе се случи, вие ќе одлучите. Европските претставници предупредуваат дека постои ризик за одвојување на Северна Македонија и Албанија, ако пред крајот на годината не се усвојат уставните измени. Тоа значи дека тие не се диктат туку дел од преговарачката рамка со ЕУ. На првото гласање, ќе се види кој за кого гласа, посочи премиерот. Според него, ако се гласа „против“ тоа е поради личен интерес, а „за“ е глас за ЕУ. Верувам дека овој парламентарен состав има демократски капацитет за автентични демократски одлуки, кои ќе ја постават Северна Македонија на европскиот пат. Најважниот политички избор ќе го направи овој парламентарен состав – или ќе бидеме сите победници, или сите губитници, без разлика на изборниот резултат идната година. Овде не сум да убедувам, овде сум за да посочам на стратешката шанса и да повикам на разум“,

истакна Ковачевски.

Според него, никој не треба да стравува од предложените уставни измени бидејќи тие на никаков начин не допираат во идентитетските прашања, а ќе придонесат да покажеме дека сме посветени на градење добрососедски односи.

„Водејќи мудра политика успеавме во целост да ги заштитиме македонскиот јазик и идентитетот. Уставно-правната поставеност и традиција на Македонија во која се афирмира јазичниот, верскиот и културниот идентитет на сите заедници во нашата земја започна уште во државно правните традиции наведени во Крушевската република и во одлуките на АСНОМ. Предлогот за вметнување на Бугарите во Уставот и на уште неколку етнички заедници е поради зајакнување на правата на заедниците, поради усогласување со копенхашките критериуми за членство во ЕУ, а уставната традиција на Македонија е започната уште со Крушевската република. Нашата земја денес е вистински пример за функционална мултиетничка демократија и преку уставните акти ние сме општество кое гарантира еднакви права на сите заедници. Со тоа што развиваме еднакво општество за сите граѓани, сме препознаени од Европа и сме Европа на мало. Отттука обврската преземена во рамки на преговорите со ЕУ е исклучиво со уставните традиции“,

рече тој.

Во својот говор се осврна и на европските фондови до кои пристап ќе има Македонија. Пратениците ги убедуваше да гласаат и да ги донесат измените бидејќи ќе се отворат големи фондови кои ќе донесат просперитет за државата.

„Покрај придобивките, мора да ги имаме и пораките од нашите стратешки партнери. Од ЕУ пораките се дека пристапните преговори ќе запрат ако уставните измени не поминат, и дека другите земји ќе одат напред, а нашето членство ќе биде одложено. Тука е укажувањето дека ако Северна Македонија одлучи против уставните измени и се тргне од патот кон ЕУ, тоа ќе биде многу загрижувачки чекор за членките на НАТО и ќе има влијание врз односите со САД“,

кажа Ковачевски.

При утврдувањето на дневниот ред, десет пратеници гласаа „за“ и седум „против“, без воздржани, со што почна процедурата за измена на Уставот.

Според член 196, став 2 од Деловникот за работа на Собранието, претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања трае најмногу десет работни дена. Член на Комисијата за уставни прашања и пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно. Според соопштението од Собранието, со оглед на тоа што 2 Август е неработен ден, а за 27 јули веќе е закажана седницата за пратенички прашања, се очекува работата на Комисијата за уставни прашања да заврши меѓу 7 и 9 август.  

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Касетната лицемерност на нео-либералите

Следно

Украина: Жените во најголем број на воената обука во Киев

Latest from Blog