Не дозволувајте Украина да влезе во НАТО

July 10, 2023
4 mins read

Дипломатскиот притисок што Украина моментално го врши не е само колку за галама, туку нејзината желба да биде дел од НАТО се очекува да биде централен дел од дебатата која ќе се води на НАТО самитот во Вилнус.

Самото тоа што влегувањето во НАТО доаѓа со ветување од Алијансата дека сите сојузници ќе се борат и ќе загинат еден за друг „подразбира многу реална можност за војна (вклучително и нуклеарна војна) со Русија“.

„Токму можноста за ваков конфликт и неговите разорувачки последици се главна причина зошто САД и другите НАТО членки се трудат да не бидат подлабоко вовлечени во војната во Украина.

Украина не треба да биде примена во НАТО и ова е нешто што американскиот претседател Џо Бајден треба јасно да го каже. Отпорот на Киев на руската агресија беше херојски, но во крајна линија државите треба да го прават она што е во нивен интерес. А тука, безбедносната корист за САД од приемот на Украина избледува во споредба со ризикот од нејзиното внесување во Алијансата.

Приемот на Украина во НАТО ќе ја зголеми веројатноста на ужасен избор меѓу војна со Русија и разурнувачките последици поврзани со неа, или повлекување и девалвирање на безбедносните гаранции од НАТО на ниво на целата алијанса,“ пишуваат Џастин Логан и Џошуа Шифринсон во текстот за Форин полиси.

Во 2008 на самитот во Букурешт тогашниот американски претседател Џорџ Буш ги изненади речиси сите кога повика Грузија и Украина да се приклучат кон алијансата. Тогаш голем број ЕУ членки на НАТО ја отфрлија идејата заради страв од последиците од руската реакција. Компромисот тогаш беше НАТО да објави дека овие држави еден ден ќе станат членки, без да каже кога и како тоа ќе се случи. Дури и во таква форма, потенцијалното идно проширување беше прогласено за закана од Путин.

Четири месеци подоцна, Русија изврши инвазија на Грузија и уште држи дел од териториите што тогаш ги освои. Во 2014 Русија го анектираше Крим.

„Руското однесување е насилничко, нелегитимно и опасно. Без разлика, тоа го нагласува суштинскиот проблем: дури и додека НАТО останува формално посветен на украинското (и грузиско) зачленување, дополнително проширување на НАТО во области што Москва ги смета за уникатно клучни за нејзината национална безбедност значи кружење околу војна со Русија,“ порачуваат авторите.

Нивната процена е дека до денешен ден поборниците за дополнително американско и НАТО инволвирање во Украина не успеале да разјаснат кој американски стратешки интерес е во прашање. Администрацијата на Бајден аргументира дека ако диктатор не плати за цената на својата агресија, тоа ќе продолжи со агресија. Авторите пак сметаат дека Русија веќе има платено висока цена, од воен пораз на руската војска до понижување на Путин. Нивното очекување е дека на Русија ќе и треба една деценија за да ја обнови својата војска, а дека Путин можно е никогаш да не закрепне од бунтот на Пригожин.

Логиката дека Украина мора да биде примена во НАТО заради безбедноста на Европа, подразбира дека ако Путин не биде запрен, тогаш тој секако ќе удри по веќе постоечки членки на НАТО.

Приемот на Украина не е во корист ниту на децениската политика на САД кон Европа, кои од Првата светска војна гледаат да спречат една држава да доминира со континентот.

„Денес, дури и Русија некако да го порази Киев, таа нема да биде на пат да ја контролира Европа. Русија да ја анектираше Украина без еден испукан куршум, нејзиниот БДП би пораснал за 10%, правејќи го нешто поголем од италијанскиот.

Секако, Русија така би го освоила второто по важност пристаниште на Црното море, но и понатаму би останала послаба од европските членки на НАТО.

За среќа, Русија нема да ја освои Украина. Нејзината воена кампања е срам, а војната покажа дека руската армија е помалку од бледа сенка на советската. Идејата дека Русија може да претставува сериозна закана за Полска, а камо ли Франција или Германија е надвор од паметот. Искомбинирај го ова со американскиот нуклеарен арсенал и Атланскиот океан, и на човек му е јасно дека придобивките за Вашингтон од внесувањето на Украина во НАТО се ограничени,“ објаснуваат двајцата автори.

Една од нус-појавите од одбраната на Украина е што херојството на Украинците покажа дека дури и да не е дел од НАТО, земјата секако ќе служи како одбранбен бедем од руска инвазија на источното крило на Алијансата.

Проблем со приемот е членот пет од спогодбата за основање на НАТО, според кој напад на еден член на НАТО е ист како напад врз сите членки. Членот главно се толкува како гаранција на САД дека ќе влезе во војна во име на кој било сојузник од Алијансата.

Во случајот со Украина тоа би значело директен судир со Русија, бидејќи речиси е сигурно дека каков мировен договор и да се потпише Украина и понатаму ќе има нерешени внатрешни проблеми со руското малцинство и Русија.

Моментално во САД речиси и да нема политичка волја за каков било директен судир со Русија, а шансите за тоа само повеќекратно би се намалиле кога на власт би дошле републиканците, кои се изразито против жртвување на американски животи за Украина. Во исто време од Путин па надолу, секој руски политичар порача дека смета дека Русија треба да се бори за Украина, дури и ако се плаќа голема цена. Ваквото расположение на двете страни и неволноста на САД да тргне во војна за Украина, значително би го девалвирало членот 5, и општо тежината на НАТО како воена алијанса.

Стравот на авторите е дека и трошокот за одбрана на Украина би паднал на грбот на САД, кој и пред војната имаше проблем да ги покрие постојните потреби на Алијансата. Ова посебно се влошува откако на Вашингтон почна да му врие уште едно потенцијално жариште во Азија.

„Овие трошоци може да се надујат заради перверзните инцијативи што нудењето влез на Украина во НАТО ги создава за Москва. Русија се покажа дека е волна да се бори околу идната стратешка ориентација на Украина, но САД и другите не го покажаа тоа. Москва го знае ова. Трагично, но нудење пат на Украина за влез во НАТО и дава причина на Русија да продолжи да ја води војната колку е можно подолго за да избегне создавање услови во кои Украина може да го почне патот кон НАТО членство…

…Желбата на Украина за членство во НАТО е разбирлива. Сосема е логично за држава која е окупирана од посилниот сосед да бара помош од надворешна сила. Сепак, стратегијата е избор, а изборот што денес го има САД е јасен. Во најголемиот дел од пост-Студената војна, САД можеа своите меѓународни активности да ги шират со релативно низок трошок и ризик. Тие околности повеќе не постојат…

…Наместо да се даваат сомнителни ветувања кои претставуваат голема опасност а нудат малку за возврат, САД би требале да прифатат дека е крајно време за да се затвори вратата на НАТО за Украина,“ порачуваат Логан и Шифринсон.

ИЗВОР: off.net.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Лидерот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин и Владимир Путин оствариле средба пет дена по неуспешниот пуч

Следно

Столтенберг: Ја поддржувам волјата на Туркије да стане членка на ЕУ

Latest from Blog

Зеколи Шаќири: Знамето е највисок симбол на националниот идентитет и достоинство и како такво заслужува целосна почит од сите

Заменик министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири се огласи по вчерашните инциденти при прославите на денот на албанското знаме. Таа изразува длабоко жалење и загриженост за оштетувањето на знамето на Република Македонија.

Уапсени осум лица, еден малолетник – реакции по синоќешните инциденти со палењето знамиња

Осум лица се уапсени по синоќешните инциденти за време на прославата на Денот на албанското знаме, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според него уапсените се наоѓаат во полициска станица и

МИ ПУКНА КОПЧЕТО ОД ЉУБОВ, РЕЧЕ СИМОН ТРПЧЕСКИ НА СЛАВЕНИЧКИОТ КОНЦЕРТ ЗА 80-ГОДИШНИНАТА НА ФИЛХАРМОНИЈАТА

Овации и неколку враќања на бис имаа Симон Трпчески и оркестарот на Филхармонијата на синоќешниот славенички концерт „80 години –Љубов!“. Концертот почна со светската премиера на импресивното дело „Куклици“ од македонската композиторка
Go toTop